1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Ќе има ли ливчиња за предвремените избори?

Бенџамин Најт
14 ноември 2024

Следните избори во Германија се закажани за 23 февруари 2025 година. Опозицијата го обвини канцеларот Олаф Шолц за одолговлекување, додека други тврдат дека на локалните власти им е потребно време да се подготват.

https://p.dw.com/p/4mxDo
Германија Избори
Германија ќе мора набрзина да ги организира предвремените парламентарни избориФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Следните сојузни избори во Германија се предмет на сè пожестока политичка дебата во чие средиште се најдоа сојузниот раководител на изборната комисија, директорот на најголемата германска компанија за печатење на гласачки ливчиња, па дури и претседателот на германското здружение на индустријата за производство на хартија.

Владејачката СПД и опозициските Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) постигнаа договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 23 февруари 2025 година, што е околу седум месеци порано од редовниот термин кој беше планиран за 28 септември следната година. Коалициските партнери, Зелените и Либералите (ФДП) се согласија со новиот датум. 

И германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој ја носи конечната одлука за датумот на изборите, начелно го одобрил планот, соопшти неговата портпаролка. 

Пред тоа, Штајнмаер ги прими шефовите на парламентарните фракции Фридрих Мерц (ЦДУ/ЦСУ), Ролф Мицених (СПД) и Брита Хаселман и Катарина Драге (двете од Зелените) во резиденцијата во замокот Белви. Тие му го претставија договорот постигнат во текот на денот, кој предвидува дека канцеларот Олаф Шолц на 11 декември писмено ќе го постави прашањето за гласање доверба на владата во германскиот парламент. Бундестагот треба да гласа на 16 декември. Доколку, како што се очекува, не му биде изгласана довербата, датумот за избори на 23 февруари формално ќе му биде предложен на кабинетот, а потоа и на претседателот кој ќе донесе одлука. Тоа на крајот ќе биде само формалност.

Договорот стави крај на повеќедневните преговори околу логистички прашања поврзани со изборите, кои ќе бидат распишани откако канцеларот ќе го постави прашањето за доверба во Бундестагот. Кога ќе изгуби на гласањето, како што се очекува, претседателот има најмногу 21 ден на располагање за да го распушти парламентот, а потоа во рок од 60 дена мора да се одржат националните избори.

Право на глас имаат повеќе од 60 милиони германски државјани, кои мора да се постари од 18 години, да живеат во Германија најмалку три месеци и да се регистрирани во избирачкиот список на местото на живеење.

Недостиг на хартија

ЦДУ и другите опозициски партии се обидоа да ги повлечат изборите во јануари догодина, додека канцеларот Олаф Шолц првично го предложи крајот на март или почетокот на април, наведувајќи ја како причина потребата на владата да донесе одредени закони кои се при крај во законодавната процедура, како и времето кое им е потребно на релевантните институции за правилно организирање на изборите. 

Олаф Шолц Германија
Бундестагот во декември ќе гласа за доверба на владата на канцеларот Олаф ШолцФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Тоа наиде на остри реакции кај конзервативната опозиција и кај некои германски медиуми, но канцеларот во текот на викендот го поддржа шефот на сојузната изборна комисија, Рут Бранд, која сугерираше дека божиќните празници и недостиг на хартија за гласачките ливчиња може да предизвикаат проблеми. ЦДУ потоа го обвини Шолц дека вршел притисок врз Бранд, кој е член на неговата СПД, за да издаде такво предупредување.  

Недостиг на персонал  

Сепак, и некои покраински изборни комесари предупредуваат од прерано одржување на  предвремените избори, особено во Берлин, каде што последните избори во 2021 година делумно мораше да се повторат поради нерегуларности на некои избирачки места. 

„Колку е пократок рокот за организација на денот на изборите, толку повеќе персонал ќе мора да се повлече од окружната администрација за да се обезбеди соодветна подготовка за изборите“, вели изборниот комесар Хауке Хаверкамп, навестувајќи дека административните канцеларии можеби ќе треба да се затворат за да се ослободи персонал за подготовка на изборите. 

