1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Дали Турција ќе се вмеша во конфликтот помеѓу Иран и Израел?

Бурак Унверен
9 октомври 2024

Турција ги поддржува Палестинците и го критикува Израел истовремено следејќи го влијанието на Иран во регионот. Сепак, експертите сметаат дека вмешување на турската армија во конфликтот е малку веројатно.

https://p.dw.com/p/4lXfF
Турција Реџеп Таип Ердоган |  пропалестински собир во Истанбул
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборуваше на голем пропалестински собир во Истанбул во октомври 2023 годинаФотографија: DHA

Загриженоста од проширување на војната на Блискиот Исток се зголеми уште повеќе по неодамнешниот напад на Иран врз Израел. Станува збор за ескалација на која со месеци предупредуваат многу земји.

Иран е една од регионалните сили на Блискиот Исток. Турција е исто така сила. Раководството во Анкара од 7 октомври, кога Израел го нападна Појасот Газа како одговор на нападот на терористичката организација Хамас е на страната на палестинскиот народ. Претседателот Реџеп Таип Ердоган повеќепати го обвини Израел за „геноцид“. Во неговите очи, Хамас не е терористичка организација, нагласува тој постојано и често зборува за своите „палестински браќа“.

„Израел сака да нѐ нападне“

Ердоган неодамна поттикна страв кај сопственото население: во говорот во турскиот парламент на 1 октомври 2024 година, тој го обвини Израел дека сака да ја нападне и Турција. „Израелската влада, која полуде во Светата земја, по Палестина и Либан со својот религиозен фанатизам може да ја таргетира нашата татковина“, рече тој. Според Ердоган, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сонувал да ја окупира Анадолија и „трча по утопија“.

Но, експертите ги оценуваат изјавите на Ердоган како нереални. „Мислам дека ова сценарио е невозможно“, вели Селин Наси, политиколог од Лондонската школа за економија (ЛСЕ). „Турција е членка на НАТО. Напаѓање на Турција би значело соочување со НАТО и САД. Освен тоа, нема причина Израел да ја нападне Турција“.

Со своите зборови Ердоган се обидува да ја консолидира својата база и да се солидаризира со Палестинците. Турција ја има втората по големина армија во НАТО, што значи дека Турција не е само воено силна, туку е и близок сојузник на САД - исто како и Израел.

 

Израел | Израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“
Израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“ успеа да пресретне многу ирански ракетиФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Но, на Ердоган, кога дава вакви изјави, му е важно нешто друго, вели Илтер Туран, професор по меѓународни односи во пензија и поранешен ректор на Универзитетот Билги во Истанбул. „Претседателот ја инструментализира надворешната политика за своите внатрешнополитички цели. Израел во никој случај нема таква намера.“ Туран оценува дека турската влада се обидува да го насочи вниманието на луѓето на други прашања во услови на големи неуспеси во внатрешната политика. Самиот Ердоган, најдоцна од последните локални избори, според Туран, ја загуби политичката поддршка и земјата е во економска криза.

Дали Турција би се вмешала?

Според Туран, веројатноста Турција некогаш да стане страна во војната е рамна на нула. „Турција нема активно да учествува во конфликтот бидејќи Анкара не сака да биде дел од војната“, нагласува тој. Анкара нема да одобри евентуална одмазда на Израел против Иран, бидејќи Турција одржува дистанцирано пријателство со Иран, но Турција може да му понуди на Техеран духовна поддршка и нема да оди подалеку од тоа, смета Туран.

Турција Реџеп Таип Ердоган и Исмаил Ханија
Турскиот претседател Ердоган го прими лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во претседателската палата во Анкара неколку недели пред неговата смртФотографија: Mustafa Kamaci/Anadolu/picture alliance

„Поради пропалестинскиот и антиизраелскиот став на турската влада, се создаде лажен впечаток дека таа го поддржува Иран и неговите милиции. Тоа е погрешно“, објаснува Селин Наси. Турција во моментов е фокусирана на стабилизирање на својата економија и регионален конфликт само би донесол дополнителна нестабилност. Затоа не треба да се очекува Турција да интервенира во Газа или Либан. „Турција нема да сака воено да му се спротивстави на Израел“, предвидува Наси.

Натпреварувачи со меѓусебно почитување

Турција, Иран и Саудиска Арабија продолжуваат да си конкурираат една на друга „како во минатото“, оценува поранешниот дипломат Митхат Ренде. Тој е поранешен турски амбасадор во Катар и е запознаен со геополитичката динамика на регионот. Турција со Иран ги негува односите „со грижа и почит“, иако Техеран и Анкара често имаат различни мислења за различните регионални конфликти.

„Турција не сака Иран да ја прошири својата доминација во регионот преку недржавните актери што ги поддржува и вооружува. Во исто време, Турција ја споделува со другите регионални сили целта да го спречи Иран да стане нуклеарна сила“, објаснува Ренде.

САД Њујорк | турскиот претседаттел Ердоган и израелскиот премиер Нетанјаху
Насмевките се минато: Турскиот претседател Ердоган (д.) и израелскиот премиер Нетанјаху позираат пријателски пред камери во септември 2023 годинаФотографија: AK Party/Zuma/picture alliance

Како Турција гледа на Хезболах?

Фундаменталната разлика во мислењата меѓу двете исламски сили лежи во различното толкување на исламот: Турција е претежно сунитска, а владата под Ердоган првенствено ги поддржува сунитските организации како Хамас, кој од страна на ЕУ и САД е класифициран како терористичка организација. Наспроти тоа, населението во Иран е мнозински шиитско, што доведува до блиски врски меѓу иранскиот режим и шиитските групи како Хезболах во Либан и бунтовниците Хути во Јемен. Овие верско-политички разлики ги обликуваат и геополитичките сојузи на двете земји.

Разликата неодамна се одрази во изразите на сочувство од страна на Анкара: кога беше убиен лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, Ердоган прогласи национална жалост. По убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, тој изрази солидарност со либанскиот народ, но не го спомна името на Насралах. „Разбирливо е и не е изненадувачки што тука не се покажува споредлива погоденост“, смета Туран.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик