„Добрососедско“ портретирање на Шекеринска
27 ноември 2024Една недела. Толку требаше да помине од изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, за кај источниот сосед да почнат „анализи“ кои само потврдуваат зошто за пријателство и добрососедство се неопходни двајца. Ако Македонија и Бугарија не се во ист клуб кога станува збор за ЕУ, двете земји се во ист клуб кога станува збор за НАТО. Но, изборот на Шекеринска за заменик генерален секретар на Алијансата, во јавните коментари се сведе на прашањето дали исходот бил антибугарски или „бугарски“ чин. Коренот на незадоволство е во тоа што на листата со кандидати за таа функција, беше и името на Марија Габриел, поранешна европратеничка, еврокомесарка, а до март годинава и вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија. Откако на функцијата во НАТО не беше избрана таа, туку Македонката Радмила Шекеринска, орото почна да го води говор како што не наликува на општества и земји кои се партнери во НАТО.
„НАТО не греши“
Додека бугарскиот претседател Румен Радев меѓу првите „го поздрави назначувањето на Радмила Шекеринска на одговорната позиција заменик-генерален секретар на НАТО со очекување таа да допринесе со нејзината работа во зајакнување на колективната одбрана и безбедност на Алијансата“, други побрзаа да најдат утеха што не била избрана една Бугарка, ама била избрана друга „Бугарка“.
Политичарот и дипломат, Александар Јорданов, бугарски амбасадор во Македонија од 2001 до-2005 година, пратеник во повеќе мандати и европратеник од 2019 до 2024 година, на Фејсбук се осврна на изборот на Шекеринска. Нема ниту една реченица за нејзините квалификации за високата функција, освен наводи дека Јорданов дознал оти нејзиниот прадедо „бил достоен Бугарин и се жртвувал за слободата на македонската бугарска земја". И констатира дека „НАТО не греши“ со тој избор.
„За пофалба е што Марк Руте, новиот генерален секретар на НАТО, го проучил родословието на својата заменичка, и со назначувањето на социјалистката г-ѓа Шекеринска за негова заменичка, истовремено им подава рака на две земји - Северна Македонија и Бугарија. Сега останува во Скопје правилно да го сфатат неговиот гест и да не ја напаѓаат милата Радмила за нејзиното бугарско потекло. Што е твојот прадедо по народност, тоа е и дедо ти. А по него и татко ти. А ти што да си? Нема како да си од народ, туѓ за Бугарите. Така што НАТО не греши!", напиша поранешниот бугарски амбасадор во Македонија.
„Ега државата...“
Во колумна на Костадин Филипов во „Труд“, догогодишен новинар и поранешен дописник од Скопје, под наслов „Хајди од Скопје оди да командува во НАТО", може да се прочита сѐ и сешто, освен објективна аргументација зошто Марија Габриел многу подобро би се вклопила во структурите на Алијансата.
„Ако бев зајадлив и не се обидував да ги почитувам правилата за отфрлање на говорот на омраза, би си дозволил дрскост да го споредам тоа назначување со бугарски пример од првите влади на транзицијата. Имаше еден Нејчо Неев, кој беше рекол „ега државата во која јас сум вицепремиер“. Вие направете си соодветна конструкција со Шекеринска и НАТО“, пишува Филипов.
„Хајди“ од насловот се однесува на неговото пишување дека Шекеринска како активист на младите од СДСМ заради надворешниот изглед била наречена Хајди, според популарната хероина од детска серија.
„Северна Македонија е слаба алка во стурктурата на Алијансата“, пишува тој, нагаѓајќи зошто била избрана Шекеринска.
„Функцијата заменик генерален секретар на НАТО има своја воено-политичка тежина. Токму тоа е идејата на Руте - Шекеринска да ги користи сите ресурси на својата позиција за да ја врати внатре во земјата стабилноста во односот кон Алијансата, да ја консолидира политичката елита околу обврската за почитување на вечното дипломатско правило според кое потпишаните договори се исполнуваат. Задачата е тие можности и инструменти што позицијата ѝ ги дава, да бидат насочени во правилната насока (...) Пасијансот на Руте со Шекеринска во него, му одговора повеќе и геополитички, и кадровски, отколку да претпочита политичар од Бугарија, која проблеми со односите кон НАТО нема", пишува тој.
Еден од „аргументите“ особено привлекува внимание.
„Логиката налагаше дека Марија Габриел би требало да добие. Но, Руте се довери на антилогиката и ја избра кадравата, а понекогаш и бушава Радмила Шекеринска“, пишува Филипов.
Има разлика
За среќа, има разлика меѓу објективни и „анализи“ кои имаат цел да омаловажат и навредат. Тодор Тагарев, поранешен бугарски министер за одбрана во два непоследователни мандата, во интервју за ДВ се осврна на нејзините кавлификации и изјави дека Шекеринска е политичар со исклучително долгогодишно искуство како пратеник, министер за одбрана и вицепремиер за европски прашања.
„Таа лично има голема заслуга Северна Македонија да добие покана и да стане членка на НАТО (...) Добрата вест за нас е што повторно на толку високо ниво има претставник од Источна Европа. Друга специфична точка е дека оваа функција ја зазема поранешен министер за одбрана, бидејќи во претходните мандати сите беа со дипломатско искуство, што покажува дека воените прашања, особено оние од одбраната, добија многу поголема тежина за Алијансата поради војна во близина на нашите граници“, изјави Тагарев.
Новинарот на БНТ, Николај Крстев, во интервју на ТВ Нова изјави дека воопшто не е изненаден од изборот на Шекеринска на таа позиција. Тој покажа исклучително познавање за нејзината кариера во сите фази од нејзиното политичко делување.
„Таа имаше многу силно однесување во времето кога се правеше трансформацијата на вооружените сили на Република Македонија. Шекеринска ги водеше трите главни договори поврзани со отворањето на патот кон НАТО и кон ЕУ за нејзината земја“, рече Крстев.
Потенцираше дека никој нема ништо против Марија Габриел, која е професионалец и има сериозна експертиза во нејзината професионална сфера, но оти во НАТО се бара друг профил на кадар, токму таков каков што направил Руте со изборот на Шекринска.
„Не мислам дека тоа беше антибугарско, како што некои Бугари се обидуваат да зборуваат“, потенцираше Крстев.
Откако Габриел не ја доби посакуваната позиција во НАТО, беше избрана на претседателската позиција во институтот "Робер Шуман", кој претходно беше беше предводен од поранешната германска европратеничка Дорис Пак.