1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали рецесијата води до распродажба на германски фирми?

Дирк Кауфман
12 октомври 2024

Германската економија едноставно не може да застане на нозе. Таа и годинава не бележи раст. Германија како локација пак, станува сѐ помалку атрактивна. Некои германски компании веќе се сметаат за кандидати за преземање.

https://p.dw.com/p/4ld2g
рецесија
Рецесија втора година по ред?Фотографија: Joern Pollex/Getty Images

Ситуацијата е лоша, изгледите мрачни. Весникот „Зиддојче цајтунг“ минатиот викенд објави дека сојузното германско Министерство за економија очекува уште една година на рецесија. Германската економија во 2024 година ќе се намали за 0,2 отсто, иако Берлин претходно очекуваше благ раст од 0,3%.

Во септември и институтот Ифо од Минхен се огласи со лоши вести за индексот за деловната клима. „Германската економија сѐ повеќе е под притисок“, вели првиот човек на институтот, Клеменс Фуст за новинската агенција АФП објаснувајќи го четвртиот последователен пад. Компаниите се незадоволни од моменталната состојба и нивните очекувања се песимистички. И Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата на фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, ги намали своите економски проекции и за 2024 година предвидува дека брутодомашниот производ (БДП) ќе остане на статус кво. Со оглед на ова, Кристоф Свонке од ДЗ Банка за Ројтерс оцени дека Германија е „новото проблематично дете на земјите од еврозоната“.

Германските компании се интересни за странските фирми

Од економска перспектива, условите кои Германија ги нуди актуелно не се многу интересни. Се бара финансиска поддршка од странство, како што покажува примерот со Германската железница, која сака да ја продаде својата шпедиција Шенкер. Надзорниот одбор штотуку ја одобри планираната продажба на профитабилната логистичка фирма-ќерка - за добри 14 милијарди евра на данската логистичка групација ДСВ. Паричен благослов за државната компанија која бележи загуби.

Втор пример е Комерцбанк, која за време на економската криза куртули благодарејќи на интервенцијата на сојузната влада, која и натаму е сопственик на околу 12 проценти од хартиите од вредност. Минатиот месец  италијанската Уникредит банка откупи акции во Комерцбанк  и би сакала и целосно да ја преземе. ЕЦБ, која во таков случај треба да даде согласност, веќе формулирала генерално одобрување, барем според инсајдерски извори на агенцијата Ројтерс.

И други компании планираат бизнис на локации во странство, или пак стануваат сè поинтересни за странски капитал, како на пример хемискиот гигант БАСФ, кој сака да изгради постројка во Кина во вредност од десет милијарди евра. Друг пример е давателот на енергетски услуги Техем, компанија од средна големина. Швајцарскиот сопственик Партнерс Груп фирмата сега ја продава на американскиот инвеститор ТПГ.

Шенкер фирма
Германската железница се одвојува од својата логистичка фирма-ќерка ШенкерФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

„Фирмите не поседуваат пасош“

Преземање на германски компании во кои дури и германскиот даночен обврзник сѐ уште има удел? За многу набљудувачи, ова е сосема природен процес. За Карстен Бжески, главен економист во ИНГ Банк, се подразбира дека „економската стагнација и структурните промени имаат последици и за компаниите“. Тој за ДВ вели дека „во вакви времиња се случуваат и преземања - во земјата или од странство“.

Штефан Котс е директор на Килскиот институт за светска економија и сумира дека „компаниите не поседуваат пасош“. Тој смета дека „за просперитеот на една држава не е клучна националноста на сопствениците на компаниите, туку нејзиниот квалитетот како економска локација“.

Котс забележува дека „трендот на опаѓање на директните инвестиции во Германија е дополнителен показател за слабостите на Германија како локација“. Добрите локации привлекуваат странски капитал, вели тој, а „инвеститорите наголемо ги заобиколуваат слабите локации“.

Според него, не е не ништо лошо странски капитал да влезе на домашниот пазар, дури и напротив: „Доколку странските инвеститори имаат подобри идеи за тоа како да ги користат ресурсите во Германија, на крајот корист од тоа ќе имаат и локалните играчи преку напредокот на продуктивноста“, оценува Котс.

Карстен Бжески, главен економист во ИНГ Банк
Карстен Бжески, главен економист во ИНГ Банк, вели дека се подразбира оти „економската стагнација и структурните промени имаат последици и за компаниите“Фотографија: Hoffmann/imago images

Намалување на бирократијата - вечно ветување

Од 1980-тите години сите влади ветуваат дека ќе ја намалат бирократијата за да овозможат повеќе инвестиции. Но, со децении само се чека на такво нешто. „Напорите се видливи, но не се дејствува доследно“, оценува Котс, додавајќи дека токму со иницијативата за раст се создава „нова бирократија“.

Но, за ова не е одговорен само Берлин, туку и ЕУ, која сноси дел од вината за бирократските оптоварувања, смета тој. „Особено со системот за известување - од ЕУ-таксономијата до регулатива за синџирот на снабдување - играчите на внатрешниот пазар сѐ повеќе самите себеси си стојат на патот“, вели Котс.

За Карстен Бжески, намалувањето на бирократијата е вистинскиот пат, но тој „е далеку од финализиран“. Економистот има конкретно барање кога вели дека „итно е потребно повеќе е-управување. Ова ќе го забрза намалувањето на бирократијата и исто така ќе биде решение за недостигот на квалификувани работници во многу институции“.

Кина | БАСФ во Нанџинг
„Фирмите не поседуваат пасош“ - вработени во БАСФ во Нанџинг, Кина, 2004 годинаФотографија: BASF/dpa/picture-alliance

Дали „зелениот пристап“ води кон целта?

Во Германија министерот за економски прашања е одговорен и за заштита на животната средина, а во Брисел ЕК се обидува да трасира „зелен пат“ кон иднината. Но, двајцата експерти не веруваат дека приматот на екологијата може да биде од помош за економијата. „Општо земено, декарбонизацијата не може да донесе раст на економијата“, ​​вели Котс, бидејќи, според него, „политиката за декарбонизација страда од премногу интервенционизам“.

Слична е и оценката на Бжески, кој вели дека „концентрирањето на зелените технологии досега донесе премалку инвестиции. Сè да се стави само на картата 'зелено' би било кратковидо. Германската економија во последните десет години изгуби многу од конкурентноста и тоа треба да биде појдовната точка“.

Штефан Котс, директор на Килскиот институт за светска економија
Штефан Котс, директор на Килскиот институт за светска економија, забележува дека „трендот на опаѓање на директните инвестиции во Германија е дополнителен показател за слабостите на Германија како локација“Фотографија: Metodi Popow/IMAGO

Предупредување од протекционизам

Конкурентноста на германската индустрија и за Котс е клучот за враќање на трендот на раст. Но, тој децидно предупредува оти „растот не треба да се стимулира, туку да се овозможи“.

Програми за економска стимулација, според него, не се неопходни и сегашната иницијатива за раст само покажува „кон вистинската насока, но нема да може да донесе пресврт. За тоа е потребна елементарна промена на курсот, подалеку од интервенционистичка индустриска политика и поблиску до политика која ги подобрува условите“.

Сојузната влада не треба да презема ништо во врска со заканата од распродажба на германски компании, категоричен е Котс, кој предупредува од „протекционизам со капитал“. Наместо тоа, тој посочува на законите на пазарот, според кои компаниите стануваат кандидати за купување тогаш „кога нивните структури веќе не се дораснати на конкуренцијата“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик