1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драстичен пад на прометот во германската трговија на мало

ЖА / агенции
1 август 2022

Потрошувачката во Германија назадува, дури и купувањето преку интернет, кое досега профитираше од пандемијата. Уште позагрижувачки – се чини дека претстојат уште полоши денови

https://p.dw.com/p/4ExTk
 Inflation steigt auf 7,9 Prozent! .
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Германските трговци на мало ја завршија првата половина од годинава со најсилен пад на прометот во изминатите 28 години. Причина се високата инфлација,  кризата со коронавирусот  и  војната во Украина.

Прометот во јуни, реално (ако се одземе стапката на инфлација) е помал за 8,8 проценти во споредба со периодот една година претходно, како што соопшти денеска Сојузната служба за статистика. 

„Ова е најголемо назадување во однос на месецот од претходната година од 1994 година наваму“, се вели во соопштението. Номинално, без земање предвид на инфлацијата, намалувањето на прометот изнесува 0,8 проценти.

„Разликата меѓу номиналниот и реалниот резултат го отсликува високиот пораст на цените во трговијата на мало, што значително влијае врз потрошувачката клима“, објаснуваат статистичарите.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Економистите прогнозираат натамошни тешки времиња за трговијата на мало. „Ова не е последната лоша вест поврзана со консумирањето. Поради мизерното потрошувачко расположение кај граѓаните, можен е натамошен пад на консумирањето. Потрошувачите водат битка со  големи реални загуби во нивните примања.  И  растечките цени на гасот  ќе земат свој данок. Дното во потрошувачката уште не е допрено“, истакнува Александер Кригер, главен економист на приватната банка Хаук Ауфхојзер Лампе.

И во споредба со претходниот месец оваа година, има пад на прометот: со земање предвид на инфлацијата, приходите се намалиле за 1,6 проценти споредено со мај. Тоа е изненадувачки, зашто економистите предвидуваа всушност мал пораст од 0,2 проценти.

Потрошувачите трошеле 1,6 проценти помалку за купување на прехранбени производи, кои споредено со јуни 2021 година, поскапеле за речиси 12 проценти. Негативно влијание врз  трговијата со храна на мало  секако имаат и почестите посети на граѓаните на ресторани по укинувањето на рестрикциите поради коронавирус  – прометот во гастрономијата во мај се зголемил за 8,6 проценти во однос на претхдниот масец.

Трговијата со текстил, облека, обувки и кожни производи не успеала да го продолжи позитивниот тренд од почетокот на годината и во јуни бележи пад од 5,4 проценти во однос на претходниот месец.

Воочлив минус има дури и кај интернет трговијата, која цутеше во екот на пандемијата на коронавирус. Со намалување од 15,1 процент во споредба со јуни 2021 година, и овде е регистриран најсилниот минус во однос на споредбениот период од 1994 година наваму.