Фотографии на денот
Актуелни, занимливи, необични, прекрасни или застрашувачки. Поглед на секојдневието преку редовната #ФотографијаНаДенот на Дојче Веле на македонски јазик.
Земјата повторно се отвори - огнена лава на Исланд
Вулкан на Исланд еруптираше по седми пат во последните 12 месеци. Вулканската пукнатина Сунднукагигар, за која се проценува дека е долга три километри, исфрли огнена лава и чад. Евакуирано е блиското рибарско село Гриндавик. Лава се излеала и на паркингот на познатата термална бања Сина лагуна. Како што се гледа на сликите во исландските медиуми, портокалово-црната маса го покрила целиот паркинг.
Клун од 3Д печатач
Во зоолошката градина во Софија, на повредениот бел штрк му е дадена втора шанса да преживее благодарение на 3Д отпечатениот протетски клун. Во Бугарија белите штркови се сметаат за симбол на среќа и на нови почетоци - нивната заштита има традиција. Но, губењето на живеалиштата, далноводите и несреќите го загрозуваат нивното постоење.
Дали е веќе Божиќ?
Ботаничката градина во Берлин веќе е подготвена за божиќната сезона. Пред стаклена градина е осветлена кружна патека - со бројни блескави изненадувања.
Багер во реката Елба
Пред повеќе од два месеци, на 11 септември ноќта во Дрезден се урна дел од познатиот Карола мост, западната страна по која поминуваа трамвајски шини и велосипедски и пешачки патеки, за среќа без жртви. Причините уште не се утврдени. Во меѓувреме, багер среде реката Елба прави пристапен градежен пат до мостот.
Внимателно по пат
Зимата го потврди своето присуство во германската покраина Саксонија со врнежи од снег во ниските планински масиви и лизгави патишта. Како што соопшти Германската метеоролошка служба, во регионите над 600 метри надморска височина наврнале и до пет сантиметри свеж снег. На фотографијата автомобил вози по пат што се извива низ шума покриена со снег во близина на Телерхојзер во Саксонија.
Светот тоне, а вие не правите ништо
Планетата тоне, а вие не правите ништо за да ги ублажите климатските промени. Тоа е пораката на домородните заедници на овој протест во заливот Ботафога, област во Рио де Жанеиро, каде нивни претставници во водата ги ставија лицата на лидерите на Г-20. Самитот на Групата 20 започнува во Рио денеска (понеделник,18-ти ноември), со очекувани протести и силно полициско присуство.
Враќањето на Мајк Тајсон и поразот од Џејк Пол
Поранешниот светски првак во бокс Мајк Тајсон се врати во рингот и загуби од 31 година помладиот Јутјубер, Џејк Пол. Поразот го „засладуваат“ големите пари за борбата. Последната борба на 58-годишниот Тајсон се одржа во 2005 година. „Среќен сум. Никому не морав да му докажам ништо, освен себеси“, изјави Тајсон по борбата, која се претвори во огромно шоу на фудбалскиот стадион на Далас Каубојс.
Дедо Мраз патува преку планини и езера
Речиси шест недели пред Божик, Дедо Мраз пристигна во неговата филијала за писма со детски желби во Химелпфорт, Бранденбург. Овој пат, на необично превозно средство, еколошки „соларен чамец“ од Дојче Пост. Околу 8.000 писма со желби од деца од Германија и од странство веќе пристигнале во божиќната пошта во Химелпфорт, објави Дојче пост.
Слаткo топче полно со трње
Годинава ежовите се прогласени за „Диви животни на годината“. Целта на изборот е да се привлече внимание на видовите чија популација во Германија постепено се намалува. Ежовите се ноќни суштества - самотници. Секој кој ги слушнал како шушкаат со усните, никогаш нема да го заборави звукот. Ежовите се чисти месојади, уживаат во инсекти, дождовни црви, пајаци, полжави, жаби, глувци и храна за мачки.
Смарагдот Ага Кан
Редок квадратен смарагд од 37 карати, сопственост на Ага Кан, достигна цена од речиси 9 милиони долари на аукција во Женева, што е најскапиот зелен камен на светот. Продаден од Кристи, брошот со дијамант и смарагд Картие, го симнува од тронот парчето накит изработено од модната куќа Булгари, кое Ричард Бартон и го подари како свадбен подарок на Елизабет Тејлор, како дотогаш најскапоцен смарагд.
Јако достигнување
Можеби изгледа малку чудно да се рекламира повторното отворање на железничка линија, од сè, со шоу за бодибилдинг. Но, Железничката компанија Западна Јапонија смета дека тоа е соодветна идеја. Впрочем, станува збор за реконструкција на железничката пруга по оштетувањата од невремето. А и бодибилдерите работат на градење - на своите мускули.
Што е „Петто годишно време“?
Во многу области на Германија, терминот „Петто годишно време“ се однесува на неделите во кои се прославува карневалот - односно периодот од 11 ноември до таканаречената Среда пепелница, која во актуелната карневалска сезона за паѓа на на 5 март наредната година. На 11.11 во 11 часот и 11 минути во многу места во Германија, во прв ред во Рајнската област, ќе започне тоа „Петто годишно време“.
Да бидеме посолидарни
Традиционалните поворки за Денот на Свети Мартин во Германија се одржуваат на 11 ноември, но во многу градови (на фотографијата: Бон) децата парадираат по улиците порано. Со шарени лампиони го чествуваат Свети Мартин од Тур, кој според легендата, бил војник кој го споделил палтото со смрзнат просјак. Темите за сочувство, солидарност и несебичност се во срцето на поворките за Денот на Свети Мартин.
Замок над магла
Замокот Вартбург обвиткан со магла. Замокот се наоѓа над градот Ајзенах, во Германија. Во него, есента 1521 година, Мартин Лутер за само единаесет недели го превел на германски Новиот тестамент. Таму сѐ уште може да се види собата во која престојувал и работел. Замокот е на листата на Светско културно наследство на УНЕСКО од 1999 година.
Рацете ви се крвави
„Рацете ви се крвави“ - оваа порака од протестите во Белград по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад до српските власти е испратена и од протести во Нови Сад. Протестите се одржуваат поради трагедијата во која во петокот (1.11) загинаа 14 луѓе, кога на нив падна тешката бетонска настрешница од зградата на железничката станица во Нови Сад.
Отворени се првите божиќни панаѓури
Божиќните панаѓури во Германија вообичаено се отвораат на крајот на ноември, но сѐ повеќе панаѓури ги отвораат своите порти сѐ порано. Во текот на викендот, во населбата Штеле во Есен се отвори панаѓурот (на оваа фотографија) кој ќе трае невообичаено долго - до 5 јануари! Организаторите сметаат со повеќе стотици илјади посетители.
Есенска „солза“ на див трендафил
Капка вода виси на шипка од див трендафил. Заедно со ноември, во Германија стигна вистинско есенско време. Есенското време во северна Германија се карактеризира со врнежи од дожд, студени температури и само неколку сончеви моменти. Фотографијата е направена во Перлин, во покраината Мекленбург-Предна Померанија.
Фуџи без снег
Никогаш немало вакво нешто од почетокот на евиденцијата пред 130 години: светата планина Фуџи во Јапонија без снег до крајот на октомври. Вулканот висок 3.776 метри, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО од 2013 година, обично има бел врв од почетокот на октомври. Високите температури оваа година го одложија ова, соопшти јапонската метеоролошка служба.
Фустани од чоколадо
Од глава до петици во чоколадо - и во исто време витки: на актуелниот саем за чоколада во Париз, моделите презентираа фустани направени од слаткиот деликатес. Овој модел го претстави мароканската учесничка во изборот за Мис на светот 2023 година, Соња Мансур.