1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

По нападот со нож во Манхајм – почина повредениот полицаец

ЖА
3 јуни 2024

Почина полицаецот повреден во петокот во напад со нож на плоштадот на пазарот во Манхајм. Напаѓачот сѐ уште не можел да биде сослушан.

https://p.dw.com/p/4gYzz
Манхајм полицаец напад со нож
Полицајци во Манхајм му оддаваат почит на загинатиот колегаФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

По нападот со нож на плоштадот во Манхајм во петокот попладне, полицаецот кој беше тешко ранет во нападот во саботата вечерта починал од повредите, соопштија од Јавното обвинителство во Карлсруе, претседателството на полицијата во Манхајм и покраинската криминалистичка полиција. Полицаецот веднаш по злосторството бил опериран и бил ставен во вештачка кома, соопштија властите, но подоцна им подлегнал на тешките повреди.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е шокиран од смртта на полицаецот. „Длабоко сум тажен што храбриот полицаец им подлегна на сериозните повреди по ужасниот напад во Манхајм. Неговата посветеност на безбедноста на сите нас го заслужува највисокото признание во овие горчливи часови, моите мисли се со неговото семејство и со сите што го оплакуваат“, напиша Шолц на платформата Х.

„Вестите ме потресуваат до срж“, изјави премиерот на Баден-Виртемберг, Винфрид Кречман (Зелени). „Сите наши мисли се со семејството, роднините и колегите“. Актот го покажува „често непроценливиот ризик на кој се изложени полицајците секој ден“, додаде Кречман.

Манхајм напад со нож
Во нападот со нож од страна на 25-годишен Авганистанец во центарот на Манхајм се ранети шест лицаФотографија: Rene Priebe/dpa/picture alliance

Пред веста за смртта, повеќе од 800 луѓе се собраа на бдеење на пазарот во Манхајм. Според организаторите, жителите на Манхајм сакале да дадат знак со формирање човечки ланец во центарот на градот - против насилство и омраза. Конкретниот повод беше состанокот на Младата Алтернатива (ЈА) Баден-Виртемберг под мотото „Ремиграцијата ќе го спречеше овој чин“.

Германскиот полициски синдикат реагираше загрижено, но и со гнев. „Насилството со кое се среќаваме секој ден е безмилосно брутално, нехумано и често фатално“, изјави шефот на покраинскиот полициски синдикат, Ралф Кустерер. Кампањите против омраза и поттикнување честопати дури и не почнуваат да ги решаваат проблемите што секојдневно треба да ги поднесуваат  полициските службеници.

„Со дискусиите за демократијата и слободата на изразување не може да се допре до сторителите способни за кривични дела, ниту пак до верските фанатици чиј свет на идеи ни изгледа сосема туѓ и апсурден“, истакна тој. 

Мотивот на 25-годишниот сторител уште е нејасен. Напаѓачот, кој е роден во Авганистан, а како тинејџер дошол во Германија во 2014 година, не можел да биде испрашан. Тој беше застрелан од полицајците на местото на настанот  за време на нападот, а дотогаш не бил регистриран од полицијата. Тој е оженет, има две деца и живее во Хепенхајм, Хесен. За време на нападот во петокот наутро на плоштадот во центарот на градот Манхајм, на настанот организиран од  антиисламското движење  Пaкс  Европа , напаѓачот повреди вкупно шест лица, меѓу кои и полицаецот. Меѓу повредените е и членот на одборот на Пакс Европа, Михаел Штирценбергер. Баварската Служба за заштита на уставот во својот извештај за 2022 година за Штирценбергер и баварската Пакс Европа напиша дека постојат индиции дека се исламофобини и усмерени кон укинување на верските слободи за муслиманите и затоа се под надзор.