Хаверкамп напоменува и дека изборите во февруари може да значат организирање на зимска служба за чистење пред избирачките места, а персоналот можеби ќе мора да го откаже зимскиот одмор. Вилко Цихт, првиот човек на невладината организација за набљудување на изборите „Валрехт“, оценува дека надлежните органи сега ќе треба да ја завршат за два месеца работата за која инаку е потребно двојно подолго време. „Се разбира, бројот на грешки се зголемува кога нешто се прави на брзина“, вели тој за ДВ и додава дека „тоа ја зголемува веројатноста дека ќе превидите грешка на гласачкото ливче или дека неискусна печатница нема да може да ги подготви гласачките ливчиња на време“.  

Проблемите на малите партии  

„За поголемите партии тоа и не е толку голем проблем“, вели Цихт, бидејќи тие веќе почнале со плановите за септемвриските избори. „Тие веќе ги составуваат своите кандидатски листи, така што тоа не е тотална драма за нив“, додава тој. 

Според Цихт проблемот е поголем за помалите политички партии кои не располагаат со доволно ресурси и персонал за брзо да состават листи со кандидати. „Дури и откако ќе најдат кандидати, тие мора да соберат доволно потписи за да им се дозволи да се најдат на гласачкото ливче“, потенцира Цихт. 

Германија Гласање
Гласачи на изборите во 2021 година во БерлинФотографија: Georg Hilgemann/ZB/dpa/picture alliance

Сојузното државно уредување на Германија дополнително ги комплицира изборите. Во секоја сојузна покраина, партиите мора да соберат потписи 69 дена пред изборите за да бидат вклучени во листата на кандидати - минимум еден промил од електоратот, најмногу 2 илјади гласови. „Веќе е доволно тешко да се прави тоа во текот на зимата, а за многу мали партии е многу нефер“, додава Цихт.  

Гласање по пошта  

Локалните власти мора да најдат простории за избирачки места, волонтери и да ги отпечатат гласачките ливчиња - особено оние за гласање по пошта, кои мора да бидат испратени значително време пред одржувањето на изборите. 

Иако некои предупредуваа на опасност од преранети избори, германската асоцијација на градови и општини соопшти дека сѐ ќе биде во ред. Од таму велат дека „градовите и општините во секој случај ќе бидат во состојба да спроведат сојузни избори во законски пропишаните рокови“. 

Прашањето за гласањето по пошта е навистина проблематично, особено за Германците кои живеат во странство, со оглед на тоа дека за разлика од други држави, Германија обично не им дозволува на своите граѓани да гласаат во амбасадите. 

Гласачите треба да ги добијат своите гласачки ливчиња по пошта најмалку три недели пред изборите, за да имаат доволно време да ги вратат назад. „Но, не секогаш тоа успева“, вели Цихт. „Нивните гласови често пати не стигнуваат на време за да бидат пребројани“, додава тој.  

Проблемот со политизирање на организацијата на изборите  

Според Цихт, сите овие проблеми од практична природа се всушност релативно мали во споредба со тешкотиите кои може да настанат кога организацијата на изборите станува дел од политичката дебата, како што се случи неделава и кога функционери како Рут Бранд биваат обвинети за политичко влијание. 

„Тоа е проблем“, оценува Цихт и појаснува дека „разбира кога го критикуваат канцеларот за тоа што сака избори на крајот на март, очигледно надевајќи се дека до тогаш ќе ја стигне опозицијата. Но, да се обвинува Рут Бранд за пристрасност сметам дека е многу проблематично. Ако ја делегитимирате независноста на организирањето избори, тогаш навистина ја напаѓате нашата демократија. Видовме пред четири години во САД што се случува кога луѓето почнуваат да се сомневаат во изборите. Дефинитивно не сакаме да увезуваме такви појави“, категоричен е Цихт.