1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон: Путин лично ми се закани

ЕМФ / дпа
30 јануари 2023

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон тврди дека рускиот претседател Владимир Путин му упатил лични закани непосредно пред почетокот на војната во Украина.

https://p.dw.com/p/4Mqnj
Борис Џонсон
Борис ЏонсонФотографија: Jeff Overs/PA Media/BBC/dpa/picture alliance

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека рускиот претседател Владимир Путрин лично му се заканил пред почетокот на инвазијата на Украина. „Во еден момент такаречи ми се закани и рече: 'Борис, не сакам да те повредам, но со една ракета би траело само една минута', или така нешто слично“, вели Џонсон во документарна емисија на Би-Би-Си која треба да биде емитувана вечерва (30.01), а пренесува агенцијата ПА.

„Ако се суди според опуштениот тон и релаксираноста која тој се чини ја имаше тој ден, веројатно едноставно си поигруваше со моите обиди да го натерам на преговори“, вели Џонсон.

Поранешниот британски премиер, како и други премиери, правеа обиди непосредно пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година да го одвратат Путин од намерите. Ваквите изјави се дадени во тој период.

Борис Џонсон во јули 2022 година под притисок на неговата партија се повлече од функцијата лидер на британските конзервативци и премиер. Причина за тоа беа т.н. партигејт-афера, односно забавите на Даунинг стрит во време на корона-локдаунот, како и неговиот однос кон скандалите. Предмет на критика постојано беше и неговиот опуштен однос кон вистината.