Германија ја обвини Русија за сајбер напад врз партијата СПД
3 мај 2024Германија ја обвини руската воена разузнавачка служба, ГРУ, дека стои зад сајбер-нападот во 2023 година, чија цел беа германските социјалдемократи (СПД)
Германија, членка на НАТО, е меѓу западните земји што и обезбедуваат воена поддршка на Украина додека таа се бори против руската инвазија, а исто така неодамна имаше обвинувања и за засилена шпионажа .
Во јуни 2023 година, СПД објави дека сајбер-криминалци ги таргетирале сметките за електронска пошта што им припаѓале на членовите на нејзиното партиско раководство претходно истата година.
Кои се обвинувањата?
„Руски државни хакери ја нападнаа Германија во сајбер просторот“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на посетата на Австралија .
„Денес можеме недвосмислено да кажеме... можеме да го припишеме овој сајбер напад на групата наречена АПТ28, која е управувана од воената разузнавачка служба на Русија“, рече таа на прес-конференција за време на посетата на Австралија.
APT28 е позната и како Фенси Беар и е контролирана од руската воена разузнавачка служба ГРУ. Обвинета е за десетици сајбер напади ширум светот.
„Со други зборови, тоа беше руски сајбер напад врз Германија спонзориран од државата“, рече Баербок. „Ова е апсолутно неподносливо и неприфатливо и ќе има последици“.
Бербок, меѓутоа, не кажа како конкретно ќе изгледаат тие последици.
Министерката говореше по средбата со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во Аделаида.
Вонг рече дека Австралија е исто така „длабоко вознемирена“ од сајбер активноста спомената од Бербок.
„Австралија се солидаризира со Германија во посочувањето на државите кои дејствуваат спротивно на нормите за одговорно однесување на државата во сајбер просторот“, рече Вонг.