1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги крши санкциите против Северна Кореја

Естер Фелден
3 декември 2022

Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун сака да го модернизира своето нуклеарно оружје. Затоа ОН ги повикаа сите членки да ја прекинат научната соработка со земјата. Но, ласерскиот институт МБИ во Берлин не го стори тоа.

https://p.dw.com/p/4KFUR
Ким Јонг Ун
На севернокорејскиот владетел Ким Јонг Ун му треба научно истражување за да ја зајакне својата војскаФотографија: Rodong Sinmun/dpa/picture alliance

Северна Кореја годинава изврши невиден број тестови на балистички ракети. Се стравува дека ја подготвува и седмата нуклеарна проба. Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун сака оружје за масовно уништување и способностите на неговата војска брзо се зголемуваат.

Ваквите подобрувања не би биле можни без напредок во науката и технологијата, поради што Советот за безбедност на Обединетите нации воведе санкции за академска размена и трансфер на технологија. Против Пјонгјанг на сила се вкупно девет пакети санкции.

Во ноември 2016 година, по петтата нуклеарна проба на комунистичкиот режим, ОН побараа од своите членки да ја прекинат секоја научна соработка со Северна Кореја - освен во ретки случаи и со посебни дозволи.

ракета Северна Кореја
Демонстрација на воена моќ: Северна Кореја лансираше интерконтинентална балистичка ракета Хвасонг 17 на 18 ноември 2022 годинаФотографија: KCNA/KNS/STR/AFP

Јапонскиот експерт за разоружување Кацухиса Фурукава беше член на експертскиот панел на ОН за Северна Кореја од 2011 до 2016 година. Задачата на телото е да ги надгледува санкциите. Фурукава објаснува за ДВ: „Тие санкции беа наметнати од ОН врз основа на верувањето дека [Северна Кореја] може да стекне знаење и информации поврзани со оружјето за масовно уништување“.

Соработка меѓу Берлинскиот институт и Универзитетот во Пјонгјанг

Таа порака, сепак, очигледно остана незабележана во Институтот Макс Борн (МБИ) во Берлин. Институтот е специјализиран за цивилно ласерско истражување и ја продолжи соработката со Северна Кореја, главно со група истражувачи со седиште на Универзитетот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг.

Тоа е елитен универзитет во Северна Кореја. Истражувањето спроведено таму е од клучно значење за нуклеарните и балистичките програми на земјата. Фурукава вели дека сега има страга за „повеќе прекршувања на санкциите“.

МБИ со седиште во Берлин продолжи со заедничкото истражување, не само по заострувањето на санкциите во 2016 година, туку и по шестата, и досега последна, нуклеарна проба на Северна Кореја во 2017 година.

„Прекршување на санкциите на ОН од страна на Германија“

Помеѓу 2017 и 2020 година, истражувачот на МБИ Берлин, д-р Јоаким Херман, објави девет заеднички трудови со севернокорејски научници. Фурукава оценува дека оваа соработка „многу веројатно претставува кршење на санкциите на ОН од страна на Германија“.

Сите девет трудови се занимаваат со фундаментално истражување во ласерската технологија, каде што апликациите од реалниот свет не се веднаш видливи. Но, воените експерти се согласуваат: ласерите се значаен дел од тоа како ќе се водат идните војни.

Ким Јонг Ун научници
Откако дојде на власт во 2011 година, Ким Јонг Ун редовно се среќава со научници - како овде во 2014 година кога посети воена фабрикаФотографија: KCNA/Photoshot/picture alliance

Д-р Јоаким Херман првенствено работел со севернокорејскиот физичар Им Сонг-Џин. Претходно поминал речиси две години во МБИ во Берлин како визитинг научник. Двајцата експерти почнаа да соработуваат таму, а откако Им се врати во Пјонгјанг во 2010 година, тие останаа во контакт и продолжија да соработуваат од далечина.

Заканата е „опасно реална“

ДВ одделно разговараше со десет независни експерти – шест физичари и четворица експерти за неширење – за нивната последна соработка. Шест физичари имаа поделени мислења - половина не гледаа опасност во таа соработка, а половина рекоа дека можат да замислат дека во иднина потенцијално може да се користи за воени цели.

Во исто време, сите четворица експерти  беа загрижени за ризиците од т.н. „двојна цел“, т.е. дека истражувањето се користи и за цивилни и за воени цели.

Д-р Јоаким Херман одби да зборува за ДВ. Високото раководство на Берлинскиот институт во писмено соопштение за ДВ изјави дека МБИ „не спроведува никакви воени истражувања, туку исклучиво цивилни, основни истражувања со ласери“. Од МБИ изјавија и дека не се запознаени со заострените санкции на ОН: „Во ниту еден момент, на пример, не добивме барање од Министерството за образование и истражување да ги прекинеме научните контакти со Северна Кореја“.

Северна Кореја
Се проценува дека Северна Кореја има повеќе од милион активни војници, што ја прави една од најголемите армии во светотФотографија: Yonhap/picture alliance

Не биле консултирани надлежните служби

Слободата на науката е заштитена со германскиот Устав. Владата затоа се воздржува од повлекување црвени линии, така што одговорноста за проценката на ризикот ја имаат научниците. Доколку се сомневаат во можноста за „двојна употреба“, од нив се бара да контактираат со контролните тела поради проверка. 

Во случајот со МБИ тоа не се случи. Истражувачот очигледно не видел никаква опасност, а неговите претпоставени многу доцна дознале за соработката. Затоа, немаше верификација. Санкциите поминаа незабележано.

Последната заедничка работа на МБИ со севернокорејски истражувачи беше објавена во 2020 година, бидејќи МБИ на крајот сепак ја прекина соработката. На прашањето на ДВ за причините за прекин на соработката, МБИ одговори: „Причина за тоа беше зголемената загриженост на раководството за улогата на Северна Кореја во меѓународната политика. МБИ не соработува со претставници на режимот во Северна Кореја“.

Дали има потреба од црвени линии?

Санкциите на ОН можат да бидат ефективни само доколку земјите-членки ги „внесат“ во законите и ги имплементираат, односно доколку јавноста е запознаена со нив. Во овој случај, Европската Унија издаде соодветна регулатива која е обврзувачка за Германија.

Северна Кореја
Севернокорејската наука мора да му служи на „врховниот лидер“Фотографија: picture alliance/AP/Korean Central News Agency

И покрај сето ова, никој во Германија не ја доведе во прашање соработката меѓу МБИ и универзитетите во Северна Кореја. Научната самоконтрола не успеа. Комуникацијата на сите инволвирани страни беше недоволна, иако МБИ како институција добива државни средства.

Ако, како во конкретниот случај, таквите неуспеси се можни во период од речиси четири години, разумно е да се претпостави дека целиот систем има слабости. Поранешниот функционер на ОН Фурукава сугерира „многу поблиска соработка меѓу научната заедница и властите за национална безбедност“.

Германските пратеници сè уште не сакаат да повлечат црвени линии, иако сето тоа се сведува на едно клучно прашање: Каде завршуваат резултатите од германските истражувања, ако автократските држави како Северна Кореја, Кина или Русија можат на крајот можат да ги користат?