Германија: На исток помали плати, но подобра инфраструктура
3 октомври 2024Зошто толку многу луѓе, особено во источна Германија, гласаат за делумно десноекстремната АфД и за новоформираната левичарска популистичка партија БСВ? На покраинските избори во Тирингија, Саксонија и Бранденбург, Алтернатива за Германија (АфД) освои 29 до 33 проценти гласови, а Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) 12 до 14 проценти од гласовите.
Одговори на овие прашања би можел да даде годишниот извештај на ополномоштеникот на сојузната влада за источна Германија, Карстен Шнајдер, кој беше претставен во Берлин. По вторпат од 2022 година досега, Шнајдер, кој и самиот потекнува од источногерманската покраина Тирингија, го анализира економскиот и социјалниот развој во соработка со многу истакнати ко-автори. Неговиот заклучок гласи дека Германија е „слободна, обединета и непотполна“. Земјата многу се има променето од 1990 година, вклучувајќи го и Западот, тврди Шнајдер. „Демократијата сама по себе се фаворизира како модел за општествено уредување и на Истокот и на Западот, но незадоволство постои во однос на политиката и нејзиното спроведување“, констатира Шнајдер.
Дури и 35 години по падот на Берлинскиот ѕид, постојат економски разлики во однос на старите покраини, но вкупната динамика е позитивна. Повеќето луѓе на истокот ја оценуваат сопствената економска ситуација како добра, но не се чувствуваат соодветно разбрани од страна на политиката и демократските институции кај нив уживаат помала доверба отколку кај Германците од западот.
„Страв од промена“
Свештеникот Мартин Литке од Либен, мало гратче во Бранденбург, го забележува ова и расположението во неговата заедница ја опишува вака: „Луѓето се плашат од промени и се приемчиви за ставови или партии кои им ветуваат дека нештата може да си продолжат како досега“. Литке во интервју за ДВ посочува дека на изборите пред пет години сè уште било „кул“ да се гласа за Зелените и за заштита на климата. Сега сè се врти околу миграцијата. „И тоа на некој начин менува многу нешта“, нагласува протестантскиот свештеник неколку дена по неодамнешните избори.
Ополномоштеникот Шнајдер е „шокиран, отрезнет и алармиран“ од политичките случувања во Тирингија, Саксонија и Бранденбург. Во својот извештај констатира дека платите во петте источни германски покраини сѐ уште се пониски отколку во западните. Германците од истокот се недоволно застапени меѓу лидерите во бизнисот, науката и судството. Но, на истокот има огромни инвестиции. Невработеноста е ниска. Инфраструктурата и јавните услуги некогаш се и поразвиени отколку на Западот.
„Колективно незадоволство“
Шефот на Институтот за германска економија, близок до работодавците, Михаел Хитер, во годишниот извештај пишува дека источна Германија забележува „импресивен развој“ по германското обединување во 1990 година. „На прв поглед, колективното незадоволство што се рефлектира на гласачките кутии не соодветствува на економските успеси. Актуелната несигурност и загриженоста на луѓето во регионите погодени од трансформација придонесуваат за поддршката на АфД на национално ниво“, пишува економскиот експерт. „Овој феномен е особено изразен во регионите на трансформација во источна Германија.
Слабо изразено чувство на заедништво
Шнајдер исто така истакнува дека трендот за десничарски популисти не е ограничен само на источна Германија. АфД постигна добри резултати и на покраинските избори во Баварија и Хесен. Во основа, вели Шнајдер, Источна Германија веќе не постои како хомоген блок. Развојот во голема мера варира од регион до регион. Ако се земе Сојузна Република Германија со нејзините 16 покраини како целина, Мекленбург-Западна Померанија и Бранденбург во моментов се покраините кои бележат најголем економски раст.
Годишниот извештај покажува дека луѓето во источна Германија се поскептични во однос на остварувањето на нивните граѓански слободи отколку луѓето на западот. На пример, повеќе луѓе таму веруваат дека слободата на изразување и слободата на печатот не се целосно реализирани отколку населението помеѓу Северното Море и Алпите. Според годишниот извештај, сè уште нема целосно германско „чувство на единство“. Ова чувство на кохезија е помалку развиено во источна Германија отколку на запад.
„На истокот се разви општествена состојба на протест и огорченост, навреденост и незадоволство, понижување и бунт, која ги одбива сите обиди за дијалог, разбирање и просветлување“, заклучи социологот Детлеф Полак во гостинската статија за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, уште во август годинава.
За партиите од центарот е тешко да влијаат на ставовите на Германците од истокот.
Социологот од Минстер вели дека досега успех не покажа ниту игнорирањето на екстремните партии ниту преземањето на нивните теми.
„Проблем со демократијата“
Берлинскиот историчар Илко-Саша Ковалчук донесе прилично драстичен суд уште пред да биде објавен најновиот извештај за источна Германија. Тој се занимава со тогашната диктатура во Источна Германија и со процесот на обединување. „Поаѓам од тоа дека две третини од Германците на истокот имаат проблем со демократија и слобода“, тврдеше тој во неколку интервјуа и предизвика дебата меѓу интелектуалците и политичарите од истокот.
Ковалчук верува дека на луѓето на истокот не им се туѓи концептот на слобода и демократија, туку повеќе последиците. „Ова се забележува во ниското учество во демократските преговарачки процеси. Многу луѓе на истокот сè уште не разбрале дека живееме во општество на компромиси, а не во општество на консензус“, вели Ковалчук.
Непосредно пред објавувањето на извештајот на ополномоштеникот, канцеларот Олаф Шолц објави помирлива видео порака. По покраинските избори „земјата се чини поделена“. Вели дека сака да му противречи на тоа и дека има повеќе нешта што ги поврзуваат Германците отколку што ги разделуваат. Канцеларот смета дека има широко мнозинство за разумна миграциска политика, заштита на климата и за оддршка за Украина. „Често се слушаат само екстремните позиции. Но, не е важно кој вика најгласно. Мнозинството во центарот е многу, многу поголемо. Разумните, пристојните се многу, многу побројни", вели Шолц.
Ополномоштеникот Шнајдер, вклучително и неговиот шеф, повикуваат на зајакнување на оваа „тивка средина на општеството“. На луѓе, здруженија, волонтерите кои се грижат за непречено одвивање на работите им е потребна поддршка на лице место.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик