Данела Арсовска нема да се кандидира за втор мандат
26 ноември 2024Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска нема да се кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите таа вели дека ситуацијата во државата е крајно поларизирана и дека не планира да соработува со луѓе кои знаат само да саботираат и блокираат.
„Би сакала да им посакам барем еднаш да покажат и да докажат прво пред граѓаните дека она што го кажуваат, ќе можат да го реализираат за да на следните избори имаат поддршка. Јас кога се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ којашто, за жал, не успеа да се надмине себеси. Суетите се преголеми за да дозволите некој да работи без да му кажувате што и како да прави. Благодарам, но јас со такви луѓе кои знаат само да саботираат и да блокираат не би сакала никогаш повеќе да работам, рече Арсовска, по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП.
Ваквата најава следи по заладувањето на односите меѓу Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ, којашто застана зад неа во кандидатурата за градоначалник. Но, набрзо по стапувањето на функцијата започнаа и проблемите, по што судирот ескалираше со обвинувања и навреди упатени кон лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Финансиските проблеми со коишто се соочуваат јавните претпријатија и проблематичното менаџирање со градот беа причина изминатиот период и партиите и градоначалниците да бараат оставка и повлекување на Арсовска од градоначалничката функција.
Ситуацијата кулминираше со хаосот во јавниот превоз, откако автобусите на ЈСП останаа во гаражите поради немање нафта, што привремено се реши со заем од државните резерви. Арсовска обвинува за опструкции во работењето, а партиите бараат решение за горливите проблеми во коишто тоне градот.
Од идната недела нови еко-автобуси во сообраќај
Во меѓувреме, Владата најави дека со набавка на електрични автобуси ќе го решава проблемот со јавниот превоз во главниот град, но и ќе се бори против енормното загадување. Планот е да се купат 120 електрични автобуси кои ќе бидат доделени како донација на јавниот транспорт по општините, посебно во урбаните средини.
ЈСП денеска преку проектот „ЕУ за чист воздух“ доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската Унија. Најавите се дека за една до две недели, овие автобуси би можеле да бидат пуштени во сообраќај, на најфреквентните линии во градот.
Станува збор за проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух.
Советниците да гласаат за уште 250 автобуси
Арсовска се надева дека ова ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат и за набавка на уште 250 еколошки автобуси. „Ова е навистина голем успех на Град Скопје и доказ дека кога нашата градска администрација не е блокирана е способна да спроведе нешто кое што е бенефит на Град Скопје и целата држава. Се надевам денеска со овој проект ќе ги мотивираме сите чинители и оние советници на Град Скопје кои што треба да гласаат за да има уште 250 вакви еколошки автобуси“, рече Арсовска.
Набавката на еко-автобуси со години е заглавена во Советот на Град Скопје. Според Арсовска, ако секоја година се набавувале по 50 автобуси, сосега градот ќе имал 150 нови возила во јавниот превоз.
Одговарајќи на новинарски прашања околу последните случувања со ЈСП и дали тоа значи дека е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска дека нема да навлегува во политичките агенди, но дека граѓаните се доволно патентни и ќе можат да проценат кои се оние кои можеле да го решат пробемот со јавниот превоз во изминатите три години.
„Ако некој кажува дека овој проблем ќе го реши следната година по локалните избори, прашајте го затоа што не го решил досега. Затоа што Советот е оној којшто можел одлуката за набавка на нови автобуси да ја донесе пред три години. Зошто таква одлука не е донесена треба да ги прашате нив. Да можеше без одлука на Советот, Град Скопје да функциоонира и да направи јавна набавка, досега ќе беше направена“, рече Арсовска.
Бесплатниот превоз под знак прашање
Скопската градоначалничка во повеќе наврати од Владата бареше да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студентите, којшто од 2021 година наваму не се исплаќа. Со оглед на тоа дека долгот во јануари би достигнал околу 10 милиони евра, таа во изјава за новинарите го стави под знак прашање и бесплатниот превоз за студентите, но и за пензионерите.
„Веќе не можеме да дискутираме за бесплатен јавен превоз, не само за студентите од приватните универзитети, туку и пред советниците од нивна страна ќе биде иницирано и дали воопшто некој ќе има бесплатен превоз, со оглед на фактот дека обврските на централната власт кон јавните претпријатија не се исполнуваат“, вели Арсовска.