1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаКолумбија

Деца преживеаја пад на авион во прашума

Пиа Грам
18 мај 2023

Бебе и три деца од домородниот народ Хуитото се пронајдени живи во густа колумбиска амазонска прашума повеќе од две недели по авионската несреќа.

https://p.dw.com/p/4RXBT
Колумбија потрага по авионска несреќа
На фотографиите објавени од вооружените сили се гледаат ножици и панделка на земјаФотографија: Colombian army/Handout/AFP

„Операцијата Надеж“ имаше среќен крај: „Радост за земјата“, твитна колумбискиот претседател Густаво Петро. Деца од домородниот народ Хуитото, вклучително и 11-месечно бебе, беа пронајдени „по напорна потрага од страна на нашите вооружени сили“, соопшти Петро.

Цесна 206 се урна на први мај

Колумбиските власти во потрага по малолетниците испратија повеќе од 100 војници со кучиња трагачи. Децата биле во авион Цесна 206 што се урна на први мај. Во несреќата загинаа тројца возрасни патници, меѓу кои и мајката на четирите деца.

Спасувачите претпоставуваат дека по несреќата децата на возраст од четири, девет и 13 години со бебето се движеле низ џунглата во јужниот дел на Какета. Според армијата, потрагата повторно била засилена вчера наутро (17.06), откако екипите за спасување откриле „импровизирано засолниште направено од стапови и гранчиња“, кое укажувало на најмалку еден преживеан.

Ножици и панделка

На фотографиите објавени од вооружените сили се гледаат ножици и панделка на земја. Претходно тие веќе нашле шишенце и полуизедено овошје.

Во понеделникот и вторникот (15/16.05) војниците ги пронајдоа телата на пилотот и на уште двајца возрасни. Огромните дрвја кои можат да пораснат и до 40 метри, дивите животни и обилните дождови ја отежнаа потрагата наречена „Операција надеж“. Во потрагата беа вклучени три хеликоптери - од кои еден на разглас пушташе порака на бабата на децата на јазикот на народот Хуитото, која ги повикуваше да престанат да се движат додека се трага по нив.

Колумбија регион Гуавиаре
Децата прежувеале повеќе од две недели сами во прашумата во регионот ГуавиареФотографија: Juancho Torres/AA/picture alliance

Домородците Хуитото се познати по тоа што живеат во хармонија со џунглата и по своите вештини во лов, риболов и собирање диви плодови. Ова можеби им помогнало на децата да преживеат повеќе од две недели сами.

Причината за падот на авионот сѐ уште не е јасна. Пилотот пријавил проблеми со моторот пред неговиот авион да исчезне од радарот, соопшти колумбиската Агенција за цивилна заштита.