1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Честитки и очекувања по изборите во Македонија

ДТЗ
9 мај 2024

Епилогот од претседателските и парламентарните избори во земјата со внимание се следи и во Грција и во Бугарија, од каде порачаа дека наскоро ќе се види дали земјата сака да оди кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4ffGO
Христијан Мицкоски, Гордана Сиљановска Давкова
Соседите се надеваат дека Македонија ќе остане на патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерите од регионот упатија честитки до ВМРО-ДПМНЕ и до новозибраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по убедливата победа на двојните избори во Северна Македонија и ги пренесоа своите очекувања за продолжување на соработката за остварување на стрешките цели за приближување кон ЕУ. Епилогот од претседателските и парламентарните избори во земјата со внимание се следи и во Грција и во Бугарија, од каде порачаа дека наскоро ќе се види дали земјата сака да оди кон ЕУ. 

Тесна соработка за европската иднина

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји ѝ ја честиташе победата на Гордана Сиљановска-Давкова  на претседателските избори. Според последните резултати објавени на сајтот на ДИК, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, освоила 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски од СДСМ - 251.541 (29,25%). 

„Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“, порача Вархеји во честитката на платформата Икс. 

Силјановска Давкова во одговор на објавата му се заблагодари на Вархеји на честитката, изразувајќи подготвеност за соработка во остварување на најважниот македонски стратешки проект. „Ви благодарам многу, господине комесар Оливер Вархеји! Како еден од основачите на Европското движење во Македонија и поранешна Југославија, со нетрпение очекувам да работам со Европската комисија за го завршиме најважниот македонски стратешки проект“, порача Силјановска Давкова. 

Слична порака испрати и амбасадор на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, кој исто така очекува тесна соработка со неа за европската иднина на земјата.

Зајакнување на регионалната соработка

Лидерите од регионот од новото раководство во земјата очекуваат зајакнување на соработката. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ѝ ја честиташе победата на Гордана Силјановска-Давкова. Во пораката објавена на платформата Х, вели дека е убеден оти двете земји ќе продолжат да работат заедно на зајакнување на врските со цел напредок и благосостојба, како и на просперитетот на целиот регион.

Новоизбраната македонска претседателка во коментар му одговори дека многу ѝ значат неговите искрени честитки. „Очекувам дека ќе продолжиме да работиме на унапредување на извонредните македонско-српски односи“,напиша Силјановска-Давкова на Икс.

И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вели дека со нетрпение очекува да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваат. 

ВМРО-ДПМНЕ победа избори
Епилогот од претседателските и парламентарните избори во земјата со внимание се следи во регионотФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Наскоро се ќе биде јасно“

Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи со значителна разлика на изборите во Република Северна Македонија ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока.

„Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска“, изјави Радев, откако заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова положија цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин по повод 9 мај.

Бугарскиот претседател рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, „но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство“. Според него, тоа значи „промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“.

„Откажување од јазикот на омразата што беснееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на Бугарите во земјата“, ја пренесува БТА изјавата на Радев. 

ДИК избори
Последни резултати објавени на сајтот на ДИКФотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, уште синоќа на Икс им ја честита изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Силјановска-Давкова на парламентарните и претседателските избори. Тој порача дека со нетрпение очекува да работат заедно на давањето нов импулс на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. 

„Загриженост во Грција“

Двојните избори во Северна Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, се главни теми и во грчките медиуми, кои ги пренесуваат резултатите. Тие коментираат дека станува збор за голем триумф и посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција.

Весникот „Катимерини“ во текстот-анализа посветен на изборите, пишува дека „доминацијата на националистичката ВМРО на изборите во Северна Македонија предизвикува загриженост за последиците врз односите на Скопје со Софија и Атина, иако аналитичарите сметаат дека Договорот од Преспа нема да биде оспорен“.

„Прашањето – што заедно со победата за раководството на ВМРО – го поставија изборите во средата е дали сегашната партија се развила во централно десничарска проевропска политичка организација или ќе продолжи по патот на национал-популизмот и авторитарното владеење што го одреди сега пребегнатиот поранешен лидер и премиер во период од една деценија, Никола Груевски“, пишува весникот.

Додава дека за тоа каква ќе биде политиката на владата на Мицкоски, „ќе се покаже од приоритетите што ќе ги постави“, а оние кои се во заминување „зад себе оставаат земја заглавена во корупција и непотизам, но и два меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија, кои НАТО и ЕУ ги поздравија, но ВМРО како опозиција беше против“.