1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Доналд Трамп пред суд: Историски ден во Њујорк

СН/агенции | АРД
5 април 2023

Сега е официјално: За првпат е покренато обвинение против поранешен претседател на САД. Трамп пред судот на Менхетен се изјасни дека е „невин“ по сите 34 точки од обвинението. Потоа порача дека тоа е „навреда за САД“.

https://p.dw.com/p/4Phsa
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп во судницата во Менхетен додека се чита обвиниението против него
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп во судницата во Менхетен додека се чита обвиниението против негоФотографија: Timothy A. Clary/Pool Photo/AP/picture alliance

Беше тоа историски ден во Њујорк. Репортери, сниматели и фотографи беа позиционирани пред зградата на судот во Менхетен уште од раните утрински часови. Во текот на утрото (4 април 2023) во блискиот парк се собираа и поддржувачи и противници на екс-претседателот. Подржувачите на Доналд Трамп со денови повикуваа на протести. Сепак,  наспроти стравувањата, судири, не се случија -  меѓу другото и благодарение на масовното полициско присуство. Потоа, во 13:24 часот по локално време, дојде моментот кој сите го чекаа: Во придружба на колона возила на тајната служба, Трамп пристигна во црно теренско возило. Накратко им замавна со раката на присутните, а потоа влезе во зградата на судот.

Поддржувачи на Доналд Трамп френетично го поздравуваат неговото пристигнување со теренско возило пред зградата на судот во Менхетен
Поддржувачи на Доналд Трамп френетично го поздравуваат неговото пристигнување со теренско возило пред зградата на судот во МенхетенФотографија: Paul Hennessy/AA/picture alliance

Од овој момент, екс-претседателот официјално беше „во притвор“. Полицијата најнапред му зеде отпечатоци од прстите, а потоа тој замина во судницата, каде нему и на неговите адвокати им беше прочитано обвинението. Постапката траеше многу подолго од очекуваното, речиси еден час. 

Фалсификување на деловни документи во 34 случаи 

Според обвинението Трамп се товари дека фалсификувал деловни документи во 34 случаи, рече потоа вишиот јавен обвинител Алвин Брег на прес-конференција: „Според законите на сојузната држава Њујорк, кривично дело е да се фалсификуваат деловни документи со намера да се прикрие друго кривично дело. За тоа станува збор во овој случај. 34-пати биле дадени лажни изјави за да се прикрие криминал. Тоа се кривични дела во Њујорк, без разлика кој си“. 

Дури и ако е во прашање поранешен претседател на САД. Имено, никогаш досега поранешен шеф на државата не бил обвинет во кривична постапка. Во основа, станува збор за исплати на мито во износ од околу 130 илјади долари заради замолчување на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс непосредно пред претседателските избори во 2016 година - извршени преку поранешниот адвокат на Трамп- Мајкл Коен, а подоцна декларирани како адвокатски хонорар. 

Судски цртеж од рочиштето во судот во Менхетен
Судски цртеж од рочиштето во судот во МенхетенФотографија: Jane Rosenberg/REUTERS

„Доказите ќе покажат дека Трамп го направил ова за да ги прикрие кривичните дела поврзани со изборите во 2016 година. Трамп, Коен и други во 2015 година се договориле да ги идентификуваат, купат и потиснат негативните вести за Трамп и на тој начин да се подобрат неговите шанси за победа на изборите“, изјави Брег. Според обвинителот, тоа е кршење на законите за предизборната кампања на сојузната држава Њујорк. Со поткупот за молчење, Трамп, според Брег, го поткопал интегритетот на претседателските избори. 

Трамп смета дека е жртва на „лажни“ обвиненија 

Судскиот процес против Трамп би можел да започне на почетокот на следната година, изјави надлежниот судија Хуан Мерчан. Тој, исто така, го предупреди Трамп од натамошни подбуцнувачки објави на интернет. Како што се очекуваше, екс-претседателот изјави дека е „невин“ по сите точки на обвинението и ја напушти судницата. Спротивно на претходните објави, тој не даде изјава пред новинарите. Трамп беше однесен директно на аеродромот и со приватен авион одлета назад кон неговата приватна резиденција Мар-а-Лаго во сојузната држава Флорида. 

Таму, веднаш по враќањето од Њујорк, тој јавно го коментираше покренатото обвиниение против него и практично одржа предизборен говор пред неговите приврзаници. Трамп, притоа ги означи обвиненијата против него како „навреда за нашата земја“. „Никогаш не мислев дека вакво нешто може да се случи во Америка“, рече Трамп вечерта (по локално време) во говорот пред неговата приватна резиденција. „Единствениот криминал што го направив е тоа што бестрашно ја бранев нашата нација од оние кои се обидуваат да ја уништат“, рече Трамп. 76-годишниот републиканец, кој сака повторно да се кандидира на претседателските избори во 2024 година, во својот 25-минутен говор го опиша вишиот јавен обвинител на Менхетен, Алвин Брег, како „криминалец“ и рече дека њујоршкиот судија Хуан Мерчан „го мрази“. 

Доналд Трамп пред неговата приватна резиденција во Флорида одржа говор пред неговите поддржувачи, во кој остро го критикуваше покренатото обвинение против него
Доналд Трамп пред неговата приватна резиденција во Флорида одржа говор пред неговите поддржувачи, во кој остро го критикуваше покренатото обвинение против негоФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Во однос на неговата кандидатура, Трамп го опиша обвинението против него како мешање во претстојните претседателски избори и како најнов случај на напад врз него преку „измамнички истраги“. Случајот во Њујорк е „лажен“ и се отвора само за да се нарушат претседателските избори во 2024 година и мора веднаш да се повлече, порача тој.

На повратниот лет за Флорида, Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“ објави дека сослушувањето во вторникот било шокантно за многумина бидејќи немало „изненадувања“ и затоа немало случај. „Практично секој правен експерт рече дека нема случај. Ништо незаконски не е направено!“, тврдеше Трамп без докази, игнорирајќи го притоа огромниот број правни експерти во САД, кои не само што ги сметаат обвиненијата против Трамп за легитимни, туку и ги сметаат за доста сериозни и суштински. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи