1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Еден месец по земјотресот - биланс на една катастрофа

Бурак Унверен | Ункер Пелин | Рајнер Золих
6 март 2023

Пред еден месец катастрофален земјотрес погоди делови од Турција и Сирија. Оваа природна катастрофа во Турција предизвика огромни политички и општествени последици. Ова е билансот.

https://p.dw.com/p/4OJ55
Човек се моли пред урнатините на џамијата во Хатај, Антакија
Човек се моли пред урнатините на џамијата во Хатај, АнтакијаФотографија: Hussein Malla/AP Photo/picture alliance

Бројките се застрашувачки - најмалку 50.000 загинати, 214.000 урнати или оштетени згради во опасност да паднат, 11 целосно уништени градови само во Турција. Плус - милиони луѓе ги загубија домовите и потребна им е итна помош. Еден месец по разорниот земјотрес во Турција и Сирија сѐ уште не е познат целосниот обем на штетите. Јасно е само дека ова е досега најголемата природна катастрофа во последниве децении во регионот. Се очекува бројот на жртви сѐ уште да расте, бидејќи има голем број жртви чиј идентитет не е потврден, а има и такви кои сѐ уште не се официјално регистрирани. Преживеаните и натаму се во потрага по роднините. Турското Министерство за правда не сакаше да одговори на прашањето на ДВ колку луѓе само во Турција сѐ уште се водат како исчезнати.

Одговорноста на државата

Веднаш по земјотресот кај преживеаните тагата се измеша со лутина. Како можеше толку многу згради, наводно отпорни на земјотрес, да се срамнат до земја? Се вели дека турската држава поради негрижа е одговорна за ваквите поразителни последици од земјотресот. Се покажа дека во многу случаи не се почитувале градежните прописи, што довело до уште поголема катастрофа. Досега, 967 лица се под истрага од турските власти поради поврзаност со последиците од земјотресот, за кои се вели дека се делумно одговорни за високиот број жртви и големата материјална штета.

Досега се уапсени 236 осомничени, 330 се под „судски надзор“, а четворица се во истражен затвор. За 270 осомничени се издадени налози за апсење. Петмина се во странство, 82 се ослободени, а 32 починаа.

Освен тоа, едноставно не биле преземени препорачаните превентивни мерки. Има извештаи на Турската службата за заштита од катастрофи, АФАД, која пред неколку години предупредила на сериозни последици во случај на земјотрес. Таканаречените ИРАП извештаи - „Планови за минимизација на ризици од катастрофа“ се подготвени и објавени во периодот 2019-2021.

Во првиот ИРАП извештај на АФАД, од 2020 година, има претпоставки за можен силен земјотрес во Караманмараш од 7,5 степени. На 6 февруари се остварија прогнозите на научниците кои очигледно биле игнорирани од државата.

Хатај: Татко и син ги спасуваат своите работи од урнатините
Хатај: Татко и син ги спасуваат своите работи од урнатинитеФотографија: ELOISA LOPEZ/REUTERS

Деца сирачиња

Една од најголемите дебати во земјата е посветена на ситуацијата и иднината на погодените деца. Според УНИЦЕФ, околу 5 милиони деца се погодени од земјотресите во Турција и Сирија.

Министерството за семејство и социјални работи на Турција до први март има регистрирано 1911 деца спасени од урнатините кои останале без родители. 1543 од нив ќе бидат испратени кај роднини. 95 во моментов се под заштита на Министерството, а на 81 сѐ уште не им е утврден идентитетот.

Во јавноста се тврди дека дел од  децата наводно им биле дадени на исламостички здруженија блиски до владата, но Министерството ги отфрла ваквите наводи. Сепак во извештај на критички настроената телевизија Халк ТВ, се открива дека 60 деца кои останале сирачиња се сместени во три куќи во истанбулскиот кварт Бејкоз и дека таму се под грижа на исламистичко здружение. Во друг извештај на ДВ се вели дека девет деца се одземени од нивните родители и пријавени на таканаречен курс за Куран. Овој курс наводно го води радикалната заедница Исмаилага. Двата случаи ги пријави здружението „Жените и децата на прво место“.

Претстојат избори

Додека владата се обвинува за соодговорност за последиците од земјотресот, Турција се движи кон претседателски и парламентарни избори. Катастрофата додуша предизвика кус прекин на предизборните кампањи, но сега се чини тие продолжуваат. На 1 март претседателот Реџеп Таип Ердоган во својот говор ја критикуваше опозицијата и изјави дека изборите треба да се поместат за 14 мај. Во актуелните прилики во турската политика неговиот збор е рамен на закон. Се очекува на 10 март да објави декрет со кој и ќе го официјализира новиот термин.

Засега никој не знае како ќе се одржат избори во градовите погодени од земјотресот. Тоа ќе се разгледува по 10 март. Се зборува дека гласачите од овие области ќе може да гласаат во други градови за избор на нов претседател, но не и за парламентот.

Уништување во Кахраманмараш
Уништување во КахраманмарашФотографија: ISSAM ABDALLAH/REUTERS

Обновата чини пари

Претстојната огромна задача за повторна обнова се случува во време кога Турција и онака страда од економската криза. Според пресметките на Светска банка, во земјотресот е настаната материјална штета од 34,2 милијарди долари. Според турската Служба за статистика, во 11 градови во погоденото подрачје живеат околу 14 милиони лица. Од овој регион во БДП се влеваат околу 9,8 проценти од вкупните приходи. Економијата таму се базира на земјоделие и сточарство, како и текстил, челик и енергија.

Махфи Егилмез, економист и поранешен државен секретар во министерството за финансии, објави детална студија за економските последици на земјотресот. Во неа се вклучени отстранувањето на урнатини, изградба на нови станови, поправка на оштетените згради и инфраструктурата. Покрај трошоците за овие мерки, предвидена е и државна помош од 2,5 милијарди долари. Вкупните трошоци изнесуваат 48,7 милијарди долари. 27 милијарди долари од нив би отпаднале на изградба на нови домови. Експерти проценуваат дека ова ќе ја зголеми побарувачката за многу производи и услуги, што пак ќе ја поттикне и онака високата инфлација.

Во разговор со ДВ, економистот Мурат Кубилај нагласува дека инфлацијата до крајот на годината ќе изнесува околу 50 проценти.

Ограничувања на слободата на говорот

Слободата на медиумите и на говорот, кои во Турција и онака со години се под притисок, по земјотресот дополнителни беше ограничена. Турскиот регулатор за приватните телевизии, на три од нив им изрече казни во висина од околу 400 илјади евра поради известувањето за земјотресот. И на стадионите сега веќе се казнува слободата на изразувањето. Фановите на двата големи клуба, Фенербахче и Бешикташ, во текот на викендот од трибините бараа оставка од Ердоган и неговата влада. Оние кои учествувале во ова веќе не смеат да посетуваат спортски настани во живо.

Сириец плаче седнат на урнатини во градот Џиндирес, кој е под контрола на бунтовниците
Сириец плаче седнат на урнатини во градот Џиндирес, кој е под контрола на бунтовницитеФотографија: Aaref Watad/AFP/Getty Images

Сирија - војна и катастрофа

На северот на Сирија земјотресот погоди веќе разорен регион. Земјата веќе 12 години е во граѓанска војна, која режимот со руска и иранска поддршка во меѓувреме ја добива во своја корист. По страдањето во војната, многу лица во Сирија сега се бездоминици. Според информации на медиумите, од последиците од земјотресот се погодени околу 8,8 милиони лица. Пријавени се 5900 мртви, но реалната бројка веројатно е многу поголема.

Повеќето погодени лица во Сирија во првите денови по земјотресот воопшто не добија никаква помош, што меѓу другото се должи и на блокираните гранични премини. Во Сирија сега веќе се испраќа помош, но многу од пратките воопшто не стигнуваат до крајната цел. Големи делови од подрачјето погодено од земјотресот воопшто не е под контрола на режимот на Башар ал-Асад. Градот Идлиб на пример важи за последно упориште на бунтовниците и претежно е под контрола на исламистичките милитанти. Таму живеат повеќе од два милиони луѓе кои избегале од различни делови на Сирија. Помошта која официјално се праќа во Сирија честопати не стигнува до народот во регионот, се жалат погодените. Во северозападна Сирија уште пред земјотресот живееја околу 1,8 милиони протерани лица, сместени во шатори и едноставни градби. Ситуацијата сега е значително заострена, безброј погодени живеат во уништени куќи, други на минус температури преноќуваат под отворено небо или живеат во нивните возила. Таков е примерот и со Амар Фајад во Идлиб. „Син ми и јас сме трауматизирани“, му раскажува тој на репортер од арапската редакција на ДВ. „Шатори чинат меѓу 200 и 400 американски долари, а тоа не можеме да си го дозволиме и решивме да останеме тука.“

Турција: Барање одговори меѓу урнатините

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема