Германија издава десетици илјади визи за работа
29 јули 2024Министерството за надворешни работи во првото полугодие на годинава издало повеќе од 80 илјади визи за лица кои сакаат да работат во Германија. Речиси половината од нив се стручна работна сила, како што дознава новинската агенција ДПА од извори во Министерството. За споредба, минатата година во истиот период биле издадени околу 37 илјади визи, а на ниво на цела година преку 157 илјади работни визи, од кои 79 илјади за стручна работна сила.
Собирање бодови за картата за шанса
Т.н. карта за шанси која беше воведена на први јуни, досега нема големо влијание на бројот на мигранти дојдени за работа. Досега се издадени околу 200 визи според овој правен основ, се вели од Министерството.
Предуслов за таквата карта е државно призната, најмалку двегодишна професионална обука во земјата на потекло или соодветна диплома, како и познавања на германскиот или англискиот јазик. Во зависност од нивото на владеење на јазикот, возраста и релацијата со Германија, заинтересираните добиваат поени, со кои се добива право на карта за шанси. И за квалификации за професии во кои има тесно грло, на кандидатите им следуваат поени. Кој ќе собере доволен број поени може да дојде во Германија и потоа има на располагање една година за да најде работа. Под одредени околности е можно еднократно продолжување за две години.
Работа без претходна постапка за признавање
Германија од 2020 година има Закон за доселување на стручна работна сила, со кој треба да се поттикне доселувањето на квалификувана работна сила. Во ноември 2023 година стапи на сила првиот дел од реформата што ја усвои коалицијата од Социјалдемократите, Зелените и Либералите. Тука беа пред сѐ опфатени олеснувања за „сината ЕУ карта“, како и за стручна сила со призната диплома.
Од март годинава, квалификувани работници со диплома и професионално искуство може да допатуваат и работат во Германија и без претходна постапка за признавање. Тоа значи дека не мора однапред да имаат во Германија призната обука, но мора да имаат работно место со минимум 40.770 евра годишни примања, а ако работата е врзана со тарифен договор, доволно е да има примања согласно тарифниот договор.
Од први јуни се проширени и можностите за работна сила од Западен Балкан. За граѓани од ЕУ важи слободата на движење со која е опфатена и можноста за слободен избор на работно место во рамки на Унијата. Колку лица доаѓаат од земји кои не се членки на Унијата меѓу другото зависи и од тоа колку е комплицирано барањето виза и колку долго мора да чекаат во германските амбасади во странство. Од Министерството за надворешни работи велат дека предност имаат визи за стручна работна сила. До први јануари 2025 година треба да се дигитализира националната постапка за издавање визи.
Заложби за култура на добредојденост
Јасно е дека недостигот на стручна работна сила е еден од најголемите ризици за економијата во Германија. Врвните здруженија на бизнис заедницата затоа сметаат дека е нужно потребно да се негува „култура на добредојденост“. Претседателот на Германската индустриска и трговска комора, Петер Адријан, за ДПА вели дека „пораката мора да гласи оти се радуваме да ве примиме во Германија. Тоа може да се постигне на многу начини, почнувајќи од издавањето виза, па сѐ до ставањето на располагање стан и место во градинка за децата. Ние во многу области имаме дефицити", вели Адријан.
Тој додава дека новиот Закон за доселување на стручна работна сила генерално е позитивен, „но дека е прекомплициран. Во практичната примена каскаме и не мислам дека со таквата варијатна може да се привлечат многу стручни работници кај нас.“
„Те сакаме тебе!“
И претседателот на Сојузното здружение на германската индустрија, Зигфрид Русвурм, смета дека има потреба од подобрување во спроведувањето на законот. „Задачите почнуваат кај амбасадите и конзулатите. Секој го знае американскиот плакат 'Те сакаме тебе!'. И ние мора да размислуваме и дејствуваме на истиот начин. Таквата култура на добредојденост мора да се наметне сѐ до општинските власти за странци во покраината или округот", посочува Русвурм.
Тоа вклучува и практични прашања, додава тој и вели дека „неговата омилена игра е дали во општинските служби може да регистрирам возило, ако не зборувам германски? Дали има некој што таквиот стандарден процес може да го заврши на англиски јазик? Тоа се баналности. Но, тие на луѓето многу им помагаат кои почнуваат да работат во нова земја и можеби штотуку завршиле прв курс, но сепак се чувствуваат несигурни да комуницираат. Во тој ланец има уште многу нешта кои треба да се завршат", заклучува Русвурм.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик