Ељиф Елмас во Лајпциг: нова улога за македонскиот фудбалер
22 декември 2023
Потрагата по наследник на Швеѓанецот Емил Форсберг во Лајпциг заврши успешно. Новата десетка на тимот од истокот на Германија треба да биде македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, кој доаѓа од италијанскиот Наполи.
„Тој е веќе продаден. Тој е некој кој сака постојано да игра. Тој не сфати дека припаѓа на првиот тим, и тогаш кога не игра цели 90 минути“, изјави претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис за „Кориере дело Спорт“. РБ Лајпциг се уште официјално не го потврди трансферот. Тоа ќе се случи по медицинските прегледи.
Експертот за фудбалски трансфери Фабрицио Романо веќе го прогласи трансферот за завршена работа. Но остануваат уште медицинските прегледи кои треба да се извршат до крајот на годинава.
Елмас во Лајпциг ќе добие договор до летото 2028 година и ќе го чини клубот 25 милиони евра.
24-годишниот фудбалер годинава одигра 16 натпревари за Наполи, но ниту еднаш не беше 90 минути на теренот.
Скај Дојчланд јавува дека трансферот на Елмас бил договорен уште летоска, но Лајпциг тогаш немал доволно средства за да го комплетира.
Весникот Билд пренесува изјава на спортскиот директор на Лајпциг, Рувен Шредер кој вели дека се целосно уверени во квалитетите на Елмас, но и дека трансферот се уште не е реализиран.
„Јасно е дека бараме замена за Емил (Форсберг) и секогаш сме велеле дека ќе направиме само нешто во што ние и играчот сме 100 проценти убедени. Имаме во план некој кој има одреден квалитет да ни помогне веднаш. Засега ништо не е готово“.
Замена за Форсберг
Елмас во Лајпциг ќе биде наследник на Форсберг кој, по 325 одиграни мечеви за германскиот клуб се сели во Њујорк. Елмас во Наполи, а честопати и во националната репрезентација играше во централниот среден ред, нешто подефанзивно од Форсберг. Веројатно во новиот клуб ќе добие нова позиција и по-офанзивна улога, најверојатно како полушпиц.
Елмас, кој во моментов залечува повреда на мускулот на тетивата, минатата сезона настапи на 36 од 38 мечеви на Наполи во Серие А, и притоа ја освои титулата во првенството.
Во 2019 година од турскиот Фенербахче се пресели во Неапол каде има договор до 2025 година. За македонската репрезентација овој фудбалер висок 182 сантиметри, досега одигра 52 мечеви и постигна 12 гола.
Се очекува 24-годишниот фудбалер да им се приклучи на тимските колеги на 2 јануари на тренинг кампот во Ла Манга.