1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нагло се зголемуваат депортациите на мигрантите

21 август 2023

Германија го засили враќањето на барателите на азил од Северна Македонија, Грузија, Албанија, Молдавија и Србија, чии барања беа одбиени. Повеќе мигранти доброволно се враќаат дома.

https://p.dw.com/p/4VPDD
азиланти
Германија го стега обрачот за азилантите од Северна Македонија, Албанија и СрбијаФотографија: Gustavo Alabiso/IMAGO

Депортациите на неуспешните баратели на азил се зголемиле за повеќе од една четвртина во првите шест месеци од 2023 година, покажаа податоците на германското Министерство за внатрешни работи во саботата.

Околу 7.861 лице се отстранети од земјата во периодот меѓу јануари и јуни, што е пораст од 27 отсто во однос на истиот период минатата година. Од депортираните 1.664 се жени, а 1.375 малолетни. Зголемувањето доаѓа по падот на бројот на депортирани луѓе за време на пандемијата со Ковид-19.  Податоците беа побарани од Социјалистичката левичарска партија и објавени во Ноје Ознабрикер Цајтунг. Меѓу депортираните голем број се и од Северна Македонија.

Европските мигранти се вратија во матичните земји 

Статистиката покажа дека најголем дел од мигрантите се вратени во Грузија, Северна Македонија, Албанија, Молдавија и Србија, нивните земји на потекло. Најголем број од депортираните - 2.473 лица - се однесени на границата со Австрија.

Правилата на Европската Унија во Даблин за азил наведуваат дека за барањата треба да постапува првата земја во која ќе дојде мигрант или бегалец  .Зголемен е и бројот на луѓе кои доброволно ја напуштиле земјата, при што 4.892 лица прифатиле федерално финансирање за да се вратат во својата земја, а 2.309 лица добиле државно или локално финансирање.

Според законот, оние чии барања за азил се одбиени или чии визи или дозволи за престој се истечени мора да ја напуштат Германија. 

Депортации Мигранти Германија
Засилени депортации на мигранти од ГерманијаФотографија: Sebastian Willnow/dpa/picture alliance

Ако во 2021 година биле депортирани околу 500 македонски државјани, оваа бројка е надмината уште во првите шест месеци од 2022 година. Заклучно со јуни 2022 година депортирани се околу 600 македонски државјани. Најголемиот број лица се депортирани од градот Кесфелд во сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија, а помал број од градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Триер, Берлин и други. Освен од Германија, во значително помал број депортација на македонски државјани се врши и од Австрија, Белгија, Италија, Грција и други земји. 

Депортациите честопати се одолговлекуваат 

Имиграциските власти мора да ја извршат нивната депортација доколку не постојат олеснителни фактори како што се болест или други основи за привремена суспензија. Сепак, овие депортации честопати не успеваат. 

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првата половина од годината морале да бидат прекинати 520 обиди за депортација.

Најчестите причини беа отпорот на оние што беа исфрлени, одбивањето на пилотите или авиокомпаниите да го пренесат депортираниот и одбивањето на федералната полиција да ги приведе.

До крајот на јуни,  279.098 лица неуспешни баратели на азил од кои се барало да заминат сè уште живееја во Германија.  Речиси 225.000 од нив имале дозвола за престој, која понекогаш се нуди и покрај тоа што нивното барање за азил е одбиено.

Извештајот претходно оваа година, исто така, покажа дека илјадници депортирани мигранти тајно се вратиле во земјата .

Новите податоци беа критикувани од портпаролката на миграциската политика на Левата партија, Клара Бунгер.

„Премногу често, ова ги принудува луѓето да се вратат на места каде што се соочуваат со војна, екстремна сиромаштија и безнадежност под закана или употреба на насилство. Ова е неодговорно“, рече Бунгер за новинската агенција ЕПД. 

Заострување на правилата 

Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, сака да ги заостри правилата за депортација и на почетокот на овој месец, таа презентираше нацрт-документ што ќе и даде на полицијата повеќе овластувања за спроведување на враќањето.

ЕУ, исто така, работи на реформи во системот за азил , кој ќе вклучи промени во правилата за депортација.