Детската клиника без хидрофор и со ризична кујна
15 ноември 2024Низа наталожени проблеми на Детската клиника во Скопје излегоа на површина по прес-конференцијата на директорот Реџеп Мемеди, којшто е четири месеци на оваа функција. Тој алармира дека кујната во која се подготвува храна за пациентите е во амортизирана состојба, лифтовите се стари над 40 години и два од нив се вон функција, а надвор од употреба е и хидрофорот од кој се напојуваат со вода хидрантите.
Тој вели дека има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, па секоја недела има проблем и недостаток на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што се на спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба.
„Замислете, да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Е, ова е високо ризичен момент“, рече Мемеди на прес-конференција во Скопје.
Најави дека за кратко време ќе биде обезбедена комплетно нова пумпна станица и ќе се монтираат комплетно нови лифтови.
Амортизирана кујна, стар инвентар...
Мемеди вели дека кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба, со инвентар што е над 20 години стар, што е многу тешко да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани.
„Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Ова не е високоризично? Веднаш презедов мерки - изготвување решенија и сега сме во фаза на решавање на овој проблем - просторно и во обезбедување комплетно нова опрема и инвентар“, вели директорот.
Во однос на забелешките од инспекцискиот надзор дека на Клиниката дежураат специјализанти, Мемеди рече дека специјализантите се присутни во секое време.
„Недостатокот на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата Клиника дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата Клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника? Тоа прашање треба да се анализира“, смета Мемеди.
Помала стапка на смртност
Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди смета дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години. „Сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно“, вели Мемеди.