Бугарија сака да ја продолжи работата на термоцентралите
13 јануари 2023Бугарија сака да го одложи планираното затворање на своите термоцентрали за дванаесет години, до 2038 година. Парламентот во Софија ѝ наложи на Владата да преговара со Европската комисија за повлекување на соодветната обврска. Одлуката на пратениците беше донесена со огромно мнозинство од 187 гласа „за“, со само два гласа против и девет воздржани.
Претходно, вработени во термоцентрали и рудници за јаглен демонстрираа пред парламентот со барање за одлагање на затворањето на централите до 2038 година. Тие се пожалија дека спроведувањето на претходните цели ќе ја загрози енергетската безбедност и многу работни места.
Но, одлуката на парламентот е во спротивност со ЕУ-планот за обнова. Тој предвидува емисиите на јаглерод диоксид во енергетската индустрија до крајот на 2025 година да се намалат за 40 проценти во споредба со 2019 година, што отприлика значи напуштање на јагленот во 2026 година. Парламентарците сакаат да го одложат излезот, дури и ако тоа значи прекунување на помошта од страна на ЕУ.
Индустријата ги смета целите за нереални
Бугарските термоцентрали во летните месеци генерираат половина од вкупните потреби за електрична енергија во земјата. Во текот на грејната сезона тоа се речиси 60 проценти. Повеќето од нив веќе почнаа да спроведуваат проекти за диверзификација на мешавината на горива и постепено исфрлање на јагленот. Сепак, тоа не може целосно да се постигне во рок од три години, стои во отвореното писмо од индустријата упатено до државното и парламентарното раководство во ноември 2022 година.
- повеќе: Македонија преку Бугарија ќе добива 500.000 кубни метри гас дневно
Бугарија е најголемата извозник на електрична енергија во југоисточна Европа. Приходите на првенствено државните производители се користат во прва линија за заштита на компаниите и потрошувачите од зголемените трошоци за енергија.
Предупредувања на Гринпис
Организацијата за заштита на животната средина Гринпис повторно ја повика бугарската влада да се фокусира на обновливите извори на енергија. Стакленичките гасови што се ослободуваат при согорувањето на гасот, нафтата и јагленот се главна причина за глобалното затоплување и неговите фатални последици - суши, топлотни бранови, урагани, поплави и пораст на нивото на морињата.