Бура од историски размери: Тројца загинати во Калифорнија
6 февруари 2024Ова, според американската метеоролошка служба, беше бура од историски размери. Во Калифорнија немало толку многу дожд во период од два дена во последните 150 години. Невремето предизвика поројни поплави и одрони. Откорнати се дрвја, оштетени куќи, и уништени се автомобили. Властите известуваат за најмалку три смртни случаи. Околу 710.000 луѓе останаа без струја во понеделникот вечерта.
Гувернерот на државата, Гевин Њусом, веќе во неделата предупреди на „силно невреме со опасни и потенцијално опасни последици“ и прогласи вонредна состојба во неколку окрузи. Предупредувањето од поплави беше во сила речиси во цела Јужна Калифорнија. Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, ги повика жителите на милионскиот град да излегуваат од домовите само во итни случаи.
Смрт од паднати дрвја
Во близина на Сакраменто, еден човек бил погоден од дрво кое паднало во неговиот двор, а подоцна починал од повредите, соопшти Одделот за судска медицина во округот Сакраменто. Во два други случаи, две лица се смртно повредени од паѓање на дрвја во северна Калифорнија, објавија американските медиуми. Националната метеоролошка служба на САД говореше за „најсилната бура во сезоната“ со ризик од „опасни поплави и обилни снежни врнежи, налети на ветер и крајбрежни поплави“. Во регионот на Лос Анџелес заврнале меѓу 12,7 и 25,4 сантиметри дожд. Се наведува дека неделата и понеделникот биле меѓу највлажен дводневен период од 1877 година наваму.
„Ананас Експрес“
Причина за обилните врнежи е временскиот феномен наречен „атмосферска река“. Националната метеоролошка служба во Лас Вегас соопшти дека станува збор за „концентриран канал на влага со потекло од суптропските предели, кој носи влага и обилни врнежи во средните географски широчини“.
Бидејќи влажните воздушни маси кои главно ја погодуваат Калифорнија доаѓаат од тропските поморски региони во Пацификот околу Хаваите, тие се познати и како „Ананас експрес“.