1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ на гранка и НАТО во рака

28 март 2024

Сите зборуваат за посакуваниот гулаб ЕУ, сместен високо на гранките. Но поупатно е засегнатите погрижливо да го хранат врапчето НАТО кое веќе го држат во рацете. А тоа врапче, има нешто да порача. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4eCoM
знамиња на членките на нато
Фотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance

Оние кои не извлекле поука од историјата веќе имаат заборавено дека предметите како марксизам и самоуправување беа составен дел од образовната лектира, додека пак паролите братство-единство задолжителни за секој државен службеник речиси буквално до денот кога земјата премина во демократија и капитализам. И беше така нормално, како што би рекле Хрватите, во рок од 24 часа бранителите на „наследствата на братската федерација” и професор(к)и по марксизам да станат пропоненти на демократијата и слободниот пазар - во кој тие, нели, секогаш искрено верувале.

Сме минувале и низ други прекуноќни менување дресови, прелетување од една во друга крајност, шиканирајќи ги оние кои скапо ја плаќаа убеденоста во нешто пред тоа да стане популарно и славејќи ги оние кои ги шиканираа другите за да им ги преземат ловориките, славите, речниците и доблестите. Ретко каде се има практикувано и докажувано таа умешност на систематско фрлање во вода на првите петли и воспевање на задоцнети патриоти или демократи, како во нашата земја. Таа скапоцено платена клетва на прерано будење и умешност на фаќање на последниот вагон сѐ уште трае.

„Па денес и Неџмије Хоџа е за НАТО”, воскликна некни еден албански интелектуалец на една од тиранските телевизии, користејќи го името на сопатничката на Енвер Хоџа за доловување на бесмисленоста на протоколарните изливи на наклонетост или полет за Алијансата. Кај нас, вистина, бивањето отворено анти-НАТО е сѐ уште лукративно, како што сведочи Левица или Бачев, но демек избалансирано со прифаќање на ЕУ. И тоа е една од придобивките на членството во Алијансата - светото право да си против оној кој те брани како народ и штити како држава.

Во оваа предизборие, во кое доминантна тема е раскокодакано унисоната подршка за ЕУ, се чини дека сите актери имаат подзаборавено на темата НАТО. Според логиката дека сега сме внатре, завршена работа, членка сме и што сега има тука да се разговара - освен можеби за 2-постотниот буџетен удел во одбраната на барање на Доналд Трамп. Накусо, сите зборуваат за посакуваниот гулаб ЕУ, сместен високо на гранките. Но поупатно е засегнатите погрижливо да се осврнат, пазат, чуваат и да го хранат врапчето НАТО кое веќе го држат во рацете. А тоа врапче, има нешто да порача.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Занемувањето на галамџиите

Интересна е, на пример, состојбата во која среде толку дебата за вмешаноста на Албин Курти во изборните процеси кај нас, сѐ уште никој не најде за сходно да ги прокоментира најавите за можно вклучување на истакнат и јавно признат љубител и следбеник на Владимир Владимирович Путин и отворен опонент на НАТО во коалицијата предводена од Христијан Мицкоски. И тоа не само во некаква декоративна функција, туку како кандидат за пратеник со изгледни шанси да биде избран и делува како дел од идната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Или дури можеби министер во евентуалната влада на Мицкоски, оној што си ги држеше чакширите додека Собранието аплаудираше за зачленувањето во НАТО.

За чудо, галамџиите од ДУИ кои не штедат ни вистини ни лаги за напаѓање на вмешаноста на Курти, досега останаа неми околу таа можна путинистичка инсталација во Собранието, Владата. Од друга страна, ДУИ и онака сопствените резигнации ги има исклучиво вперено кон Русија и Курти, но никако кон Србија и Александар Вучиќ, близок до потенцијалниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, од партијата која го смести Давидовиќ Дака среде Тетово, и не може да се очекува поинаков пристап.

Сепак, вистинскиот парадоксален молк во оваа евентуална ситуација треба да ја најдеме во албанската опозиција. Замислете ја оваа потенцијална состојба, во која преку коалициското партнерство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН (ВРЕДИ), одеднадеж добиеме Влада која преку ВЛЕН ќе биде изградена како од претставникот на Вучиќ и Путин, ,така и од претставникот на Самоопределување на Курти? Е па, цело е кога има сѐ, ќе кажат оние кои немаат логично објаснување. Но нивниот став не е битен. За разлика од оној од Брисел, Вашингтон, Лондон, Пентагон и сите други кои немаат слух и трпение за логичните салта на нашата византологија. Слух немаат, но став секако ќе имаат. На првиот ден по седнувањето на Мицкоски во фотелјата во Илинденска.

