1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Германија во фудбалска треска пред финалето на Вембли

Среќко Матиќ | агенции
30 јули 2022

Германскиот женски фудбал стана мејнстрим. Конечно- велат спортските коментатори кои ги следат настапите на женската репрезентација на ЕУРО 2022. И политичарите играат важна улога во популаризацијата на женскиот фудбал.

https://p.dw.com/p/4EtEJ
Германската женска фудбалска репрезентација ја краси тимскиот дух
Германската женска фудбалска репрезентација ја краси тимскиот духФотографија: picture alliance/dpa

Канцеларот, Олаф Шолц, ѝ го честиташе на германската репрезентација пласманот во финалето и најави дека ќе отпатува во Лондон од трибините на легендарниот Вембли да ги бодри фубалерките. Финалето на лице место ќе го следи и  министерката за внатрешни работи (задолжена и за спорт) Нанси Фезер. Таа од трибините го следеше и полуфиналниот меч.

Дали спортските успеси ќе резултираат со подобрување на статусот на женскиот фудбал, дали и фудбалерките во иднина ќе добијат повеќе простор во медиумите, ќе бидат ли подобро платени? Тоа најпрво ќе зависи од Германскиот фудбалски сојуз, кој во таа област досега потфрли. Спортските аналитичари го критикуваат националниот сојуз дека ги „преспал“ големите успеси на женската репрезентација во минатото - освојувањето на олимпиското злато, две титули за прваци во светот, 8 титули за најдобра селекција во Европа.

Голем интерес во јавноста

Интерес во јавноста постои. Германците го сакаат женскиот фудбал, тоа го покажуваат и податоците за гледаност на директните преноси од Европското првенство. Според податоците на компанијата АГФ Видеофоршунг која го истражи профилот на гледачите, возбудливиот полуфинален меч на А-репрезентацијата против Франција (2:1) ја гледале 12 милиони луѓе постари од 3 години - тоа е удел од 47 отсто, вели за агенцијата ДПА, Керстин Нидерауер- Копф, шефица на АГФ.

Германската јавност се надева на славенички сцени и на финалето против Англија на Вембли
Германската јавност се надева на славенички сцени и на финалето против Англија на ВемблиФотографија: Nick Potts/AP Photo/picture alliance

Поголемиот дел од гледачите биле мажи. „Сепак, треба да се каже оти интересот на женската публика е висок, натпреварот го гледале 5,2 милиони жени постари од 14 години, тоа значи дека жените имаат удел од околу 40 насто.“ Одличните настапи на женскиот национален тим особено го привлекуваат вниманието на помладите целни групи. Според податоците на АГФ, стапката на гледаност во старосната група од 14 до 29 години изнесувала околу 60 отсто.

Канцеларот лета за Лондон

Канцеларот Олаф Шолц во недела на распродадениот Вембли (90.000 гледачи) во живо ќе го следи финалниот настап на женската фудбалска репрезентација. Тоа е првпат еден германски канцелар да присуствува на натпревар на германска репрезентација на некој голем турнир. Неговата претходничка Ангела Меркел од трибините го следеше финалето на Светското првенство за жени, кое се одигра во 2011 година во Германија, но тогаш во финалето силите ги одмерија фудбалерките на Јапонија и на САД.

Повеќе: Женскиот фудбал напредува

Канцеларот од самиот почеток на Европското првенство јавно ги коментираше настапите на женската репрезентација или преку своите портпароли ѝ честиташе на победите. Притоа, тој го насочуваше фокусот на, како што вели, неправедните разлики во третманот на жените и на мажите во фудбалот.

Германската репрезентација е во добра форма

За тоа време германските фудбалерки започнаа со подготовки за финалниот меч против Англија. Екипата на селекторката Мартина Фос-Текленбург во поход на деветата континентална титула ќе ја предводи голгетерката Александра Поп. Со пет победи во првите пет настапи на Европското првенство, Германките го потврдија победничкиот менталитет и повторно докажаа дека се турнирска екипа. Така националниот тим ги сруши сите сомнежи кои постоеја во Германија по неколкуте бледи настапи и лошата форма кои ги покажаа во изминатите месеци. Последен триумф на некој голем турнир Германките остварија на Олимписките игри 2016.

Англија, како што се очекува, ќе биде најсилен противник на турнирот, но во редовите на двократниот светски шампион владее голем оптимизам. „Јас сум тука веќе 10 години и сѐ уште не сум доживеала ваков тимски дух“, вели напаѓачката Александра Поп. Средбата со Англија е реприза на финалето од 2009 година. Тогаш Германките ги „прегазија“ своите противнички со 6:2 и забележаа најголема победа во финалето на Европското првенство. Германската фудбалска репрезентација досега никогаш не била поразена во финалето на континенталниот турнир. Осум настапи. Осум победи.

Напаѓачката на германската репрезентација, Александра Поп по постигнувањето на еден од головите во полуфиналето против Франција
Напаѓачката на германската репрезентација, Александра Поп по постигнувањето на еден од головите во полуфиналето против ФранцијаФотографија: Nick Potts/AP Photo/picture alliance

Амбасадорки

Тринаесет години по финалето во Хелсинки, многу работи се променија во женскиот фудбал. Сега се води широка социјална дебата за родова еднаквост во областа на платите. Дополнителни импулси на дискусијата може да даде посетата на канцеларот на финалниот натпревар. Работите се менуваат. Дури и спортскиот магазин „Кикер“ за првпат во својата историја како топ тема на својата насловна страница објави сторија за фудбалерките.

„Тоа се имиња кои пошироката јавност веројатно не ги ни знаеше до пред неколку недели, а сега сите зборуваат за нив. Токму тоа го сакаме и ни треба“, изјави претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Бернд Нојендорф. Тој додаде дека германските репрезентативки се „амбасадорки на женскиот фудбал“.