1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската полиција се уште трага по избеганата лавица

БГ /дпа
21 јули 2023

Германската полиција и пожарникари се во потрага по лавица од четвртокот наутро. По дивото животно се трага со хеликоптери, дронови и топлински камери. Ангажирани се стотици полицајци во околината на Берлин

https://p.dw.com/p/4UChE
Клајнмахнов
Полиција ги предупредува граѓаните во близина на местото Клајнмахнов кај БерлинФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Видена и повторно исчезната: диво животно на слобода, веројатно лавица, е забележано во околината на Берлин и Бранденбург. Станбените реони беа блокирани во четвртокот, жителите беа замолени да останат во домовите. Ангажирани се стотици полицајци, поддржани од ловџии и ветеринари - но животното, до доцните вечерни часови во четвртокот, ни трага ни глас.

Првото предупредување стигна до жителите во населбите јужно од Берлин во ноќта кон четвртокот: Забележано е „опасно диво животно кое слободно трча“ во општината Клајнмахнов во Бранденбург. Видео од мобилен телефон во траење од неколку секунди го покажува животното како се прикрадува меѓу грмушки и дрвја. Во текот на ноќта животното било забележано и од полициски службеници. По изјави на сведоци, потрагата беше проширена и во соседната покраина Бранденбург. Но, залудно. 

По какво животно се трага?  

Вечерва е повторно забележано животното во регионот на Берлин и берлинската полиција сега се концентрира таму. Околу 220 полицајци се на задача, а во текот на ноќта ќе дежураат најмалку 70. 

Полиција Бранденбург
Стотици полицајци се ангажирани во потрага по животнотоФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Во меѓувреме, експертите се сомневаат дали навистина се работи за лавица или за некое друго диво животно. Ветеринарот Ахим Грубер од Слободниот универзитет Берлин вели дека не е убеден оти се работи за лавица. Чудно е, вели тој, што кучињата-трагачи не пронашле никакви траги од животното.
Но, и доколку се работи за лавица, прашањето е од каде потекнува? Од Зоолошките и циркусите во регионот не е пријавено исчезнато животно, а полицијата нема информации дека никој приватно поседувал такво животно.

Во мирното место Клајнмахнов, кое директно граничи со Берлин, и каде најпрво беше пријавено присуството на дивото животно, граѓаните најпрво беа збунети од големото полициско присуство. Во четвртокот вечерта местото го облетуваа и хеликоптери. И покрај полициските препораки, веќе попладнето граѓаните нормално се движеа: по улиците се возеа велосипеди, си ги шетаа кучињата, одеа во шопинг... Остана отворена и градинката, иако децата мораа да останат во затворен простор.

Во блискиот Потсдам, градските власти ги повикуваа граѓаните да бидат будни. „Отворете ги очите! Потсдам не е многу оддалечен“, порача градот преку Твитер.