ДУИ и Вреди се пресметуваат околу Стоилковиќ
18 јуни 2024Предлогот Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, да биде заменик претседател на владата и министер кој ќе раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците, предизвика размена на критики во опонентските блокови на партиите на Албанците.
Откако првата критика вчера дојде од опозициската ДУИ, уследи пинг-понг партија.
„Охридскиот договор за првпат по 2001 година во рацете на Србин со путинистички убедувања! Промената штотуку започна!“, реагираше на Фејсбук портпаролот на ДУИ Арбер Адеми.
„Пропагандната машина на Артан Груби и Бујар Осман не запира!“, оцени Изет Меџити претседател на Демократското движење, кое е дел од Вреди.
На неговиот профил на Фејсубук напиша дека народот со гласање ги осудил затоа што наместо да работат, ги исмејувале Албанците и играле фудбал по канцелариите на министерствата, а сега од очај, во пресрет на формирањето на новата влада, заедно со нивните мегафони ја извртуваат вистината и шират дезинформации.
„Иван Стоилковиќ не го добива министерството за политички систем ниту за Охридскиот договор! Стоилковиќ е предложен за министер за односи меѓу заедниците, додека ова Министерство, формирано во 2008 година, до неодамна беше одговорно за заштита, одгледување и афирмација на етничките групи помали од 20%, односно одговорноста за унапредување на правата на Турци, Бошњаци, Роми и други. Значи, ова Министерство не се занимава со правата на Албанците, ниту ги ограничува или унапредува. Правата на Албанците се заштитени и гарантирани со Уставот и Охридскиот договор. Како втора мнозинска нација, Албанците се претставени со повеќе министерства и ресори во владиниот кабинет“, напиша Меџити.
Притоа ја потсети ДУИ дека со реорганизацијата на министерствата, за која гласеле и интегративците, тоа министерство ќе претрпи трансформација.
„Затоа, не се занимавајте со дезинформации и извртувањето на фактите што ги произведуваат пропагандните лаборатории на Артан и Бујар. Наскоро ќе биде комплетирана новата влада. Вреди ќе отвори ново поглавје на владеењето. Старата политика на демагози заминува во историјата. Доаѓа новата политика на работа и одговорност кон институциите и граѓаните“, порача Меџити.
Дваесет години во трансформација
Во реакција на ДУИ што ја пренесоа дел од медиумите на албански јазик, интегративците го потсетуваат Меџити дека тоа Министерство не постои од 2008 година.
И навистина не постои од тогаш. Историјатот почнува од април 2004 година, кога со одлука на Владата се формира Сектор за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Во меѓувреме, со измените и дополнувањата на Законот за влада, тој сектор се трансформира во Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, кој почна да функционира од јануари 2008 година. На почетокот на 2019 година, тогашниот парламентарен состав дури по трет обид го обезбеди потребното двотретинско мнозинство (80 пратеници) за да ги изгласа измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со кој Секретаријатот прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Со последните законски измени е Министерство за односи меѓу заедниците.
И додека беше Секратаријат, и потоа, ресорот се користеше како канал на вработување на голем број партиски лица, кои потоа согласно потребите требаше да бидат трансферирани во разни институции. Статистиките покажуваа дека бројката на вработени во оваа институција секогаш растела пред избори и се третираше како армија гласачи за партиите на власт. Но, овие проблеми не се во фокусот на ДУИ, туку потсетувањето до Меџити за изјави на Стоилковиќ дека „Косово е Србија“.
Од ДУИ нагласуваат дека не постои министерство за заедници од 20% и дека министерството формирано во 2019 година го наследило Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор. Иако пратениците на ДУИ гласаа за реорганизација на министерствата, оттаму велат дека „ВМРО- ДПМНЕ го преименувало ова министерство во Министерство за односи меѓу заедниците“.
Реакцијата продолжува и со забелешка дека од 25 членови во предложениот владин кабинет, Вреди добила 5, од кои 3 се за бурек, според надлежностите и ресорот. Следуваат прашања зошто не избрале министер за внатрешни работи како што ветиле со изборната програма и дали формирале министерство за дијаспора и албанската банка.
Засукајте ги ракавите, нѐ чека работа!
Коалицијата Вреди официјално не го коментираше предлогот за Стоилковиќ, но се слушнаа и поединечни објаснувања зошто е тоа така.
„Ние не сме тие кои треба да преземеме работи кои не се наша надлежност“, изјави за ТВ 21 Зекирија Ибрахими, од коалицијата Вреди.
„Како што не дозволуваме господинот Мицкоски да одреди кој ќе биде министер од редовите на Вреди, така и ние немаме намера да навлегуваме кој да го предложи за министер, бидејќи во рамките на неговиот кабинет има доста други партии. Секако дека реториката на Стоилковиќ не е воопшто соодветна ниту за нас како Албанци, ниту за Северна Македонија, ниту за околностите на добрососедството со Косово“, изјави Ибрахими.
Мандатарот Христијан Мицкоски на вчерашната свеченост по повод 34 години од формирање на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека идната влада ја чека многу работа, нема време за губење и нема да подлегнуваат на теми што предизвикуваат поделби.
„Нема да подлегнуваме на темите кои нѐ разединуваат и нѐ оддалечуваат. И Македонците, и Албанците, и Турците, и Ромите, и Србите, Власите, Бошњаците и сите останати делат исти маки и проблеми. А јас ќе бидам еднаков за сите. Ќе имаме набргу нова влада, нови позиции и нови функции. За сите вас имам само една порака - засукајте ги ракавите, нѐ чека работа!“, порача мандатарот.