1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АРД за Северна Македонија: Вечна потрага по идентитетот

Ане Тилак (АРД)
22 април 2023

Прво спорот за името со Грција, сега треба да ги реши тензиите со Бугарија. Идентитетот на малата земја и потрагата по него се постојана тема – репортажа на германскиот јавен сервис АРД.

https://p.dw.com/p/4QRC8
Скопје, Северна Македонија
Центарот на Скопје, Северна МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

На кавги со соседите малата западнобалканска земја веќе е навикната, но односите на Македонците со Бугарите сега достигнаа нова најниска точка.

Од Република Северна Македонија со нејзините околу 1, 8 милиони жители, се бара да ги внесе во уставот правата на околу 3500 луѓе, колку што брои бугарското малцинство. Темата одамна предизвикува поларизации, но тензиите меѓу националните групи во минатите месеци нараснаа.

Напади врз малцинствата

На крајот на минатата година беа извршени напади врз два бугарски клуба во Северна Македонија, во февруари следеше напад со камења врз македонска организација во бугарскиот град Благоевград.

Млад политичар, кој себеси се смета за бугарски Македонец, беше претепан и пренесен во Бугарија, на барање на бугарскиот претседател Румен Радев, кој истакна дека Бугарија нема да толерира насилство, врз своите граѓани во Северна Македонија.

Северна Македонија мораше да поднесе жртви

ЕУ е таа која најмногу притиска да се реши етничкиот спор со Бугарија, зашто од летото 2022 година се во тек преговори за пристап во Европската унија. За воопшто да дојде предвид како кандидат за пристап кон ЕУ, Северна Македонија мораше да поднесе жртви.

Масивниот притисок на соседот Грција ја натера земјата да го смени своето име од Македонија во Северна Македонија, со оглед што Грција од историски причини пројавуваше аспирации врз името Македонија.

ВМРО ДПМНЕ на протест против отстапки кон Бугарија
ВМРО ДПМНЕ на протест против отстапки кон БугаријаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Националистите се против отстапки

Но, во спорот околу внесувањето на правата на бугарското малцинство во уставот, од Социјалдемократите предводената влада во Скопје се наоѓа под масивен внатрешнополитички притисок, зашто измената на уставот е спорна во земјата.

За постигнување на потребното двотретинско мнозинство во Парламентот, потребни се и гласовите на опозицијата, но националистичката партија ВМРО ДПМНЕ се позиционира против уставните измени, креира расположение против бугарското малцинство и ги закарува меѓусебно двата соседни народи. 

64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ

Марјан Ивановски со загриженост ја следи актуелната дебата. На еден пазар во Скопје тој продава зеленчук од сопствено производство, неговиот работен ден трае 14 часа, се` за неговиот син, вели тој. Ивановски е за уставни измени, смета дека неговата земја треба да направи се` што би го забрзало приклучувањето кон ЕУ и притоа во вид ја има младата генерација.

Мнозинство од граѓаните сакаат влез во ЕУ, но расположението опаѓа
Мнозинство од граѓаните сакаат влез во ЕУ, но расположението опаѓаФотографија: Government of North Macedonia

Моментално 64 проценти од Македонците се изјаснуваат за пристап кон ЕУ, но согласноста се намалува, тоа е четири проценти помалку отколку во 2021 година. Многумина имаат впечаток дека земјата дава жртви, но не е наградена за напорите.

Земјоделецот Ивановски се лути што бугарскиот претседател повторно го подгрева конфликтот меѓу Бугарите и Македонците. „Тоа е бугарската политика уште од Балканските војни, кога Бугарите се бореа со Србите за да ја анектираат Македонија“, вели тој. Бугарија постојано има тенденција да ја анектира Македонија. „Но, сега тоа е поочигледно. Тие тврдат дека луѓето во Македонија се Бугари, но ние сме Македонци“, вели земјоделецот.

Обид за поврзување со историска Македонија

Идентитетот на земјата и потрагата по него се постојана тема. Гигантскиот проект Скопје 2014 имаше цел да го зајакне чувството на самодоверба на Македонците и да воспостави врска со античката Македонија на Александар Велики.

Објекти, споменици, па дури и бродови копирани од антиката сега даваат печат на сликата на градот. Но, претераниот кич, кој проголта огромни суми пари, сега веќе добива пукнатини и не може да предизвика затворање на очите пред актуелните проблеми.

БДП е една петтина од просекот во ЕУ

Економскиот развој на Северна Македонија во изминатата деценија одеше во позитивна насока, но бруто домашниот производ по глава на жител во 2021 година изнесуваше само околу една петтина од просекот во ЕУ. Пандемијата на коронавирус и сегашната економска криза силно ја погодија кревката економија на Северна Македонија, инфлацијата се движи околу 18 проценти.

Бројни млади луѓе ја напуштаат и натаму земјата. Земјоделецот Ивановски сака да го убеди својот син да остане, а негов најдобар аргумент е претстојното членство во ЕУ, на кое тој се надева: „Би сакал да станеме членка на ЕУ. Но, тоа не зависи од нас. Не можеме да очекуваме од ЕУ да не` храни, а од НАТО да не` брани. Ние сме народ научен на напорна работа, но немаме добри политичари.“ Ивановски очекува од политиката да ги реши проблемите, исто како и конфликтот со Бугарија.

Критика на условите за пристап кон ЕУ

До крајот на годинава треба да се гласа за уставните измени. Само ако бугарското малцинство биде внесено во уставот на Северна Македонија, преговорите со ЕУ можат да преминат во следната рунда.

Критика на оваа постапка доаѓа од експерти, како историчарот Улф Брунбауер од Институтот Лајбниц за источноевропски истражувања од Регенсбург. Тој го смета за „случај на опасен преседан“ кога билатерален спор за прашања кои немаат врска со приемните критериуми, станува составен дел од пристапните преговори. На овој начин, вели тој, широко се отвора вратата за уцени од членки на Европската унија кон земјите аспиранти за прием.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи