Правда за главниот статистичар на Грција
20 март 2023Грчката должничка криза заврши, но и дебатата за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за економската беда во Грција во последните години, сè е уште трае. Многумина сметаат дека главната одговорност е на социјалистичката партија ПАСОК. На крајот на краиштата, основачот на партијата и долгогодишен шеф на владата, Андреас Папандреу, извлече повеќе пари од Европската Унија од кој било друг – и потроши голем дел од нив на изборни подароци.
Други го обвинуваат поранешниот конзервативен кандидат Костас Караманлис. Тој владееше со Грција од 2004 до 2009 година, а за тоа време речиси го удвои националниот дефицит, исто така за да ги задоволи своите гласачи.
Но, има и такви кои не го обвинуваат тој што ја предизвикал лошата вест, туку тој што ја носи. За нив е виновен човекот кој ја откри вистината и ја пријави во Брисел.
Чесен државен службеник
Овој човек се вика Андреас Георгиу. Занаетот го научил, меѓу другите, во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Како шеф на грчката статистичка служба ЕЛСТАТ во периодот 2010-2015 година, Георгиу значително ги коригираше бројките поврзани со државниот дефицит и тоа кон нагоре. Со тоа ја прекина традицијата на „грчката статистика“, која што на прв поглед е невино име за украсена статистика за пресметки. Поради ова, повеќепати бил навредуван како „предавник“. Овој економист поради страв од кривично гонење морал да ја напушти татковината и сега живее во САД.
Сепак, процес против него беше покренат. Георгиу беше ослободен од обвиненијата за лажни изјави за дефицитот. Но, летото 2017 година во друга судска постапка доби условна затворска казна од две години – за непочитување на службената должност. Оттогаш, Георгиу се бори за својата репутација.
Етапна победа во Стразбур
Поранешниот главен статистичар на Грција оствари етапна победа. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во вторникот на 14 март 2023 година, пресуди дека Грција ја прекршила Европската конвенција за човекови права во случајот Георгиу. Поточно: во кривичниот процес во Атина против Георгиу, на обвинетиот му било повредено правото на правично судење (член 6 од ЕКЧП).
Судиите во Стразбур особено се жалат на нивните грчки колеги дека Врховниот суд во Атина не сакал да покрене прелиминарна постапка пред Европскиот суд на правдата, највисокиот суд на ЕУ, иако Георгиу тоа конкретно го побарал. Како резултат на тоа, Грција сега е виновна за скратување на соодветна постапка.
Постапката пред донесување на судска одлука е најчестиот вид на постапка во Судот на ЕУ. Целта е да го разјасни прашањето дали националното право е во согласност со правото на ЕУ или дали се спроведува во согласност со него. Националниот суд презентира оспорен правен случај до највисоката правна инстанца на ЕУ. Конечната одлука е исто така во надлежност на националниот суд. Толкувањето на судиите во Судот на ЕУ во Луксембург е обврзувачко.
Пред Европскиот суд за човекови права, владата во Атина изјави дека прелиминарната одлука ќе биде земена предвид само доколку националниот суд се сомнева во толкувањето на националната законска одредба во однос на усогласеноста со правото на ЕУ. Овде очигледно не е така, па упатувањето до Европскиот суд на правдата, според мислењето на грчкото правосудство, не е неопходно. Судиите во Стразбур, пак, не се согласуваат со ова објаснување.
Главниот статистичар како жртвено јагне
Европскиот парламентарец Јоргос Кирцос ја критикуваше кривичната постапка против Георгиу уште во 2017 година. „ Одлуката да се стави Грција под надзор на ЕУ беше донесена долго пред Георгиу да стане шеф на ЕЛСТАТ“, изјави тој за ДВ тогаш. Само поради оваа причина, неосновано е обвинувањето дека Георгиу ги преувеличил бројките за дефицитот и со тоа ја турнал Грција во криза.
Денес Кирцос смета дека неговата тогашна критика е потврдена. Георгиу мораше да биде искористен како жртвено јагне бидејќи под раководство на надлежните тела на ЕУ се обиде да ги доведе во ред податоците за буџетот“, изјави Кирцос за ДВ. Конзервативниот политичар со задоволство истакнува дека од 2014 година, како член на Комисијата за економски прашања на Европскиот парламент, направил се што може за да го поддржи Георгиу.
Во овој момент, сепак, ниту Кирцос не може да направи многу. По јавната расправија со премиерот Киријакиос Мицотакис, тој беше принуден да ја напушти Неа Димократија, грчката конзервативна партија, па дури и Клубот на Европската народна партија (ЕПП). Денес Кирцос работи на враќање во политиката како член на либералната фракција Обнови ја Европа во парламентот на ЕУ.
Шамар за теоретичарите на заговор
Поранешниот социјалистички министер Евангелос Венизелос беше првиот висок политичар кој ја коментираше пресудата во Стразбур: овој уставен адвокат предупредува дека тоа е „шамар“, а не само „поука“ за теоретичарите на заговор во Грција кои сè уште шпекулираат за наводните тајни причини за грчката должничка криза.
„Правда за Георгиу во Европа“, вели Та Неа, најтиражниот атински дневен весник. Угледниот весник „Катимерини“ пишува дека грчкиот правен систем „добил шамар“. Инаку, пресудата од Стразбур досега наиде на мало внимание во јавноста, меѓу другото и затоа што грчките новинари штрајкуваа во средата.