EУ: Ново заострување на санкциите против Русија
20 јуни 2024Амбасадорите на земјите членки на Европската унија денеска се договорија да воведат 14-ти пакет санкции против Русија поради војната во Украина, кој меѓу другото вклучува, први мерки, односно ограничувања поврзани со рускиот извоз на течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ, соопшти белгиското претседателство на ЕУ на платформата X (Твитер).
Во соопштението се наведува дека новиот пакет санкции е договорен поради „руската агресија врз Украина“.
Затворање на „дупките“
Овој пакет, како што се наведува, претставува нови целни мерки и го зајакнува влијанието на постоечките санкции со затворање на „дупки“ во заобиколувањето на санкциите.
„Овој пакет обезбедува нови целни мерки и го зголемува влијанието на постоечките санкции со затворање на дупките“, соопшти белгиското претседателство на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека пакетот дополнително ќе ѝ го забрани пристапот на Русија до клучните технологии.
„Тоа ќе ја лиши Русија од дополнителни енергетски приходи“, рече таа.
Европските пристаништа во Белгија, Франција, Холандија и во Шпанија во моментов се главните влезни точки за испорака на ЛНГ од рускиот сибирски полуостров Јамал, а некои од нив се клучни центри за повторен извоз во земји како Турција, Кина или подалеку - земји во Југоисточна Азија.
Дали санкциите ќе вродат со плод?
Додека Унгарија се закани дека ќе стави вето на пакетот од принцип поради своето општо противење за руските енергетски санкции, Германија беше последната која се противеше на вклучувањето на таканаречената „клаузула без Русија“ поради страв дека може да им наштети на германските бизниси.
Со новите мерки, се наведува, на пристаништата во ЕУ нема да им биде дозволено да препродаваат руски ЛНГ, а финансирањето на планираните руски терминали за ЛНГ на Арктикот и на Балтикот ќе биде блокирано.
Сепак, некои експерти на пазарот на гас се прашуваат дали овие мерки ќе имаат некакво опипливо влијание бидејќи Европа сè уште купува руски гас, пишува бриселскиот портал, додавајќи дека претоварот од пристаништата на ЕУ во Азија изнесува само 10 отсто од вкупниот руски извоз на ЛНГ.