1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

г.г. Стефан: Да опстоиме во верата за да постоиме

ДТЗ
29 јуни 2023

Само од македонското образование е избркан Господ, порача поглаварот на МПЦ, Стефан на протестот во Скопје. Тој ги критикуваше реформите во образованието и побара да престане „сексуализацијата на најмладите“

https://p.dw.com/p/4TFCK
г.г. Стефан, протест МПЦ-ОА Скопје
Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г Стефан упати бројни критики против родовата еднаквостФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г Стефан на собирот против законите за родова еднаквост и матична евиденција пред Соборниот храм во Скопје упати остри критики кон невладините организации, кон законските решенија кои смета дека не носат ништо добро, но и кон образовниот систем во земјата и  „сексуализацијата на најмладите“. 

Истакнувајќи дека жената е столб на семејството и на општеството, поглаварот на МПЦ им порача на невладините организации дека никој нема потреба да ја ослободува жената, затоа што таа во „црквата ја доживува својата комплетна слобода“.  

„Жените во Македонија верувам не сакаат лажна еднаквост и лажни права и не сакаат да бидат ослободувани од црквата, оти во неа ја живеат својата вистинска слобода. Црквата е преполна со смели, самостојни, успешни и реализирани жени кои во црквата доаѓаат радосни и слободни и во неа гледаат сигурно засолниште во овој заразен бунт“, рече г.г Стефан пред неколку илјади граѓани кои се одзваа на повикот на верските заедници за протест. 

Протест МПЦ-ОА Скопје
Неколку илјади граѓани кои се одзваа на повикот на верските заедници за протест.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ни се наметнува род“ 

„Ни се подметнува поимот род, кој е свесно избран оти во нашиот поим е сфаќање има убав контекст но тој не носи ништо добро. Вистината секогаш ослободува, таа никогаш не покорува и не заплашува. Вистината нема потреба да граби за морална супериорност, искористувајќи ги жените и децата за да биде прифатена, како што тоа го прави Истанбулската конвенција. Сакаат да ни наметнат нешто што ќе ја повреди токму жената која е што е столб на семејството и на општеството. Затоа и денес сме собрани јасно и гласно да ја кажеме вистината наспроти професионалните експерти за менување тези, кои се занимаваат со се, само не со заштита на женските права“, вели поглаварот на МПц, кој рече дека невладините организации влегле и во државните институции, „па пишуваат и закони, насилно против волјата на црквата“. 

Целта, вели г.г Стефан, е да ја присилат црквата да зборува со јазикот на некој светски поредок кој им е спротивен на светите отци и евангелие“. 

Протест МПЦ-ОА Скопје
Поглаварот на МПЦ рече дека активистите од невладините организации влегле и во државните институции, „па пишуваат и закони, насилно против волјата на црквата“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Да опстоиме за да постоиме“ 

Поглаварот на македонската црква, на протестот пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, придружуван од Синодот на МПЦ, побара поддршка од сите верски заедници „да опстојат во борбата за одбрана на семејството“. 

„Да опстоиме за да постоиме“, рече г.г. Стефан. Тој оцени дека и кога најдобронамерно ќе кажат нешто - се обидуваат да ги замолчат со секуларниот карактер на државата. „Секуларноста на државата секогаш толкувајќи ја спротивно на Уставот, во кој црквата и останатите верски заедници имаат свое место и загарантирани права. Секуларно општетство не значи и безбожно општество“, рече г.г. Стефан. Според него, црквата нема ништо против секуларниот менталитет на секој човек, но тоа не значи дека црквата треба да биде исклучена од општествениот живот.

Поглаварот на МПЦ-ОА ги критикуваше и образовните реформи во Северна Македонија. Тој вели дека се трасира пат за родово сензитивно образование и повика да престане сексуализацијата на најмладите, кои преку летоци се запознаваат со хомосексуалноста.  

протести МПЦ-ОА Скопје
Црквата ги повика граѓаните да не потпаѓаат на провокацииФотографија: Petr Stojanovski/DW

„До кога децата ќе учат од учебници кои се диктираат од други држави и од други центри“, праша Стефан, кој смета дека е потценето верското образование, но и црквата. 

„Само од македонското образование е избркан Господ. Ете таков ни е односот кон верата и бога. Но, најголемиот дар божји токму е слободата. Робови на луѓе не можеме и нема да станеме, особено не тогаш кога се отвара пат за нови вери и нови богови кои во одредени свои постапки се однесуваат тоталитаристички. Верата ќе опстои“, порача г.г Стефан пред верниците во Скопје. 

протест МПЦ-ОА
„До кога децата ќе учат од учебници кои се диктираат од други држави и од други центри“, вели г.г Стефан, кој смета дека е потценето верското образование, но и црквата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Под мотото „Имаме должност“, МПЦ-ОА денеска одржа сенароден собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција за кои вели дека се сериозна закана за општеството.

Неколку часа претходно, епископот Јаков Стобиски, преку видеообраќање ги повика оние што ќе бидат дел од протестот да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации од организации и луѓе кои „перманентно и систематски го поткопуваат општеството и вредносниот систем“.