1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерупција на вулкан: Црвен аларм за воздухополовството

СН/агенции
11 април 2023

Голем облак од пепел, по ерупцијата на вулканот Шивелуч, го загрозува меѓународниот воздушен сообраќај над Русија. Летовите меѓу Јапонија и САД би можеле да бидат откажани.

https://p.dw.com/p/4PtFw
Сателитска снимка од вулканот Шивелуч при ерупцијата
Сателитска снимка од вулканот Шивелуч при ерупцијатаФотографија: REUTERS

Вулканот Шивелуч на полуостровот Камчатка на далечниот исток на Русија еруптираше рано утрината, околу 6:30 по локално време, исфрлајќи облак од пепел висок 10 километри, што претставува зголемена закана за воздушниот сообраќај, соопшти Тимот за одговор на вулканска ерупција на Камчатка (КВЕРТ).

Тимот издаде црвен аларм истакнувајќи дека „голем облак од пепел“ патува западно од вулканот и дека во секое време може да се случи експлозија со исфрлање пепел висока до 15 километри.

„Тековната активност би можела да влијае на меѓународните летови и на авионите кои летаат на пониски височини“, велат од КВЕРТ.

Лава и пареа излегуваат од вулканот Шивелуч на полуостровот Камчатка во Русија, по неговата Ерупција
Лава и пареа излегуваат од вулканот Шивелуч на полуостровот Камчатка во Русија, по неговата ЕрупцијаФотографија: The Russian Academy of Sciences' Vulcanology Institute/AP/picture alliance

Локалните власти ги затворија училиштата и им наредија на жителите од околните села да останат дома, бидејќи облакот од пепел може да се прошири на десетици километри околу вулканот, објави на Телеграм лидерот на Уст-Камчатка, Олег Бондаренко.

Еден од најголемите и најактивните вулкани на Камчатка, Шивелуч има околу 60 значајни ерупции во последните 10.000 години, а последната голема се случи во 2007 година.

Бондаренко рече дека вулканот еруптирал во 6 часот и 31 минута по локално време, а облакот се проширил во селата оддалечени повеќе од 70 километри.

„На жителите им се препорачува да останат дома и да избегнуваат непотребни патувања“, нагласи тој.