1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Божјите воини на Доналд Трамп

Арнд Хенце (АРД)
29 ноември 2024

Евангелистичките христијани се најлојалната група гласачи на Трамп. Меѓу номинираните за владиниот кабинет, идниот претседател на САД се потпира на особено радикални претставници кои се прославија со чудни тези и симболи

https://p.dw.com/p/4nX0x
Доналд Трамп Библија
Доналд Трамп со Библија в рака (архивска фотографија)Фотографија: Reuters/T. Brenner

Пит Хегсет често се презентира во јавноста без маичка за да може да се види не само мускулестото тело, туку и тетоважите: пушка врз американското знаме, средовековен ерусалимски крст со пораката на крстоносците „Deus Vult", или во превод „Господ така сака“ и конечно името „Исус“ испишано со хебрејски букви. Поранешниот војник од елитна единица и актуелен презентер на Фокс Њус се доживува како „христијански“ или „свет воин“ против непријателите во земјата и надвор од неа. За време на вториот мандат на Доналд Трамп се очекува токму тој да стане министер за одбрана. Во неговата книга „Американска крстоносна војна“ од 2020 година, Хегсет бара „целосно уништување“ на сите левичарски сили, оти „без тоа Америка не може да опстане“. Во неговата најнова публикација „Војна против воините“ и „просветлените војници“ се вбројуваат меѓу таквите левичарски непријатели. Армија што прифаќа жени и квир-луѓе во борбените единици е предавство на мисијата за водење војна. За човекот кој наскоро ќе биде одговорен за над два милиони војници, крстоносците во средниот век претставуваат војска ослободена од сите правни окови. „На нашите непријатели им требаат куршуми, а не адвокати!“, смета Хегсет кој книгата ја завршува со религиозниот повик „Цела слава на Исус Христос!“

Пит Хегсет
Пит Хегсет треба да биде американски министер за одбранаФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

Мешавина од милитантност и машкост

Социологот Филип Горски, кој на Универзитетот Јеил го истражува христијанскиот национализам, е убеден дека Доналд Трамп со Пит Хегсет свесно испраќа сигнал до крајните маргини на религиозниот и политички спектар.

Во сцената се повлекува директна линија од крстоносните војни во средниот век, граѓанската војна и освојувањето на Западот, па сѐ до упадот во Капитолот, во кој глорификацијата на насилството и машкоста се во религиозна обланда. „По упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, ФБИ презеде масовна акција против таквите 'христијански' милитанти. Но, групите се реорганизираа на локално ниво. Таквиот микс од милитантност и машкост е особено привлечен за младите мажи“, анализира Горски.

Симболи кои ги користеше и масовниот убиец Брејвик

Меѓу религиозно мотивираните десничарски екстремисти борбениот извик „Deus Vult" и ерусалимскиот крст се одамна широко распространети. Норвешкиот неонацист и масовен убиец Андерс Брејвик, ја користи истата симболика во својот „манифест“ од 2011 година. Историчарот Метју Габриеле од Техничкиот универзитет во Вирџинија вели дека „оваа комбинација стои за еден вид на апокалиптично, милитантно христијанство. И речиси секогаш тоа било проследено со насилство“.

САД Вашингтон упад во Капитол
Упадот во Капитол се случи на 6 јануари 2021 годинаФотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance

Екстремисти во евангелистичкиот камп

Оттаму, номинацијата на Хегсет претставува поместување на моќта во спектарот на христијанските националисти, вели Горски. „Меѓу Републиканците отсекогаш имало политичари со многу конзервативен евангелистички систем на вредности. Но, на функциите се држеа до правилата, како поранешниот потпретседател на Трамп, Мајк Пенс, кој во 2021 година не дозволи да биде вовлечен во лагата за украдените избори. Тоа е фундаменталната разлика меѓу евангелистите од старата школа како Пенс и идниот министер за надворешни работи Марко Рубио од една страна, и религиозните екстремисти како Хегсет од друга“, објаснува Горски.

