1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Доаѓаат тешки години

БГ
28 октомври 2022

Германскиот претседател Штајнмаер ја опиша руската агресија врз Украина како „епохален прекин“. Во обраќање до нацијата, тој предвиде дека доаѓаат тешки години и апелираше на „отпорниот дух“ на Германците.

https://p.dw.com/p/4Inzt
Франк-Валтер Штајнмајер Германија
Германскиот претседател Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

Германскиот сојузен претседател ги подготвува Германците за тешка иднина, како последица на војната во Украина. „Доаѓаат тешки години“, рече Франк-Валтер Штајнмајер во своето обраќање до нацијата кое траеше околу 45 минути.
Тој го опиша 24 февруари, денот кога Русија ја нападна Украина, како „крај на една епоха“. Според Штајнмајер, Германија е во најтешката криза од повторното обединување. Годините пред 24 февруари за Германија беа „години со ветар в грб“ во кои земјата профитираше. Но, „дивидендите на мирот се потрошени и за Германија почнува епоха со ветар в лице“, рече тој. 

Путин не игра според правилата 

Говорот на Штајнмајер беше насловен како „Зајакнување на она што не спојува“ и беше посветен на војната во Украина. Претседателот на почетокот говореше за тоа како самиот ја доживеал војната во текот на неодамнешната посета на Украина кога, меѓудругото, и самиот мораше да се засолни во бункер во текот на воздушни напади. 
Премногу се потпиравме на мирот, рече Штајнмајер. Германија, вели тој, играше согласно правилата, а Русија- не. „Путин не само што не играше според правилата, туку ја турна и шаховската табла“. Рускиот претседател ги доведе во прашање границите, тој се обидува да ја подели Европа, оценува Штајнмајер.
Тој нагласи дека и демократијата е дел од критичната инфраструктура. „Можеме да ја заштитиме само ние самите“, порача германскиот претседател и додаде дека за заштита на демократијата се потребни граѓани кои можат да пружат отпор. 

Штајнмајер Киев Украина
Штајнмајер во бункер во КиевФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Натамошна поддршка на Украина 

Штајнмајер најави дека ќе ја поддржува Украина „сѐ додека тоа биде потребно“, финансиски и политички. Освен тоа, има волја да се помогне и во реконструкцијата. А што се однесува до Русија, според него, нема друг пат освен санкциите. „Не живееме во идеален свет, живееме во судир. А за тоа ни се потребни инструменти“. Што се однесува до иднината, германскиот претседател вели дека во Украина не би требало да завладее лажен мир. Такво нешто, рече тој, „само ќе ја засили гладта на Путин“, а соседните земји на Русија ќе живеат во страв. Затоа, брзиот и неправеден мир не е решение, смета Штајнмајер. 

Од Германците се бара „дух на отпор“

Покрај за војната во Украина, германскиот претседател зборуваше и за другите кризи, дел од кои се глобални: тензиите со Кина, климатските промени, глад во светот... Светот се потпира на меѓународната соработка, нагласи Штајнмајер, а што се однесува до климатските промени, вели дека е загрижен поради тоа што тој предизвик премногу се турка во втор план. Климатските промени „не прават пауза поради војната во Украина“, рече тој. 
Во исто време, Штајнмајер смета на „духот на отпор“ на Германците. Фокусот, рече тој, треба да се насочи на она што е неопходно во оваа ситуација.
Во претстојните години, Германија може да се потпре на моќта и силата која ја разви во изминатиот период. Земјата е економски силна, има добра наука, силни компании, ефикасна држава, како и голем и силен општествен центар. 
Кон тие сили, кои и досега и помагаа на Германија, мора нешто и да се додаде: „Мораме да станеме способни за судири, како одвнатре, така и нанадвор. Потребна ни е волја да се самопотврдиме и сила да се самоограничиме“. Како една од силите на тој отпор, Штајнмајер го наведе и добро опремениот Бундесвер. Според него, Германија сериозно ја сфаќа својата посветеност на НАТО, што го покажуваат и најновите одлуки на сојузната влада. 
На обраќањето на Штајнмајер до нацијата од палатата Белви, во публиката беа лидерот на опозициската ЦДУ, Фридрих Мерц и украинскиот амбасадор во Берлин, Олексиј Макејев.
Но, недостасуваа членовите на владата. Не се појавија канцеларот Олаф Шолц, министрите, како ни претседателката на Бундестагот, Бербел Бас, сите од неговата некогашна матична партија- СПД. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема