1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ се жали дека им се крадат пратенички места

ДТЗ
15 мај 2024

Од Европскиот фронт на ДУИ сметаат дека со „оркестрирани чекори“ се прават напори да им се одземат еден до два пратеника и да не се дозволи тие да бидат втората политичка сила во Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4ftVr
избори
ДИК ги прифати приговорите кои ги поднесоа политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, за прегласување во шест избирачки места во ИЕ5 и едно избирачко место во ИЕ6.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи од редовите на ДУИ најави дека Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) во Управниот суд и ќе поднесе пријави за членовите на комисијата за кршење на правото на гласачите да ја изразат слободната волја.

Ваквиот став тој им го пренел и на амбасадорите на четири странски држави -  САД, Германија, Обединетото Кралство и Холандија, со коишто имал средба. Во разговорите Османи изразил загриженост за „компромитирање на изборниот процес со самоволните одлуки на ДИК, со цел да се украде изборната волја со правење политички инженеринг со одлуките за прегласување“.  

Кршење на процедурите

Реакцијата следи откако ДИК ги прифати приговорите кои ги поднесоа политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, за прегласување во шест избирачки места во ИЕ5 и едно избирачко место во ИЕ6.

„Домашната и меѓународната јавност беа директни сведоци на еклатантното кршење на процедурите во ДИК и партиската и институционална кражба на изборната волја, преку незаконската одлука за прегласување во точно избрани гласачки места во родните места на носителите на опозицијата, таму каде што имаат победено со длабок резултат само со цел контрола на гласачкото место и манипулирање на гласачката волја“, изјави Османи на прес-конфереција. 

Бујар Османи
Бујар Османи најави дека Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на ДИК во Управниот суд и ќе поднесе пријави за членовите на комисијата за кршење на правото на гласачите да ја изразат слободната волја.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Целта на ваквите одлуки, според него, е да се ублажи поразот на албанската опозициска коалиција „Вреди“, како и да се оцрнат албанските гласачи и државата, бидејќи „за првпат за време на организирање на избори, на чело на Владата е премиер Албанец“. 

Битка за еден или двајца пратеници

Од Европскиот фронт сметаат дека со „оркестрирани чекори“ се прават напори да им се одземат еден до два пратеника и да не се дозволи тие да бидат втората политичка сила во Северна Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека очекуваат да добијат плус двајца пратеници по прегласувањето во Охрид, Крушево и во Желино

Државната изборна комисија прифати седум од вкупно 27 поднесени приговори во врска со резултатите од парламентарните избори. Еден од нив беше на коалицијата „Вреди“ за гласањето на избирачко место во Желино.

Управниот суд по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. Претседателот на Управен суд Бурим Сејдини за МИА информираше дека досега не пристигнала ниту една жалба по одлуките на ДИК за приговорите поднесени од политичките партии по изборите. .