Ден на албанската азбука: Повици за надминување на разликите
22 ноември 2024Денот на албанската азбука, 22 ноември, годинава се одржува во екот на жестоки полемики и дебати меѓу албанскиот политички блок во земјата, во коишто се вклучи и косовскиот државен врв. Владата организираше Свечена академија по повод Денот на албанската азбука, на која го потенцираше значењето на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година.
Демократската унија за интеграција, пак, Денот на албанската азбука го прослави со дебата за службениот албански јазик како столб на Охридскиот договор, во организација на Аналитичкиот истражувачки центар „Абдулаќим Адеми“.
„Да градиме мостови, да ги надминеме разликите“
Премиерот Христијан Мицкоски на Свечената академија во Владата рече дека живееме во време на силна диверзификација на различности. „Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро“, вели Мицкоски..
Според него, Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. „Не темите кои нѐ разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница“, порача премиерот.
Според претседателката Гордана Сиљановска Давкова, 22 ноември е историски важен датум за Албанците, но и за македонската држава. „Јазикот создава простор за разбирање, за соработка и за обединување околу идентитетските вредности. Преку него, различностите стануваат богатство, а иднината е можност за индивидуален и колективен раст“, вели таа.
Честитка упати и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека „со одбележување на Денот на албанската азбука ја потврдуваме нашата заедничка определба за почитување и унапредување на етничката и културната разноликост, што претставува непроценливо богатство на Северна Македонија“.
Непотребни тензии
Според вицепремиерот Изет Меџити, одбележувањето на Денот на албанската азбука се најде во време на жестока дебата која предизвикува непотребни тензии. Според него, ваквата дебата е поттикната да се дефокусира јавниот интерес и да се направат кризи таму каде што ги нема.
Според Меџити, Уставниот суд, наместо институција која треба да ги чува правата и слободите на граѓаните, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели. „Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи, бидејќи ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи“, порача Меџити.
Тој упати повик до институциите да ја вршат нивната работа во согласност со надлежностите. „Очекувам Уставниот суд да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се впушта во политички размислувања за актуелни прашања и да остане непристрасен арбитер и подалеку од политички влијанија кога носи одлуки“, рече Меџити.
Линија што не смее да се пречекори
Албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор, порача потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи на дебатата којашто ја организираше партијата.
„Денешниот настан е значаен, како прво, бидејќи се случува на важна годишнина, Денот на албанската азбука. Меѓутоа, сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. Особено поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор“, рече Османи.
Османи оцени дека Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан. „Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Северна Македонија и сакаме оттука, од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор“, додаде Османи.
Полемиките за употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија, веќе извесен период ја брануваат јавноста. Темата дополнително ја подгреаја изјавите на косовскиот премиер Албин Курти кој рече дека не е вистина оти албанскиот јазик е под закана во Македонија. Тоа предизвика бурни реакции на албанската опозиција во Северна Македонија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пак, во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, порача дека „секој обид да се поткопаат“ правата на Албанците во Северна Македонија, „ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“.
Пред еден месец, врвот на ДУИ испрати писмо до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд за укинување на „балансерот“, како и за најавата дека ќе бидат укинати делови од Законот за употреба на јазиците.