1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Џо Бајден ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп

СН/агенции
26 ноември 2024

Кога новиот претседател на САД полага заклетва, неговиот претходник е таму - тоа долго се подразбираше само по себе. Се додека Трамп одби да присуствува на церемонијата во 2021 по поразот на изборите.

https://p.dw.com/p/4nQUF
USA | Joe Biden trifft Donald Trump
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден ќе присуствува на церемонијата на инаугурација на неговиот претходник и наследник Доналд Трамп на 20 јануари во Вашингтон, соопшти во понеделникот Белата куќа, иако Трамп одби да оди на церемонијата за Бајден во 2021 година.

„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на оној кој ќе победи на изборите. Тој и првата дама ќе го испочитуваат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата на Доналд Трамп“, изјави синоќа за новинарите Ендрју Бејтс, заменик портпарол на Белата куќа за време на патувањето со претседателскиот авион.

На 6 јануари 2021 година, Соединетите Американски Држави беа на работ на општ конфликт поради нападот врз Капитол од страна на поддржувачите на Трамп кои се обидоа да го спречат прогласувањето на победата на Бајден на изборите, поттикнати од неоснованите тврдења на Трамп за изборна измама.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

Четири години подоцна, Бајден го смета своето присуство на инаугурацијата „важна демонстрација на посветеноста за почитување на нашите демократски вредности и почитување на волјата на народот, додека продолжуваме да обезбедуваме уредна и ефективна транзиција“, додаде Ендрју Бејтс. 

За време на изборната кампања, Бајден постојано го прикажуваше Трамп како опасност за демократијата, но тој вети дека транзицијата на власта ќе биде што е можно полесна по победата на републиканецот против американската потпретседателка Камала Харис, која беше кандидат за шефица на државата на изборите на 5 ноември.

Двајцата претседатели се сретнаа неколку дена подоцна во Белата куќа на покана на Бајден, кој му честиташе на Трамп за изборната победа.