1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Тие што се налутија, веќе ни пристапуваат

28 ноември 2024

ЦО на СДСМ синоќа избра Извршен одбор, генерален и двајца организациски секретари и четворица потпретседатели. „Избраа стари и рециклирани кадри кои му служат на Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/4nVjm
Венко Филипче, лидер на СДСМ
Венко Филипче, лидер на СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Александар Саша Димитријевиќ, од Општинската организација на СДСМ во Гази Баба и актуелен советник во таа општина, е избран за нов Генерален секретар на СДСМ. На синоќешната седница на новиот состав на Централниот одбор на СДСМ (кој беше избран на неодамнешниот 30-ти Конгрес на партијата) биле избрани и 13 членови на Извршниот одбор.

За нови организациски секретари се избрани двајца - поранешниот пратеник и актуелен член на ЦО, Мартин Костовски од Куманово, и Љупчо Фармакоски од Општинската организација на СДСМ во Центар. За нови партиски потпретседатели се избрани Кристина Костова од Штип, која е член на ЦО на СДСМ, Менде Илиевски од Битола, кој член на Советот во таа општина, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова и професорката од Правниот Факултет, Ана Чупеска.

План за работа, промена во делувањето

„Оваа енергија, оваа одлична атмосфера што ја имавме, е само доказ дека консолидацијата не само што е започната, туку таа многу добро се одвива на сите нивоа во партијата" изјави Филипче по седницата.

„Вечерва избравме луѓе коишто имаат многу силен личен интегритет, многу знаење и искуство во своите области на делување претходно, коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот кој што следи", оцени партискиот претседател. Најави дека партијата веќе има план за многу силна и многу интензивна работа што почнува од денес, план за посета на сите општински организации, со дадени насоки за промена во делувањето, во комуникацијата со луѓето и во начинот на кој што ќе допрат до членовите и симпатизерите.

„Оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект - веќе пристапуваат, поради тоа што сме подготвени да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови и симпатизери во процесот на креирање на политики“, изјави Филипче по седницата на ЦО.

Венко Филипче СДСМ
Филипче: Консолидацијата не само што е започната, туку таа многу добро се одвива на сите нивоа во партијатаФотографија: SDSM

Уште пред седницата, во гостување на МТВ, членот на новоизбраниот ЦО на СДСМ, Мартин Костовски, рече дека со нови сили и нови идеи, СДСМ е единствена опозициска партија која може да го победи ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека партијата има доволно време за консолидација пред локалните избори. И тој се пофали дека им се враќаат претходно разочараните.

„Секојдневно пристапуваат или се враќаат сите оние разочарани членови на СДСМ, членови, коишто апстинирале да се вклучат во кампањата или да гласаат за листите кои што беа предложени на 8-ми мај, а особено членови на движењето ЗНАМ, кое се изроди од СДСМ како матична партија. Секојдневно во сите ОО сме сведоци на поддршката на новото раководство на СДСМ. Ќе бидеме и тоа како подготвени на претстојните локални избори. Срамежливо се најавуваа можни предвремени парламентарни избори. И за тоа сме подготвени да одговориме квалитетно и навремено", изјави Костовски.

Ни презимињата не им ги погодија

Поранешни членови на партиските тела не сакаат да ги коментираат поединечно новите кадровски адути на СДСМ. Еден од нив само реторички праша: „Дали ова ви личи на победнички тим“? Друг се осврна на „ситни детали кои многу говорат“.

„Што да коментирам? Видете ја само официјалната страница на партијата. Па ни презимињата на дел од оние што ги избрале не можат точно да им ги погодат, а камоли да ги погодат насоките за приближување до членството“, вели соговорникот.

Синоќа владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порача дека во новите раководни структури на СДСМ нема ништо ново. 

„По изборот на Централниот одбор во кој има само поранешни функционери на СДС од времето на Заев, како и заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, која се бореше со сите сили да го устоличи Заев за премиер, и со изборот на потпретседателите, генералниот секретар и двајцата организациски секретари, докажа дека нема ништо ново, освен стари излитени кадри“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму оценуваат дека наводните промени не се ништо друго освен продолжување на политиката на Зоран Заев.

„Потпретседателите се само продолжена рака на Заев, кои во негово време беа стоти ешалон, сега му ги нуди на Филипче за во прв (...) Едно е јасно - светлина во тунелот наречен СДС нема, има само стари рециклирани кадри кои му служат на Заев, што говори и дека тој ќе ја води партијата, а не Филипче", се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.