1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудните нешта на македонската политика

30 декември 2023

И тогаш кога убавата соработка на поделената политика треба да се претстави како општествен успех за да се залечи некоја рана, таа се крие како да не се случила. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4ahsr
На 19 декември 2023 во македонската влада беа потпишани договори со 44 општини за реализација на 66 проекти на локално ниво и пренаменети 32,5 милиони евра буџетски средства за подобар живот во општините
На 19 декември 2023 во македонската влада беа потпишани договори со 44 општини за реализација на 66 проекти на локално ниво и пренаменети 32,5 милиони евра буџетски средства за подобар живот во општинитеФотографија: Regierung der Republik Nordmazedonien

Ако тргнеме од премисата на големиот драматург Џорџ Бернард Шо - „Тој не знае ништо; и мисли дека знае сè. Тоа јасно укажува на политичка кариера“ – тоа би можело да значи дека многу од македонските политичари би можеле да бидат ставени во оваа светска графа. Тоа дури и би било некакво унапредување за нив, затоа што би можеле да бидат дел од некаков мејнстрим.

Но не е така. Кај нас би можело да се каже дека тие не знаат ништо и само веруваат во нешто. Она што им е кажано дека така треба да биде. Или дека така се случило. Тие се дел од чудните нешта на македонската политика, кои се зголемуваат онака како што минуваат годините во демократијата. Нема тука нешто посебно што ја одвојува македонската политика од европската. Чудните нешта се случуваат насекаде во европскиот континент, но тие се различни од простор до простор, од систем до систем, од владеење до владеење, од силината или слабоста на демократските механизми.

Нема ништо спектакуларно посебно во, на пример, одлуката на мнозинството советници во Градот Скопје повторно да се постави споменикот на Андон Ќосето, историски докажаниот егзекутор на стотина луѓе во револуционерните пресметки во оригиналното вмровско време. Без оглед што неговата исукана кама асоцира на крв и безмилосни ликвидации.  

Отстранетата биста на Андон Лазов Јанев Ќосето
Отстранетата биста на Андон Лазов Јанев ЌосетоФотографија: Petr Stojanovski

Тоа е само дел од пошироката агенда за реставрацијата која нестрпливо ја чекаат вмровските структури, кои се надеваат дека победата на мајските избори е неизбежна и ќе ја вратат Македонија повторно на патеките од кои беа исфрлени пред шест и пол години. Дали граѓанството е исто така нестрпливо да ја види оваа најавувана реставрација е едно од најкритичните прашања во првата половина од 2024.

„Послушните нешта“

Можеби поадекватно би било да се каже „послушните нешта“, отколку „чудните нешта“ на македонската политика. Примерите за тоа ги гледаме секојдневно, од сите штабови и во сите бразди што течат од таму. Лидерот кажува една работа, може да биде и според премисата на Џорџ Бернард Шо, а потоа партиските пропагандистички структури, партиски првенци, пратеници и медиумски аналитички експоненти ја повторуваат во разни варијанти. И кога има и кога нема потреба. И кога не е местото и кога е местото.

Еден пример можеби ќе биде илустративен како парните македонски локомотиви ќе ги полнат со ќумур огништата за да се забрза возот. Оваа приказна се развива речиси еден месец. Таа на свој начин ја објаснува генеалогијата на македонската политика.

Утрото на 12 декември градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на својот Фејсбук профил објави: „На вчерашната комисиска расправа во Собранието за буџетот за 2024 година прифатен е амандман наменет за капитален проект за Општина Битола. Поконкретно, овие средства ќе бидат предвидени за изградба на влезот во Битола од страната на Прилеп. Ова е само почеток на нашата мисија за преродба на нашиот град“. Според Коњановски, финансиска конструкција за овој проект изнесува 177 милиони денари. „Од нив, 110 милиони денари се обезбедени преку државниот буџет за следната 2024 година за време на амандманската расправа во Собранието. Остатокот од 67 милиони денари ќе ги обезбеди општина Битола“, објави градоначалникот.

Македонското Собрание
Македонското СобраниеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Клучната порака во оваа објава е малку подолу. „Сето ова немаше да беше возможно без напорите на претседателот Христијан Мицкоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Македонија, кои во услови на опозиција под сериозни опструкции од власта, успеаја да обезбедат средства за капитален развој на Општина Битола“, напиша Коњановски.

Тоа и можеше да се сфати како политичко додворување на градоначалникот кој има амбиции да се најде на добитничките места на листата во Петтата изборна единица. Но излезе дека тоа биле погрешни размислувања, дека тоа е нешто друго од „чудните нешта“ на македонската политика. Потребна е глорификација на лидерот кога треба да се збијат редовите кога веќе се знае кога ќе се одржат изборите.

Наеднаш, истиот ден, почнаа да се појавуваат постови на Фејсбук на други вмровски градоначалници со многу слична содржина. Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, напиша дека „силната и искрена желба секогаш дава добри резултати, а таков е и примерот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски за што сакам искрено и од срце да им заблагодарам во мое и во името на мојот народ“ затоа што успеале со амандмани да обезбедат 140 милиони денари за основно училиште во Драчево и градинка во населбата Расадник.

Па, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, испрати „благодарност до претседателот Христијан Мицскоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“ за изградбата на нова градинка во општината. И Тимчо Муцунски пишува дека „благодарение на силната заложба и посветеноста на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и целата пратеничка група“ ќе се доградува училиштето „Блаже Конески“.

