Со членство во СЕПА полесно плаќање од странство во евра
9 јули 2024Народната банка се подготвува до Европскиот совет за плаќања да ја поднесе апликацијата за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра - СЕПА што ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра. За граѓаните и претпријатијата, придружувањето кон СЕПА ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Клучна придобивка е намалувањето на трошоците за прекуграничните трансакции со овие земји, што е особено значајно за дознаките од иселениците и лицата на привремена работа во странство, кои се важни за македонската економија.
„Стандардизираните регулативи кои се применуваат во СЕПА придонесуваат и за повисоки нивоа на заштита на потрошувачите и транспарентност, обезбедувајќи еднаков приод кон сите даватели на платежни услуги и по конкурентски цени, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во изјава за МИА.
Што е СЕПА?
СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на Европската Унија (ЕУ) и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар.
Граѓаните и фирмите од земјите членки можат да вршат безготовински плаќања во евра, преку кредитни трансфери, вклучувајќи и инстант плаќања и директни задолжувања во било која земја-членка на СЕПА на брз, безбеден и ефикасен начин и по исти трошоци како и домашните плаќања.
Кои се придобивките од пристапувањето кон СЕПА?
Со пристапувањето на земјата кон СЕПА, граѓаните и компаниите ќе имаат помали трошоци за прекуграничните трансакции коишто ќе можат да ги извршат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на парични средства ќе се извршува за најмногу 10 секунди во било кое време од денот, за викенди и за празници.
Потоа, домашните банки ќе станат директни учесници во платните системи кои функционираат во СЕПА што практично значи дека ќе се избегнат т.н. комплексни коресподетни аранжмани што сега ги имаат банките, што пак ќе услови поевтин и побрз пренос на паричните средства. Сега банките имаат отворено т.н. коресподентски сметки во странските банки на кои чуваат ликвидни средства и во случај кога клиентот сака да направи трансфер на средства на некој примач во странство, преносот на финансиски средства се врши токму од овие сметки доколку примачот има сметка во таа странска банка. Но, честопати примачите се со сметки во банка различна од коресподентната, поради што таа банка ги користи своите коресподентски односи со други банки за пренос на паричните средства до крајниот примач.
За компаниите, СЕПА ќе значи зајакнат пристап до пазарот во ЕУ, бидејќи полесно ќе можат да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од СЕПА областа. Ефикасноста на плаќањата во СЕПА областа го намалува и користењето на готовина, промовирајќи ја употребата на дигиталните начини на плаќање и поддржувајќи ја транзицијата кон дигитално општество.
Над две третини (71 проценти) од вредноста на вкупната надворешна трговија на земјата во 2023 година е реализирана со членките на СЕПА, достигнувајќи 101 проценти од бруто домашниот производ на земјата. Најголем број од плаќањата на Северна Македонија со другите земји се извршуваат во евра. Во 2023 година преку домашните банки 87 проценти од вкупните одливни плаќања, односно 77 проценти од вкупните приливни плаќања со другите држави, се извршени во евра.
„Со приклучувањето кон СЕПА процедурата за овие плаќања ќе се поедностави и скрати, а со тоа и ќе се намалат трошоците за граѓаните и фирмите“, вели Ангеловска-Бежоска.
Очекувања
Активностите за пристапување на земјата кон СЕПА започнаа во 2021 година во рамки на регионалниот проект „Модернизација на плаќањата за земјите од Западен Балкан”, којшто потекнува од Берлинската иницијатива, со цел да ги развие финансиските и економските односи меѓу земјите од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ.
Во ноември лани, Европската комисија објави и нов План за проширување на Западен Балкан, при што еден од приоритетите е членството на земјите од регионот во СЕПА. Очекувањата се дека по поднесувањето на апликацијата, Европскиот совет за плаќања ќе даде формална оценка и ќе одлучи за пристапот на земјава кон СЕПА.
СЕПА започна да се реализира во 2008 година. Има 36 земји членки. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, во неа членуваат и девет европски земји кои не се во Унијата (Норвешка, Обединетото Кралство, Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн, Сан Марино, Монако, Ватикан и Андора).