1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: Геј паровите ќе можат да посвојуваат деца

16 февруари 2024

Грција е првата земја со православно мнозинство што ги легализираше истополовите бракови - и покрај силните протести на црквата и значителен дел од политичката елита.

https://p.dw.com/p/4cUP0
ЛГБТИ Грција
Атина, 15 февруари 2024 година.Фотографија: Kostas Galanis/Sipa USA/picture alliance

Ова е првпат во современата грчка историја конзервативна влада да спроведе либерална реформа - против волјата на православната црква и против волјата на многу нејзини гласачи и пратеници. По многу страсна дебата, грчкиот парламент во четвртокот вечерта (15.02.2023) усвои нацрт-закон со кој се легализираат истополовите бракови.За него гласаа 176 од 300 пратеници. Ова ја направи Грција првата земја со православно мнозинство што ги легализираше хомосексуалните бракови.

„Од вечерва Грција е горда што е 16. земја во Европската Унија која ги усвои законите за брачна рамноправност. Ова е пресвртница за човековите права“, објави премиерот Кирјакос Мицотакис на мрежата Икс по гласањето во парламентот. Организацијата „Виножито фамилии“ напиша: „Ова е ден на радост“. 

Кирјакос Мицотакис
Мицотакис: Грција е горда вечерваФотографија: Louisa Gouliamaki/REUTERS

Тоа беше навистина историски ден за грчката демократија. Со донесувањето на законот, земјата прави важен чекор во борбата против дискриминацијата и за општество кое не исклучува никого.Пред гласањето, многу луѓе, вклучително и ЛГБТК активисти, се собраа пред парламентот за да го прослават важниот ден - а потоа славеа цела ноќ. По гласањето на многумина им беа насолзени очите, а во исто време имаа насмевки на лицата и вееја знамиња со виножито. Еден ден подоцна, во дневниот весник „Та неа“ се појави првата реклама за венчавка на двајца мажи. 

Скриени солзи 

Во собраниската расправа, еден од последните говорници, актерот Спирос Бибилас од левичарската националистичка мала партија „Курс за слобода“ успеа да ги трогне присутните.„На млада возраст сфатив дека се разликувам од други луѓе“, рече 68-годишниот геј. „Плачев тајно затоа што морав да кријам нешто, се срамев од тоа и не можев ни да им кажам на родителите“. Скриените солзи го натерале да се бори за во иднина другите деца да не плачат, да се радуваат и да не се плашат да кажат што се и кој ги привлекува. Затоа, како што нагласи Бибилас, би гласал за предлог-законот, дури и ако треба да се подобри.

Новиот закон не ги легализира само хомосексуалните бракови. Кога ќе стапи на сила, ќе обезбеди и можности за посвојување на истополови парови. Ова не беше можно порано: во случаи кога партнер на истополови парови учествувал во зачнувањето на детето, само тој или таа претходно имал родителски права. На пример, на небиолошките родители не им беше дозволено да се изјаснат каков медицински третман треба да добиваат нивните деца. Исто така, доколку биолошкиот родител умрел, државата можела да му ги одземе децата на другиот родител. Во случај на деца родени од геј парови, името на мајката која го родила детето морало да се запише во матичната книга на родените. 

парламент Грција
За него гласаа 176 од 300 пратенициФотографија: Michael Varaklas/AP/picture alliance

Протест на православната црква 

Сепак, и по стапувањето на сила на реформата, истополовите парови - за разлика од хетеросексуалните парови и немажените жени - сè уште немаат право на вештачко оплодување. Исто така, не им е дозволено да ги користат услугите на сурогат мајка за да ги носат нивните деца.

Законот беше донесен против желбите на Грчката православна црква и покрај нејзиниот силен протест. Бракот е света заедница меѓу маж и жена, се вели во соопштението на црквата. Геј браковите се „бомба во темелите на семејството“ и нивната легализација е „грев“.

Три десничарски екстремистички партии во парламентот, како и ултраконзервативното крило на владејачката Нова демократија, исто така, се спротивставија на законот. Мицотакис уште од почетокот знаеше дека дури и некои негови министри ќе гласаат против, па ги ослободи од партиските притисоци. На крајот, од 158 пратеници на Нова демократија за законот гласаа само 107. Против гласаа 20, а воздржани беа 31 пратеник. 

Противници на реформите 

Најистакнат противник на овој закон беше поранешниот премиер и поранешен претседател на НД, Андонис Самарас. Истополовите бракови не се човеково право, грмеше во парламентот и го предупреди својот наследник да внимава: „Прекумерната самодоверба може да доведе до одвојување на власта од реалноста и општеството“.

Но, Мицотакис не беше вознемирен. Од самиот почеток, тој беше речиси сигурен дека најмалку четири опозициски партии (левичарската Сириза, Новата левица, Курсот на слободата и социјалдемократскиот ПАСОК) ќе гласаат за нацрт-законот. 

Либералниот профил на Мицотакис 

Со овој предлог-закон, премиерот Киријакос Мицотакис сакаше да го заостри својот либерален профил и да покаже дека неговата влада може сериозно да ги сфати човековите и граѓанските права. Поминаа две години од шпионскиот скандал, а никој не одговара. Во 2022 година, се покажа дека грчката тајна служба, тогаш под контрола на внукот на Мицотакис, шпионирала министри, опозициски политичари и новинари. А, за неколку дена ќе биде годишнината од трагичната железничка несреќа во Темпи - за која ниту никој не одговараше. Минатата недела, Европскиот парламент во резолуција дури изрази „загриженост за моменталната состојба на грчката демократија“.

Затоа беше важно Мицотакис да направи чекор кон еднаквост на граѓаните. И Мицотакис се бори за превласт во политичкиот центар и сака да се претстави како „вистински прогресивец“.

Во Грција, социјалистот Андреас Папандреу некогаш беше голем реформатор. На почетокот на осумдесеттите години на минатиот век се работеше за еднаквост на жените. Тогаш неговата прва влада на ПАСОК донесе еден од најпрогресивните семејни закони во Европа - против волјата на конзервативната Нова демократија и тогашната многу повлијателна Грчка православна црква. Тогаш беше легализиран дури и абортусот. 

ЛГБТК заедницата, пак, со децении мораше да се бори за своите права и да чека тие да бидат запишани во законот. Дури во 2015 година тогашната влада на Сириза воведе регистрирани партнерства за истополови парови. Додуша, во тоа време Мицотакис беше еден од ретките пратеници на НД кој гласаше за предлог-законот на левичарската влада.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема