1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на технолошкиот прогрес

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
25 септември 2023

Македонските граѓани уште може да се мобилизираат само за етнички наративи и за патриотски пропаганди, а не и за еколошката иднина на својата земја. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4Wm3s
Шумски пожари во Северна Македонија
Шумски пожари во Северна МакедонијаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Освен неколку врнежливи дена, и овој септември во Келн беше многу топол, небаре беше продолжение на август. Ова лето се навикнав да се будам со погледот врз липовото дрво пред прозорецот, облеано од летното сонце. Затоа ме зачуди што минатата недела два-три дена небото остана сиво. „Зошто е вакво сиво небово, па нели уште е лето“, си реков повеќе за себе, иако гласно. „Што се чудиш? Па порано небото во германските лета беше многу често вакво, сиво и облачно”, ми дофрли мажот ми. Навистина, такво, сиво и облачно, беше моето прво германско лето пред четири децении. Ми требаше многу време да се навикнам и на такво лето. Тогаш копнеев во лето по синото небо над Скопје. Тој мој копнеж се оствари дури по четири децении, продолжив гласно да размислувам. „За жал, го остварија климатските промени”, пак ме врати мажот ми во реалноста. Затоа во последните десетина години германските лета не се разликуваат многу од моите некогашни скопски лета. Велам некогашни, затоа што сегашните скопски лета, со пеколно високите температури, не се повеќе тие пријатни лета кои ги паметам од Скопје пред четири децении.

Климатските промени и откажувањата на граѓаните

Радоста дека келнските градини полека се преобразуваат во медитерански, не може да ја потисне загриженоста поради климатската промена. Ниту Келн не би имал медитерански лета, ниту Скопје африкански температури, доколку не беше глобалното затоплување. И покрај ветувањата на политичарите, нам, на граѓаните ни станува со секое лето се‘ појасно дека глобалното затоплување не може да се спречи со енергични политички пароли. Тоа што треба да се случи за да може барем во иднина нешто да се менува на подобро, е темелна промена на нашиот однос кон технолошкиот прогрес. Впрочем, од почетокот на индустриската ера, тој прогрес веќе два века ги обликува нашите потреби и нашиот однос кон природата. И токму во тоа е проблемот! Дури и голем број од граѓаните во земји како Германија, кои сакаат здрава храна и здрава околина, ретко се подготвени за радикални откажувања. Не сакаат да се откажат од удобностите на технолошкиот прогрес, иако знаат дека тие драстично придонесуваат за глобалното затоплување. На пример, два-три пати во годината да летаат со авион на одмор!

 Македонците, особено во Скопје, дишат загаден воздух
Македонците, особено во Скопје, дишат загаден воздухФотографија: Petr Stojanovski/DW

А кога ќе се разбудите среде ноќ и ќе се загледате во спокојот на ноќта, за миг ви станува јасно колку е совршена планетата земја. Иако тоа не е оној возвишен поглед врз сината планета на астронаутите, сепак, секој од нас во тихоста на ноќта сознава дека нам ни е дарувана бесконечна убавина која самите ја уништуваме. И во тој кус миг во ноќта, секој од нас е подготвен да стори се‘, за да се сочува планетата земја. А кога ќе се раздени, брзината и бучавата на секојдневието прави брзо да заборавиме дека ако не дојде наскоро до драстична промена во однесувањето на човештвото, таа убавина ќе ја изгубиме. Ако сакаме да го спречиме тоа, треба да почнеме самите да се ограничуваме и да не живееме повеќе така, небаре природните ресурси би можеле бескрајно да се трошат. Всушност, при секое достигнување на модерната технологија треба да се потсетиме дека тоа скапо ќе не‘ чини сите, иако денес жителите на богатите општества се уште се уверени дека имаат право на благосостојба. Всушност, модерните индустриски општества живеат во модусот „да се поседува“, уверувајќи се дека тој е идентичен со модусот „да се биде”. Меѓутоа уште во седумдесеттите Ерих Фром (Erich Fromm) предупреди во своето прочуено дело „Да се има или да се биде” (To Have or to Be) уште 1976-та дека двата модуса се непомирливи. Неконтролираниот технолошки прогрес го поттикнува егоизмот, сугерирајќи дека среќата е „да се има”. Само затоа брзо забораваме дека со нашата желба за поседување секој од нас е учесник во  уништувањето на еколошката рамнотежа.

(Не)релевантноста на екологијата

За разлика од критичката свест во седумдесеттите и осумдесеттите, како резултат на која се појавија првите еколошки партии, денес во земјите како Македонија екологијата, особено како политичка димензија, уште од најголемиот број граѓани се смета за нерелевантен фактор за нивниот живот. Тие побрзо би излегле да демонстрираат  од патриотски причини, отколку од еколошки.  Иако ретките еколошки активисти постојано укажуваат дека Македонците, особено во Скопје, дишат загаден воздух,  уште нема сериозна македонска еколошка партија. Македонските граѓани уште може да се мобилизираат само за етнички наративи и за патриотски пропаганди, но не и за  еколошката иднина на својата земја.  Всушност, денес вистинскиот патриот е граѓанинот со јасна еколошка самосвест. На македонските граѓани уште не им станало јасно дека етничките расцепи и непријателства се ирелевантни пред заканата од еколошка катастрофа.

За жал, во целиот свет просечните граѓани побрзо им веруваат на теориите на заговор, отколку на еколошките активисти. Кога 1986-та се случи катастрофата во Чернобил, научниците препорачуваа во таа пролет да не се јаде зеленчукот и овошјето, затоа што беше контаминирано од нуклерниот талог. Паметам, многу луѓе во Скопје велеа дека тоа било лага и дека на овошките не се гледало никакво оштетување. Тие не верувале во тоа што не можеле да го видат, беше нивното оправдување. Нуклеарното загадување не може да се види, затоа што неговото разорно дејство се пројавува по години или по децении. Така е денес и со климатските промени. Сите ги чувствуваме, сите знаеме што е причината за нив, но најголемиот број од нас сакаат да веруваат дека катастрофата никогаш нема да се случи. Или се уверуваме себе си дека не мора токму од нас да почне промената. „Нека почнат прво другите, па потоа и ние ќе им се придружиме”, ја успокојуваме својата нечиста совест. Како човештвото да е во некое зло волшепство, кое сите не заслепува за да не согледаме дека иднината, барем климатската, нема да биде розова за идните генерации. А тие не се некои непознати луѓе. Тие се нашите внуци и правнуци. Цената на нашиот сегашен неограничен технолошки прогрес е нивната несигурна иднина.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи