1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоЕвропа

Борбата за регулација на интернет меѓу Илон Маск и ЕУ

Миле Бошњаковски е консултат за стратешки комуникации
Миле Бошњаковски
28 ноември 2024

ЕУ сака да спроведе регулација на интернет-просторот со цел да ги заштити граѓаните од лажни вести и измами. Но, во таа битка се наѕира еден силен противник: американскиот милијардер Илон Маск. Пишува Миле Бошњаковски

https://p.dw.com/p/4nQal
Илон Маск
Илон МаскФотографија: Evan Vucci/dpa/picture alliance

Сте ги сретнале ли оние објави на Фејсбук и другите социјални мрежи:

„Дојде време да се збогуваме со Петар Пристовски, ова е последното што го кажа!“
Се разбира на местото на името Петар Пристовски, кое го измислив за оваа колумна, стојат вистински имиња на многумина јавни личности, политичари, глумци, пратеници, па дури и најновиот вид на интернет-селебрети или инфлуенсери.

Овие објави кај големиот дел од јавноста предизвикуваат згрозување и гнев, но истите добиваат на интензитет наместо да престанат да се шират. Зад овој вид лажни објави најчесто стои борбата за „клик“ или брза заработка на одреден производ се разбира преку сосема погрешна стратегија за негова промоција на интернет. Меѓу останато токму ваквите и слични објави се една од причините поради која Европската Унија донесе одлука да спроведе регулација на интернет-просторот со првенствена намена – заштита на своите граѓани преку тоа што ќе го направи интернет-просторот побезбеден, потранспарентен и поправеден. Во Европската Унија, со почеток од февруари 2024 година на сила е Законот за дигитални услуги (Digital Service Act) со кој се поставени нови правила за заштита на корисниците и за одговорност на големите интернет-платформи. Дополнително, хибридната војна на Русија против Западот на интернет е нешто кое очигледно им зададе многу главоболки во Брисел така што со овој закон се штитат и од нападите со дезинформации, креирање лажни вести и креирање на недемократско јавно мислење во нивните земји од страна на московските хакери.

На прва, законот и идејата звучат одлично- ќе се заштитат граѓаните на ЕУ од дезинформации, но и од интернет-измами. 

Противникот на ЕУ  

Проблемот е што противникот на Европската Унија овој пат има звучно име и се вика Илон Маск, кој покрај тоа што е сопственик на една од најголемите интернет-платформи – Икс (поранешен Твитер), многу скоро ќе започне да извршува и државна функција и тоа во Куќата во која е концентрирана веројатно сè уште најголемата политичка моќ на земјава односно Белата куќа во Вашингтон. Илон Маск како што е веќе јавно објавено ќе го води Одделот за владина ефикасност во администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. 

Пред да го објасниме судирот на релација Маск – Брисел и влијанието на Македонија во истиот, да укажеме на тоа што точно се уредува со законот или што тоа бараат „бирократите“ од Брисел од големите интернет-платформи:

            Да има функционален и сериозен механизам за заштита на корисниците. Или платформите мораат да имаат системи за побрзо отстранување на нелегална содржина и производи (како штетни производи или лажни информации). Исто така, мора да овозможат корисниците лесно да пријавуваат ваква содржина.

            Поголема транспарентност. Платформите мораат јавно да објаснат како работат нивните алгоритми, на пример, зошто се прикажуваат одредени реклами или објави.

           Зголемени мерки за приватност. Реклами базирани на чувствителни податоци како на пример расна припадност, верска определба или политичко убедување да бидат ограничени, а да се зголемат и  да станат построги правила за рекламирање на деца.

            ЕУ бара да постои одговорност на големите платформи. Ова значи дека Фејсбук, Гугл, Икс,  Амазон и другите ќе мора да спроведуваат проценка на ризик за влијанието на нивните платформи врз општеството и редовно да доставуваат извештаи до ЕУ.

            И, на крај казни за непочитување на новите правила. Компаниите што не ги почитуваат правилата може да се соочат со казни до 6% од нивниот глобален годишен приход.

Чичко Илон Маск се вознемири сериозно од сè ова и рече дека Европската Унија прави цензура и го спречува правото на слобода на говор! Неговата реакција е одговор на информациите од ЕУ дека е отворена истрага врз основа на Законот за дигитални услуги против Икс. Според првичните наоди Икс не успеала ефикасно да се справи со дезинформации, нелегална содржина на платформата, дезинформации како и говор на омраза.

Дополнително, според Брисел, Икс свесно ги носи во заблуда корисниците со контроверзниот платен систем за верификација на таканаречените „сини чек тикчиња“, дека не им овозможува пристап до податоци на академските истражувачи, како и немање на јавен рекламен регистер. Тоа што особено е загрижувачко прекршување од страна на Икс, според ЕУ, е моментот дека мрежата станала центар за дезинформации особено по вториот геополитички конфликт после војната во Украина односно судирот меѓу Хамас и Израел. 

„Обид за цензура“  

По објавувањето на овие информации, следува одговор на Илон Маск кој ја обвини Европската комисија дека истрагата против Икс е всушност „притисок и обид за цензура“ на неговата мрежа и дека му бил понуден  од страна на Комисијата да потпише „илегален таен договор“ со кој тој не би бил парично санкциониран, но Икс да се обврзе на цензура на, според него, слободата на говор која постои на неговата платформа!

Тоа што треба да го знаеме дека покрај Икс на Маск, под истрага се и АлиЕкспрес, Мета (Фејсбук и Инстаграм) и ТикТок.

Истрагата е сè уште во тек и под лупа на Брисел се и механизмите на Икс за неговата „борба“ против говорот на омраза и пласирање на дезинформации или манипулативни информации. Така што можната мултимилионска казна за Илон Маск виси некаде меѓу небото на Европа и неговиот Старлинк веројатно „чекајќи го Годо“.

Многумина во Европа го видоа „Годо“ во активностите на комесарот за внатрешниот пазар на ЕУ, Тиери Бретон кој беше веројатно најгласниот во предупредувањата кон Илон Маск.

Еврокомесарот му испрати јавно писмо на Илон Маск со предупредување дека мора да биде во линија или во согласност со Законот за дигитални услуги на ЕУ и директна закана за времени мерки кон Икс доколку не го стори тоа. Писмото, комесарот Бретон го испраќа во август и тоа еден ден пред двочасовното интервју на Илон Маск со тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп кое, се разбира, се емитува во живо на Икс. Тоа што Бретон очигледно не го очекувал е дека неколку дена подоцна портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста јавно ќе објави дека ниту претседателката Урсула фон дер Лајен ниту останатите лидери во Комисијата немале никаква информација за писмото на Бретон. 

Но, работите добиваат интересен твист и Тиери Бретон навистина, на некој начин, станува „Годо“, односно поднесува оставка на 16 септември оваа година, според објавеното, незадоволен од распределбата на моќните комесарски позиции, што е причина која „нема“ допирна точка со неговиот отворен конфликт со Маск.

Истиот ден Линда Јакарино, главната извршна директорка на Икс, објавува дека оставката на комесарот Брентон е „добар ден за слободата на говор“, а малку подиректен во реакцијата е нејзиниот шеф Илон Маск кој му ја посветува следнава објава на Брентон: 

Моќта на информациите  

И, сега да го објаснам моментот од насловот заради кој до овде ја читавте колумнава, односно за тоа дека Македонија ќе биде пресудна во борбата на Европската Унија и Илон Маск или можеби сега неговиот шеф Доналд Трамп.

Знаете дека перцепциите на старо-новиот претседател на САД за тоа што се лажни вести, наспроти тоа што се дезинформации, малигни интернет-влијанија или што е тоа слобода на говор, а што говор на омраза, се исклучително различни од оние на неговиот претходник Џо Бајден и неговата администрација. Така што ќе биде исклучително интересно да се следи развојот на оваа борба за „регулација на интернетот“. Тоа на што ќе сведочиме во првите шест месеци во 2025 година ќе биде првиот отворен конфликт на Европа и новиот Вашингтон или имам чувство дека можеби Брисел ќе се повлече некако тивко!

Да не заборавиме повторно за насловот и влијанието на Македонија. Да објаснам. Се разбира дека тоа не постои воопшто и Македонија ниту е, ниту ќе биде фактор во таа војна! Македонија е дел од земјите на Западен Балкан и како таква директно не е засегната од Законот за дигитални услуги на ЕУ. Но, сепак како земја аспирант за членство ќе мора да ја следи регулативата на Брисел доколку остануваме на тој пат.

И, уште еднаш подиректно да го појаснам насловот! Тој се разбира е класична лажна вест или дезинформација со цел да го добијам вашето внимание да ја прочитате колумнава и да ве потсетам колку се моќни информациите, па дури и кога се лажни и штетни.

Да се извинам на крај за мојата итроштина со лажниот наслов, но сепак истата не е премногу штетна за вас. Сè што ви одзема се добри 8 минути читање.

 

Миле Бошњаковски е консултат за стратешки комуникации
Миле Бошњаковски Миле Бошњаковски е консултат за стратешки комуникации