Евакуација од Покровск: „Да се понесе чувството на дома“
9 септември 2024„Тешко е да го напуштиш домот. Стравот од заминување во друг град може да биде и поголем од стравот од смртта“, вели Генадиј Јудин од тимот за евакуација „Бел ангел“. Со него и тројца негови колеги возиме низ улиците на Мирноград, рударско место во регионот Доњецк, југозападно од окупираната Авдивка во источна Украина. Руската армија сѐ повеќе се приближува до Мирноград. Линијата на фронтот е на помалку од десет километри од градот, кој сега страда од постојано гранатирање. Според властите, помалку од 2 илјади од некогашните 47 илјади жители сè уште престојуваат таму.
Тимот на „Бел ангел“ го сочинуваат полицајци кои со блиндиран минибус ги изнесуваат луѓето надвор од градот. Во возилото има панцирни елеци и шлемови за деца и за возрасни. „Овде практично веќе и нема деца“, вели Јудин и додава дека „уште две семејства со деца бараат сместување, но тие ќе си заминат сами“. Според Јудин, службениците не можат да ги принудат луѓето да се евакуираат.
Тој самиот морал да го напушти градот Авдивка, кој сега е окупиран од Русија, и затоа знае колку е тешко луѓето да се откажат од своите домови. „Ќе го земам примерот со Авдивка, каде што сега нема ниту итна помош, ниту болница. Никој веќе не може да помогне во евакуацијата таму“, објаснува Јудин. На тој начин успева да ги убеди луѓето да си заминат.
Акција за евакуација
Денеска полицајците од „Бел ангел“ одат по двајца мажи кои доброволно заминуваат. Нивните куќи се во јужната периферија на градот, каде што веќе напаѓаат руски беспилотни летала. Но, екипата не ги наоѓа мажите и се обидува да оствари телефонски контакт со нив. На лице место се слуша само лаење на куче од соседството. По улиците шетаат оставени кучиња.
Се испоставува дека еден од мажите, Виталиј, тргнал пеш кон Покровск, од каде тргнуваат возови со евакуирани лица. Полицијата го стигнува и му помага да го стави багажот во возилото. Другиот маж го наоѓаат по пат на една автобуска станица, каде има уште три жени кои не сакаат да си заминат од градот. „Сè уште можеме да ја издржиме ситуацијата“, вели една од нив.
Полицајците продолжуваат кон Покровск. Двајцата евакуирани мажи се тажни и едвај зборуваат. Во Покровск ги чека автобус кој оди до Павлорад во соседната област Дњепропетровск. Тие потоа продолжуваат кон засолниште за внатрешно раселени лица.
Чекајќи го возот
Покровск се наоѓа југозападно од Мирноград. Според регионалната администрација, само уште 26 илјади од некогашните 60 илјади жители сè уште се во градот, вклучително и повеќе од илјада деца.
Наутро има живот во градот. Жителите шетаат по улиците, а на пазарот се поставени тезги со зеленчук. Продавачката Наталија вели дека ќе размислува за евакуација дури откако ќе ја распродаде нејзината стока. „Каде да одам? Не секој може да си дозволи да изнајми стан“, вели таа. И муштеријата Серхиј вели дека за сега сака да остане, но смета дека неговото дете треба да биде однесено на безбедно.
На пладне железничката станица оживува. Брачен пар во пензија седи на клупа на перонот, опкружени се со големи торби. „Гледате ли што се случува овде?“, вели Володимир, алудирајќи на гранатирањето. Затоа тој и неговата сопруга Халина ќе го напуштат градот. „Многу е тажно што нашиот град е предаден“, вели Халина. Двојката веќе изнајмила куќа во село во регионот Дњепропетровск и постепено се сели. „Но, не можете да земете сè со себе“, вели човекот кревајќи ги рамениците. Тој е загрижен дали пензиите ќе бидат доволни за животот во иднина.
„Не знам дали ќе успеам да го пребродам сето ова“, вели 80-годишната Љубов, која исто така чека на станицата. Таа се плаши од долгото патување. Нејзиниот воз за евакуација 24 часа ќе патува до Лавов. Од таму таа ќе продолжи до сместување во регионот на Карпатите. Старицата ја поддржува војник кој седи до неа. И тој го чека возот за да оди на лекување во западниот дел на земјата. Заедно со неколку соборци успеал да побегне од градот Новохродивка, кој го зазеле Русите.
На платото, спасувачи и волонтери им помагаат на луѓето со ограничена подвижност да се качат во возот. „Подобро е да умреш отколку да останеш инвалид“, вели 85-годишната Људмила од градот Родинске. Во возот до неа седи нејзината ќерка Нелја и нејзината 85-годишна свекрва Катерина.
„Сега тргнуваме затоа што овде е сѐ погласно, а и полицијата веќе ни јави“, вели Нелја, чии што 17-годишен син и нејзината постара ќерка веќе ги очекуваат во Киев, од каде што сите заедно сакаат да заминат во Финска. „Тажно е да го напуштиш местото каде што си роден и си пораснал“, се жали Нелја, а нејзината мајка Људмила се расплакува. Трите жени всушност и не сакале да го напуштат својот дом. Но, кога местото Родинске останало речиси празно, тие се согласиле да бидат евакуирани.
Збогување на перонот
Кој не патува, мора сега да го напушти возот на барање на кондуктерот, бидејќи за неколку минути тој поаѓа на запад. Викторија, студентка, скокнува во нејзиниот вагон и ја остава мајка си Свитлана на перонот. Плаче затоа што и таа би сакала да оди со неа, но вели дека „треба да останат уште еден месец со комбајните на полињата и да ги продадат кравите“. Нивната фарма се наоѓа во селото Новасиливка, вели жената и додава дека многу жали што мора да ја напушти, но дека е свесна колку е опасно да остане таму.
Еден човек на перонот гледа низ прозорец во вагонот во кој седат неговата сопруга и синот. Тој му мавта на својот татко, кој не може да дојде со нив бидејќи сѐ уште треба да работи во рудникот за јаглен. „Еден или два дена, една недела - никој не знае уште колку долго ќе биде во функција рудникот“, вели тој.
На перонот останува и постар маж. „Ќе се качам во следниот воз, овој е веќе полн“, вели тој, иако добро знае дека во возот има уште многу слободни места. „Насмевни се“, го охрабрува сопругата, гледајќи низ отворениот прозорец. Кога возот поаѓа, мажот и мавта на жената и брзо ја напушта станицата покривајќи го лицето со двете раце. Полицискиот час овде започнува во 15 часот. По тргнувањето на возот, градот брзо се празни. Одвреме-навреме низ улиците ќе се видат воени и полициски автомобили. „Порано беше многу жив и убав град. Беше најубавиот воопшто“, вели еден човек по име Дмитро.
Неговата сопруга и 18-годишната ќерка веќе се евакуирани од градот. Тој нагласува дека и тој наскоро ќе си замине и признава дека сега се занимава само уште со пакување на работите. „Сакам да си го понесам чувството на дома“, нагласува Дмитро. Нѐ кани во својот стан и ни покажува сѐ што му е важно. „Овде се моите корени“, вели натажениот човек.