САД евангелистичка црква знаме
Американско знаме се вее пред евангелистичка црква во Галант, САДФотографија: picture-alliance/AP Images/B. Anderson

Во екстремниот табор на христијанските националисти, Горски го вклучува и идеолошкиот татко на „Америка на прво место“, Расел Воут, кој е човек од доверба на Трамп. Како иден директор за буџетот, тој треба да ги контролира сите државни издатоци и преку славината за пари да ја води борбата против либералните институции.

„Јудеја и Самарија“ наместо Западниот Брег

Со назначувањето на Мајк Хакаби за амбасадор на САД во Израел, Доналд Трамп го менува курсот во блискоисточната политика во кој се губат границите меѓу политиката и религијата.

Хакаби долги години е еден од најистакнатите гласови на „христијанските ционисти“. Дури и по неговата номинација, поранешниот баптистички свештеник и гувернер на Арканзас се држи до неговиот став да не зборува за „Западниот Брег“ туку за „Јудеја и Самарија“. „Од пред 3.500 години, кога документот му беше врачен на Аврам од самиот Бог, еврејскиот народ е вистинскиот сопственик на Израел“, вели Хакаби за Ол Израел Њус, гласноговорник на христијанските ционисти. Таквото библиско сведоштво за него „не е подложно на дебата“. Хакаби повеќекратно покажуваше симпатии и за окупацијата на Палестинските автономни области.

САД Расел Воут
Идеолошкиот татко на „Америка на прво место“, Расел Воут, е човек од доверба на ТрампФотографија: Michael Brochstein/ZUMAPRESS/picture alliance

Скепса меѓу американските Евреи

Зад Мајк Хакаби стојат моќни лоби организации како „Христијани обединети за Израел“ со милиони членови. За нив сепак поддршката на Израел не е цел сама по себе, туку повеќе служи на надежта за враќањето на Исус, кого Евреите тогаш исто така треба да го признаат за свој месија. Но, до тогаш Израел ќе биде бојното поле Армагедон од крајот на постоењето, објави претседателот на здружението, Џон Хејги, пред илјадници следбеници во октомври.

Како такви апокалиптични насилни фантазии може да се ускладат со класичните задачи на дипломатијата, е прашање што загрижува многу од Евреите во САД. Речиси половина од нив поддржува решение со две држави - повеќе од која било друга општествена група. Христијанските ционисти пак ги поддржуваат доселениците на Западниот Брег и евентуална анексија на палестинските територии. За време на предизборната кампања, Доналд Трамп неколкупати се пожали на малата поддршка од еврејските гласачи, од кои речиси 80 проценти на крајот гласаа за Камала Харис. Хакаби за „Ол Израел Њус“ рече дека мнозинството Евреи ги отфрлаат неговите ставови. Како амбасадор тој, како што вели, ќе ја застапува политиката на претседателот, кого го гласале 89 проценти од евангелистите (што е претерување - беа „само“ 80 проценти од белите евангелисти).

Мајк Хакаби во Израел
Мајк Хакаби кај израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (архивска фотографија)Фотографија: ßEPA/AMOS BEN GERSHOM/GOVERNMENT PRESS OFFICE/HANDOUT/dpa/picture alliance

Потребно одобрение од Конгресот

За разлика од „христијанскиот воин“ Пит Хегсет, Мајк Хакаби веројатно не мора да се плаши од противење во Конгресот бидејќи многу сенатори и конгресмени се блиски со христијанските ционисти и добија големи донации од нив за време на изборната кампања. Преферираниот кандидат на Трамп за Пентагон, пак, веќе е на удар, но не поради неговото инсценирање како свет воин, туку поради сериозни обвинувања за силување. Пит Хегсет ги отфрла сите наводи, но минатата година на наводната жртва ѝ плати пари за да избегне граѓанска тужба.