1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Германија увезува руски гас?

Дирк Кауфман
26 ноември 2024

Според извештаи на медиумите, сојузното министерство за економија им наложило на терминалите на брегот на Северно Море да не примаат течен гас од Русија. Дали тоа значи дека досега бил приман, и покрај бојкотот?

https://p.dw.com/p/4n7BY
Руски брод танкер за течен гас
Руски брод танкер за течен гасФотографија: Natalia Kolesnikova/AFP/Getty Images

Неодамна пропадната владина коалиција нема многу успеси со кои би можела да се пофали. Но, за едно нешто сите аналитичари се согласни – дека во Германија и покрај забраната за користење руски гас, „не падна мрак“, односно дека успешно се најдоа  алтернативни снабдувачи и дека за краток рок се направи  инфраструктура за течен гас. За тоа владата добиваше пофалби.

Но, сега може да падне сенка и на оваа приказна. Откако беше забранет увоз на течен гас од Русија како санкција поради војната во Украина, бродови со руски гас веќе не требаше да се закотвуваат на германски терминали  и да испорачуваат гас. Но, весникот „Фајненшал тајмс" јавува дека има увид во допис од Сојузното министерство за економија од 6 ноември чијшто адресат е операторот на германскиот терминал за течен гас на северноморското крајбрежје. Министерството во дописот му налага на операторот да не прифаќа руски испораки. И новинската агенција Ројтерс на 14-ти ноември објави дека „според кругови од индустријата, сојузната влада го спречила истоварањето на руски течен гас (ЛНГ) во Брунсбител“.

Зошто сега и зошто воопшто?

Тоа што Министерството месецов посочува дека нема да прима истовар на  руски ЛНГ  во Германија го наметнува прашањето дали тоа досега се случувало и покрај бојкотот? Но, и прашањето дали навистина постои таква насока. Од Министерството тврдат дека не е така. На прашање на ДВ, шефот на прес-службата одговори дека „како и вообичаено, не можеме да коментираме за протечени документи“.

Ниту од Сојузната мрежна агенција, која меѓу другото е одговорна за  германската гасоводна мрежа, не сакаа да заземат став. Портпаролката Надја Афани во име на агенцијата ни пиша дека „не можеме да ви дадеме никакви информации за можни инструкции од Сојузното министерство за економија до ДЕТ“.

Терминал за течен гас пред германскиот најголем остров, Риген
Терминал за течен гас пред германскиот најголем остров, Риген Фотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Со германските терминали за ЛНГ на брегот на Северното Море, капацитети неопходни за истовар на течен гас, управува Дојче енерџи терминал (ДЕТ). Компанијата оперира со четирите германски терминали за ЛНГ Брунсбител, Вилхелмсхафен I и II, и Штаде. На прашањето на ДВ дали ДЕТ добил таква инструкција, од таму одговараат дека „од правни причини не даваме никакви информации за договорни работи со трети лица“.

Наводот „од правни причини“ нема смисла, бидејќи ДЕТ според сопствени информации е  „компанија во сојузна сопственост за работата на терминалите преку кои се истовара ЛНГ од брод“. Сојузно министерство и компанија во сојузна сопственост не можат или не сакаат да дадат какви било информации? Таквото одбивање да се дадат информации е чудно - и ги подгрева гласините.

Компанија во Русија и Германија

Доколку ЛНГ од Русија тече низ германските мрежи, секако мора да бил нарачан и платен. Вреди да се погледне кон Касел, каде што се наоѓа СЕФЕ Енерџи ДОО (поранешен Вингас) - уште една компанија во сојузна сопственост.

Компанијата има збунувачка историја. Основана е во 1993 година како германско-руска заедничка инвестиција и во 2015 беше продадена на руски Гаспром. По нападот врз Украина, компанијата во Германија беше национализирана. Сојузна Република Германија е единствен сопственик на СЕФЕ од 2022 година.

Значи, ако некоја компанија во Германија нарачала увоз на руски течен гас, најголема е веројатноста тоа да е СЕФЕ, за што сепак нема никакви докази. Компанијата не одговори на прашањето од ДВ.

Пријателска услуга?

Друго сценарио кое би можело да го објасни писмото од Министерството до ДЕТ, доколку навистина постои, се можни транзитни бизниси во ЕУ. Можеби рускиот ЛНГ бил истоварен на германските терминали и препратен во други европски земји. „Фајненшл тајмс“ посочува дека Белгија, Шпанија и Франција, на пример, имаат долгорочни договори со Русија и сè уште купуваат гас од Русија.

Портпаролката на Соојузната мрежна агенција Афани не може да исклучи трансфер на гас преку германските мрежи бидејќи е „можно молекули на руски гас да течат во Германија или низ Германија како транзитна земја“. Но, ниту тоа не може да го потврди и вели дека „сојузната мрежна агенција не води сметка за тоа дали германски увозници директно купуваат руски количества ЛНГ. Сојузната мрежна агенција исто така не собира податоци за увозот од соседните земји“, посочува таа.

терминалот во Брунсбител во Северно Море
Градежни работи на конекцијата за течен гас кај терминалот во Брунсбител во Северно МореФотографија: Dirk Jacobs/IMAGO

Но, Сојузното министерство за економија недвосмислено утврдува дека „во принцип е точно дека Германија не купува руски гас, а на БМВК му е јасно дека тоа не смее да се случува преку германските терминали за ЛНГ“, пишаа од Министерството.

Решението е во Брисел

Како може да се дојде до одредено ниво на транспарентност во моментов, можеби може да се дознае во Брисел. Затоа испративме прашање во Берлин, каде што е седиштето на „Цукунфт Гас“, која лобира за германската индустрија со гас во ЕУ. Според здружението, уделот на руски течен гас во потрошувачката од Унијата во октомври годинава изнесувал речиси 16 проценти од вкупниот обем на увоз на ЛНГ.

Гринеберг потоа посочува на 14-тиот пакет санкции против Русија, за кој Унијата се согласи на 24 јули 2024 година: „Пакетот содржи и нови барања за рускиот ЛНГ. Претоварот на рускиот ЛНГ во европските пристаништа за натамошен транспорт во трети земји, веќе не треба да биде дозволен, а пакетот треба да биде имплементиран до крајот на март 2025 година. Со тоа се затвора еден канал за Русија за испорака на сопствениот гас во европски или германски терминали.  А, што е со барем теориски можното претоварување во Германија за други ЕУ земји? Чарли Гринеберг ги крева рамениците. „Покрај наведените, нема други општи санкции на ЕУ против рускиот гас“, вели тој.

Дури и ако не можеме точно да кажеме дали руски гас бил истоваран на германски пристаништа, едно е сигурно - со општи санкции ширум ЕУ против рускиот гас, ситуацијата би била појасна и веројатно потранспарентна на германска страна и одбивањето да се дадат информации не би подгревало нови гласини.