1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден за преиспитување: Поглед врз корупцијата

9 декември 2022

Меѓународниот ден за борба против корупцијата ги растрча надлежните: во Владата ќе се одржи состанок со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата.

https://p.dw.com/p/4Khto
Секоја година на 9-ти декември се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата
Секоја година на 9-ти декември се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијатаФотографија: B. Leitner/McPHOTO/imago images

Одбележувањето на 9-ти декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата годинава се совпадна со периодот кога водечка тема во македонското општество е корупцијата и отсуството на резултати во справувањето со неа, но и алармот што се вклучи откако амбасадата на САД соопшти дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во РСМ

Денот ќе биде посветен на анализа на состојбите и на антикорупциските политики, имајќи предвид дека токму институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, се поканети на заеднички состанок во Владата. Состанокот го организира вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир. На состанокот ќе бидат разгледани забелешките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на РСМ, при што работниот дел од состанокот ќе биде од затворен тип, а ќе има и отворен дел кој ќе може да биде проследен од медиумите.

Алките што недостигаат

Пред овој состанок, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе одржи брифинг со новинарите, на кој ќе информира за актуелните процеси поврзани со унапредувањето на работата на Комисијата кон остварување на поставените цели, но и за актуелни прашања и случаи од нејзина надлежност, за кои има јавен интерес. Такви прашања има многу, а епилогот на случаите и досега беше познат, но не и прифатлив. За 4 години од функционирањето на овој состав на ДКСК, ниеден нивен предмет за корупција, непотизам или конфликт на интереси, не е процесиран, потсетува Шемси Салаи, член на ДКСК.

На состанок во македонската влада денеска треба да биде направена анализа на состојбите и на антикорупциските политики.
На состанок во македонската влада денеска треба да биде направена анализа на состојбите и на антикорупциските политики.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нашите иницијативи не се стигнати до суд. До обвинителство и таму имаат завршено. За 4 години имаме околу 27 иницијативи за кривична одговорност и 31 иницијатива за одговорност од разни други органи против функционери или други вработени кои го прекршиле законот. За сите нив, нема епилог“, изјави Салаи за ТВ 21.

Во тие пријави продефилираа разни случаи на злоупотреби, имиња на политичари, нивни деца и бројни примери на непотизам или за сомнителни трансакации, кои со месеци доминираа во јавноста, но без епилог.

Слични забелешки имаше и претходното раководство на Управата за финансиска полиција, кое во август годинава се пожали дека во изминатиот период до ОЈО ГОКК доставило кривични пријави поткрепени со доказен материјал, за кои нема информација до која фаза се: дали се отворени истражни постапки или се отфрлени. Такви пријави имало за Општина Карпош, за Фудбалска федерација, за Министерство за транспорт и врски, за Министерство за финансии, за АД ТЕТО и за други случаи, во кои, како што рекоа, „имало предистражни постапки водени со месеци и доказен материјал носен во пакети", но без епилог.  

ДКСК е само една од алките во битката против корупцијата, но ако не функционираат другите алки и не се постапува по пријавите, напорите на оваа Комисија остануваат залудни.

Во Извештајот на ЕК беше нотирано дека ДКСК била проактивна и обезбедила насоки за јавните институции како да се справат со корупцијата, но и отворила неколку случаи, вклучително и против високи функционери. Беше препорачано дека се потребни дополнителни кадровски и финансиски ресурси во институциите задолжени за борба против корупцијата.

„Дополнителни човечки, но и финансиски ресурси треба да се стават на располагање на јавното обвинителство, истражните центри и институциите задолжени за истрагите за корупција“, наведе ЕК во Извештајот, кој денеска ќе биде разгледуван на состанок во Владата.

Опозицијата не верува на ветувањата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во изминатиот период критикуваше за многу коруптивни скандали, е скептична во однос на највените владини заложби за битка против корупцијата и криминалот.

„Не може луѓето кои што се креатори на истата таа корупција и криминал, кои што се сојузници на криминалците, да ги решаваат проблемите со криминалот и корупцијата. Затоа што тие се луѓето кои што се креатори на истиот тој криминал и корупција (...) Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, нови луѓе да ги водат тие институции и тогаш вистински ќе видат како се бори против криминалот и корупцијата“, порача вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

В.д. претседателот на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изрази надеж дека американскиот тим за санкции ќе ги катализира процесите за борба против корупцијата.

„Ние сме мала земја и се познаваме еден со друг. Секој од нас знае кои беа и каков стандард на живеење имаа политичарите пред да дојдат на власт. Значи, корумпираните се познати со име и презиме. За да се искорени корупцијата потребно е еднаш засекогаш да се запре и отповика партизираноста и систематското заробување на судството од политиката“, рече Таравари. 

Тој најави дека Алијанса за Албанците ќе предложи пакет законски одредби за владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, кои ќе содржат Закон за ветингна судиите и обвинителите; за Канцеларија одговорна за конфискација на криминално сткнат имот и средства; за проверка на интегритетот и богатството на лицата кои се избираат, именуваат или вршат јавни функции, вклучително и во високото образование и терцијарното здравство; за спречување на непотизам од пратеници, министри, директори на државни агенции, нa јавни претпријатија како и високи општински претставници; и за удвојување на јавните инвестиции во судството, обвинителство и во институциите надлежни за спречување на корупција.