1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се трупаат тужби од странски болници за Фондот за здравство

ДТЗ
19 јуни 2024

Поради немање контрола и нецелосната евиденција, се редат тужби и пресуди од германски суд, иако Фондот за здравство уплаќал аванси за лекување на пациентите во странство.

https://p.dw.com/p/4hEH3
Фонд за здравствено осигурување
Се трупаат тужби од странски болници за Фондот за здравствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поради слабости во работењето, се трупаат тужби на странски болници кон Фондот за здравство за лекување на пациенти во странство. Државниот завод за ревизија (ДЗР) во последниот извештај посочува дека иако повеќепати е укажувано, продолжува истата пракса - ниту е обезбедена соодветна правна заштита на барателите ниту е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство.

Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници. Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од странска болница, за кои постои неизвесност за крајниот исход. Па така, како што посочуваат ревизорите, до 31.12.2022 година се евидентирани побарувања од странски здравствени установи во износ од над 268 милиони денари, по основ на платени аванси за лекување на осигуреници во странство.

Нема евиденција за долгот

„Не е воспоставена контрола за статусот на лекување и не се врши утврдување на реалната висина на трошоците. Дел од приложените фактури се некомплетни, поради што не се врши соодветно затворање на авансите и не може да се утврди точниот износ на побарувањата од странските болници или неплатен долг кон нив“, посочуваат ревизорите. Според евиденцијата на Фондот, 46% од вкупните побарувања се однесуваат за исплатени аванси во текот на 2022 година, додека 54% се за дадени аванси во периодот од 2014 до 2021 година за кои не се доставени фактури или не е извршен поврат на средствата од страна на болниците. 

Во текот на 2021 и 2022 година, Фондот се соочил со 12 тужбени барања од германска болница за плаќање на трошоците за лекување направени во период од 2017 до 2019 година над износот на дадените аванси во вкупен износ од над 430 илјади евра, а за кои во деловните книги на Фондот не е евидентиран долг. За дел од тужбените барања донесени се и пресуди од германски суд со кои Фондот е задолжен за плаќање на трошоците за лекување. 

болница, лекари
Во текот на 2021 и 2022 година, Фондот се соочил со 12 тужбени барања од германска болница за плаќање на трошоците за лекување Фотографија: Imago Images/Panthermedia/Kzenon

Но, во текот на 2022 година било извршено прекнижување на авансите и фактурите од странските болници. Притоа е утврдено дека германската болница должи на Фондот 116 илјади евра за повеќе платени аванси од претходни години, за што во меѓувреме не е извршен поврат на средствата од страна на болницата. Токму немањето контрола и нецелосната евиденција, според ревизорите, резултирало со тужбени барања и пресуди од германски суд, особено што немало склучени договори со странските болници и нема правна заштита. 

Низа слабости во работењето

Во конечниот ревизорски извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) се укажува и на слабостите во функционирањето на ИТ системотпоради отсуство на ИТ-стратегија, недостиг на ИТ-кадар и застарена серверска структура. Тоа во 2023 година резултираше со сајбер напад на ИТ-системот на Фондот. Од друга страна, „при спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки на опрема и услуги за ИТ-системот, ревизијата констатира неправилности, односно дел од договорите не се склучени во законски предвидениот рок и не е обезбедена конкуренција“.

Ревизијата континуирано известува за слабостите во контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи што не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги. Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, што се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи, се додава во извештајот, создава ризик од пропусти и грешки.