Може да ги редиме и другите: градоначалникот на Охрид - Кирил Пецаков, на Свети Николе - Дејан Владев, на Прилеп - Борче Јовчески, на Бутел - Дарко Костовски, на Штип, на Велес... сите тие му оддавата „посебна благодарност“ на Христијан Мицкоски и неговата борба во „услови на опозиција“ за капиталните проекти што треба да се реализираат во нивните општини. Сите тие панагирици стигнаа во еден ден.

Квака 22

Ништо од ова не би било посебно „чудно“ за пошироката јавност, бидејќи оваа кореспонденција беше главно насочена кон вмровското ткиво и поддржувачите. Потоа приказната ја презедоа партиските портпароли и самиот Мицкоски.

Но „кваката 22“ беше на друго место. Во Владата. И не се работеше, како што велат вмровските градоначалници, за буџетот за 2024 (во собраниската расправа беа прифатени само три амандмани – еден од ВМРО-ДПМНЕ и два од СДСМ), туку за прераспределба на средства од буџетот за 2023, кои неколку министерства (за транспорт и врски, за образование, за труд и социјална политика, за животна средина) ги пренаменија за 66 проекти во 44 општини. Вкупно две милијарди денари, или 32,5 милиони евра. И тие пари ќе бидат префрлени до крајот на 2023 година.

Поптишување на договорите за за реализација на 66 проекти на локално ниво во Владата на 19 декември, 2023
Поптишување на договорите за за реализација на 66 проекти на локално ниво во Владата на 19 декември, 2023Фотографија: Regierung der Republik Nordmazedonien

Во огромен дел тоа се проектите за кои градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ искажуваа „благодарност“ кон Христијан Мицкоски и пратеничката група на партијата. На 19 декември насмеаните Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски (заедно со другите градоначалници во чии општини Владата пренамени пари) ги потпишуваа договорите во свечената сала на „Илинденска“ со ресорните министри. За финансиска поддршка за нови и реконструирани училишта, здравствени објекти, спортски сали, градинки, улици, проекти од областа на животната средина, културата... Парите до денес веќе треба да бидат легнати на општинските сметки за да можат градоначалниците да ги остваруваат проектите на кои им дале приоритет.

Шест дена по веселата сеанса во Владата, на 25 декември, вмровските градоначалници отидоа на средба со Христијан Мицкоски во седиштето на партија, по која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која на почетокот наведе дека таа е „за корисни и позитивни вести кои се однесуваат на работата на повеќе општини каде градоначалниците доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“. Тој ги наведе проектите за кои насмеаните градоначалници потпишаа договори во Владата за пренамена на државни средства од оваа 2023 година. Мицкоски зборуваше за парите кои што ќе се вложуваат, ама не наведе од каде доаѓаат тие средства. Но додаде: „Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера како тоа што го правеше досега владата на СДСМ и ДУИ да ги двои општините на подобни и неподобни или онаму каде што се градоначалници на СДС-ДУИ да бидат подобни, сите останати  да бидат неподобни“. Иако неговата изјава е во целосна спротивност од она што неговите градоначалници шест дена претходно го потпишаа во Влада.

Од средбата на претставниците на Владата и градоначалниците на 44 македонски општини на 19 декември 2023
Од средбата на претставниците на Владата и градоначалниците на 44 македонски општини на 19 декември 2023Фотографија: Regierung der Republik Nordmazedonien

Нема никаква дилема дека коалициските партнери во владата сигурно ќе ја искористат оваа пренамена на сериозни пари од годинашниов буџет за да покажат дека тие се грижат подеднакво за сите општини. Како што на свеченоста изјави премиерот Димитар Ковачевски: „Заедничка цел на централната и локалната власт треба да бидат потребите и интересите на граѓаните“. И тоа да го претстават во кампањата за парлементарните избори избори дека оваа Влада не ги дели општините на подобни и неподобни, на туѓи или наши. 

Како што нема дилема дека лидерите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги претставуваат овие пари како успех на Христијан Мицкоски, пратеничката група и градоначалниците, без да се наведат изворите на овие средства. Се разбира дека пренамената на овие пари не дошла сама од себе, од волјата на надлежните министерства, туку дека тоа било на одреден начин разработено со градоначалниците на 44 општини кои претставиле проекти за кои може да се добијат државни пари. Тоа, веројатно, е делот кој е најкорисен во исклучително поделената политика.

Од јануари па натаму ќе видиме кој ќе биде поуспешен во презентирањето на „заслугите“ за пренамената на двете милијарди денари. И дали, на пример, Тимчо Муцунски, ќе го викне на поставувањето на камен-темелникот за проширувањето на училиштето „Блаже Конески“ министерот за образование Јетон Шаќири, со кого го потпиша договорот за отстапување на средствата, или честа ќе му ја остави на партискиот лидер Христијан Мицкоски, поради неговата „силна заложба и посветеност“.

Тоа се некои од чудните нешта во македонската политика. И тогаш кога убавата соработка на поделената политика треба да се претстави како општествен успех за да се залечи некоја рана, таа се крие како да не се случила. Затоа што не смее, по никоја цена да се признае успехот на другиот, или добриот гест.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар