1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Нема правна разрешница за незаконското прислушување

ДТЗ
17 октомври 2023

Судот ја запре постапката за Сашо Мијалков и уште неколкумина обвинети за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба во случајот „Таргет - Тврдина“.

https://p.dw.com/p/4Xdrw
Таргет-Тврдина
Државата ќе го плаќа цехот за „Tаргет - Тврдина“Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Државата ќе го плаќа цехот за судскиот процес познат како „Таргет - Тврдина“, но одговорност за незаконското прислушување нема да има. Ова е исходот од денешното судско рочиште на коешто судот донесе решение за запирање на кривичната постапка поради застарување за случајот за „Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување. 

Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за уништување на опремата. Трошоците за водењето на кривичната постапка паѓаат на товар на буџетот на државата.

По одлуката на Апелациониот суд за поништување на првостепената пресуда за случајот, предметот на почетокот на годината беше вратен на повторно судење и беше распределен кај судијата Илија Трпков. Со обвинението се опфатени поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Сашо Мијаков
Судот ја запре постапката за Сашо Мијалков и уште неколкумина обвинети за злосторничко здружувањеФотографија: P.Stojanovski/DW

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Со прислушувањето биле опфатени околу 20 илјади граѓани.

Нема правна разрешница за прислушувањето

„Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик“, вели јавната обвинителка Ленче Ристоска. 

Ленче Ристоска
Нема правна разрешница за незаконското прислушување, вели Ленче РистоскаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Таа во изјава за медиумите појасни дека во моментот се уште не е застарен делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување.

„Обвинети за овој дел од оние кои се во судница се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, а во бегство се Никола Бошковски и Горан Грујевски и за фалсификување на исправа Валентина Симоновска. Овде се уште не е застапена застареноста, но секако измените од Кривичниот законик ќе имаат импликации, бидејќи рокот е скратен и консеквентно и за тоа има можност од застарување и на овој дел“, вели Ристоска. 

Адвокатот на одбраната, Љупчо Шврговски, вели дека е изненаден што јавниот обвинител не останал доследен во примената на измените на Кривичниот законик и за обвинетите Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски во случајот „Таргет-Тврдина“. Тој смета дека без предвидена казна во законот, не може да се води кривична постапка. 

Љупчо Шврговски
Љупчо ШврговскиФотографија: Petr Stojanovski

Трошоците на товар на државата

Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз буџетот на државата, според Ристоска, не се воопшто занемарливи. Трошоците за кривичната постапка - трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето, сето тоа ќе падне на товар на буџетот. Она што е најважно и лицата кои биле оштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата. 

„Импликациите што ќе ги предизвикаат овие измени на КЗ, допрва како општество ќе ги почувствуваме“, вели Ристоска.