Опозицијата е мошне вревлива по многу (малку) прашања, но заглушувачки молчалива по малку (далеку поважни) прашања. Секако, Александар Николоски е многу гласен по прашањето на балансерот. Кој засега неколку стотици ликови. И многу помолчалив по прашањето на 130 и кусур илјади носители на бугарски пасоши. Николовски проблемите ќе ги решава преку стриктна професионализација, строго и безмилосно. И таквиот став доаѓа од човек кој кариерата си ја започна додека како средношколец се влечкаше по скопски улици со повици против Албанците. И тоа од човек кој од позиција на вечен политичар ќе оценува кој е професионален, а кој не е. И тоа од човек за кој сѐ уште не јасно кој во неговата дружба со Илир Мета ја имал функцијата на буреконосач.

Заглушувачкиот молк на Христијан Мицкоски е надграден и проширен и по прашањето - кој од неговите селектирани и од членството избрани претставници ќе може да ја помине првата, најниска гранка на безбедносни сертификати. Ма, секако дека Ковачки го личи да биде министер за одбрана, ма секако дека Ќулев е асален да биде министер за внатрешни, секако дека Јанушев е како стокмен за министер за правда – ама не знам дали и НАТО, Пентагон, Еуропол и Лаура Корвеши ќе се на исто мислење. И на крај, колку ликови во ВЛЕН во овој час имаат капацитет да си подразмислат дали наместо очекуваните бенефити од коалицирањето со нереформираното ВМРО-ДПМНЕ тоа може да им донесе индиректен, спунт-ќотек кој ќе го фрли ничкум сиот мачно изграден наратив?

Врапчето НАТО има нешто да порача

Сите партии – башка Апасиев – се за НАТО. Но сликите зборуваат повеќе од сите колнења во Расмусен. Бидејќи еден кус поглед врз предизборната понуда дава непријатно чувство на раширена, разгранета мрежа на ликови со различни партиски дресови и споделена резерва кон Алијнсата. Популарно е таа слаба алка првично да се бара и наоѓа во ВМРО-ДПМНЕ, но повнимателното загледување нотира дека таа НАТО-скептична братија е не помалку – иако потивко – присутна и низ заевистичко-црвенковистичките партиски или клановски деривати на СДСМ. И на крај, инсистирањето на Ахмети за форсирање на старите кадри од времето на груевизмот – во склоп со наведените искуства со Дака или Теута Арифи – секако е момент кој нема да ги развесели набљудувачите во Брисел.

Би сакал да грешам, но кадровската понуда, распределбата низ партии, наметнуваниот дискурс и севкупната предизборна атмосфера во Македонија денес така симптоматичо наликува на состојбите во Црна Гора. Каде подемот на проруските сили, иако константен, сепак расцути по влегувањето на земјата во НАТО. Воедно, искуствата со Словачка и Унгарија, каде членствот во НАТО не беше доволно за спречување на подемот на анти-НАТО или барем проруското влијание. Но и без таквите примери, крајно опасно и ризично е нашето членство во Алијансата да биде лежерно разбрано како „завршена работа”, како некаков перпетум мобиле самоодржувачки механизам кој ни дава сѐ, а притоа не бара ништо од нас.

Можеби досегашните санкции, како и шпекулациите дека кон крајот на април ќе следи нова тура од безмалку 20-тина функционери (од регионот) на американската црна листа, ќе биде доволно за менување на таа погубна култура на готованство. Но дури и самите санкции не се доволни доколку не се проследени со јасна политика на претресување на секој кандидат и секоја партија околу членството во НАТО. Тоа подразбира инсистирање на јасни одговори од Мицкоски за можните Путинистички импланти во неговата законодавна-извршна камарила. Неминовно, тоа подвлекува и изнесување на јасен став од ВЛЕН - дали и зошто би прифатиле коалиција со таква гарнитура која е спротивна на елементарните постулати со кои настапуваат пред Албанците. Подразбира јасно произнесување на Али Ахмети, Мендух Тачи околу прашањето Дака. Тоа подразбира јасно произнесување на Бранко, пардон, Максим Димитриевски околу перфидните подметнувања поврзани со Коридорот 8 и регионалните проекти од стратеши интерес за НАТО и САД. Нормално, Апасиев и Бачев нема за што да се произнесуваат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема