1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Како би изгледала новата воена служба

АРД
12 јуни 2024

Воениот рок во Германија беше укинат пред 13 години, а сега се расправа за негово повторно воведување. Министерот за одбрана Писториус денеска ги презентира своите планови за нов модел на воениот рок.

https://p.dw.com/p/4gwl1
Министерот за одбрана Борис Писториус
Министерот за одбрана Борис Писториус ги презентира своите планови за нов модел на воената службаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Борис Писториус не е човек кој лесно се повлекува. Канцеларот Олаф Шолц потврди дека неговиот министер за одбрана е овластен да се занимава со „прегледна задача", размислување за тоа како да изгледа  идната воена служба.  „Прегледна задача“ на која министерот и генералниот инспектор за војската Карстен Бројер меѓутоа работеа со месеци. Писториус премина во контранапад за време на испрашувањето во Бундестагот минатата недела: „Лично сакам да веслам, но ретко се повлекувам. И затоа не беше така ниту во овој случај“.

Министерот за одбрана не сака да знае дека неговата СПД или дури и канцеларот ги „испариле" плановите за идната воена служба. Клучно прашање: колку задолжителна треба да биде воената служба во иднина? Зашто, на крајот на краиштата, се работи за затворање на кадровскиот јаз од моментално околу 20.000 војници.  Бундесверот исто така треба да стане „способен да расте“, односно да може пофлексибилно да реагира на заканите.

Нема враќање во минатото

Враќање на старата форма на воена служба не доаѓа предвид. Таквата регрутација беше воведена во средината на 1950-тите и имаше за цел, за време на Студената војна, да се осигура дека Бундесверот секогаш ќе има доволно регрути. На регрутска обврска подлежеа сите млади мажи од цели генерации. Задолжителниот воен рок важеше од 18 години. Секој што не сакаше да се приклучи на војската мораше да врши алтернативна служба, на пример во форма на таканаречена општествено корисна работа. Во текот на  децениите, воениот рок беше скратен од една и пол година на шест месеци на крајот. Кадровските барања на Бундесверот опаднаа, а сѐ помалку млади мажи беа регрутирани.

Германија Бундесвер
Ниту министерот за одбрана, ниту канцеларот не сакаат враќање на стариот модел на воена обврскаФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Во 2011 година, задолжителниот воен рок беше укинат. Може да се воведе повторно во случај на тензии или потреба за одбрана. За вклучување на жените во задолжителна воена служба, би била потребна промена на уставот. 

Недостигаат касарни, обучувачи и оружје

Ниту министерот за одбрана, ниту канцеларот не сакаат враќање на овој стар модел. Во принцип, не треба да се регрутираат сите - кадровските барања на Бундесверот не се толку големи и веќе не постојат никакви структури за ова: ниту касарни, ни обучувачи и оружје. Се бара форма на регрутирање што ќе им овозможи на  германските вооружени сили  да се зголемат од сегашните околу 180.000 војници на околу 200.000 војници во следните неколку години. На среден до долг рок, на располагање треба да бидат повеќе резервисти и службата во армијата генерално треба да стане поатрактивна.

Се дискутира за систем во кој 18-годишниците добиваат еден вид на прашалник кој мора да се пополни. Младите мажи треба да дадат информации во прашалникот за нивната подготвеност и способност да служат воен рок, а доколку бидат избрани, да подлежат на регрутирање.

Беше разгледуван и модел во кој самата војска ги управува потребите, односно годишно ја одредува големината на контингентите.

Последно, на повидок беше решение за  воена служба, кое главно се потпира на доброволност. Меѓутоа, експертите се сомневаат дека Бундесверот на овој начин ќе може да ги покрие своите кадровски потреби.

Писториус не се откажува целосно од задолжителност

Значи, толку многу врева за ништо? Не, вели Писториус. Во принцип, тој нема проблем со задолжителноста во воената служба: „Цврсто сум убеден дека нема да функционира без задолжителни компоненти“. Тој се уште не открил пред Бундестагот како точно изгледаат овие „компоненти“. Тој сака тоа да го објави денеска.

Писториус во март отпатува во Скандинавија и го разгледа таму шведскиот модел: на сите им се испраќаат покани, се избира само еден дел, се врши избор од најдобрите. Воениот рок како одликување. Писториус го сметаше овој модел за „особено погоден“ во тоа време. На ист начин гледа и генералниот инспектор Карстен Бројер. За него, шведскиот модел вклучува, пред сè, многу флексибилност.

Опозицијата стравува од „пропуштена шанса“

Сепак, експертот за одбрана на ЦДУ, Хенинг Оте, очекува дека ќе остане само испратеното писмо до сите полнолетни мажи. Рекламно писмо за Бундесверот. „Тука треба да има повеќе отколку што се очекува во моментов“, бара тој. Но, Писториус нема поддршка од кабинетот на канцеларот за понатамошни планови, му недостасува политичка поддршка.

Бундесверот врши рекламни кампањи за привлекување персонал
Бундесверот врши рекламни кампањи за привлекување персоналФотографија: Fotoagentur Nordlicht/IMAGO

Унијата се залага за задолжителна „социјална година“. Ова треба да вклучува и задолжителна воена служба. Очекувањата на пратеникот на парламентарната група на ЦДУ, Јохан Вадефул, за денешното појавување на Писториус се мали. За Вадефул има јасни сигнали за запирање на плановите на Писториус во коалицијата и од неговата сопствена партија.

Што останува од размислувањето на Писториус за задолжителна обврска?

Пред две недели Писториус беше во Претседателството на СПД. Потоа многу се зборуваше за рекламирање на Бундесверот и за атрактивни понуди како бесплатна возачка дозвола. Ниту збор за задолжителност.

Сите млади мажи да треба да одговорат на писмото за воената служба - тоа би можело да биде она што останува на крајот на размислувањата на Писториус за задолжителност, според назначениот претседател на Комитетот за одбрана, Маркус Фабер од совладејачките Либерали. За него, денес станува збор за „почеток на решавање на проблемите, првиот чекор“.

Кога идејата ќе стане реалност, ќе се поставуваат следните  крупни прашања: Дали навистина има доволно доброволци? Или по првиот чекор треба наскоро да следи вториот?