1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бислимоски: Неправедно ме напаѓаа во екот на кризата

ДТЗ
12 декември 2022

„Особено бевме напаѓани за цените на нафтените деривати, па дури бев залепен на плакати низ Скопје како најголем криминалец“, вели Марко Бислимоски, кој побара извинување поради добрите резултати на РКЕ.

https://p.dw.com/p/4Kori
Марко Бислимоски РКЕ
РКЕ петта година по ред е оценета како најдобар регулатор од Секретаријатот на енергетска заедницаФотографија: DW/K. Delimitov

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) петта година по ред е оценета како најдобар регулатор од Секретаријатот на енергетска заедница. Во Годишниот извештај за 2022 година РКЕ е прогласена за најдобар регулатор, заедно со регулаторот на Црна Гора и Грузија со 80 проценти спроведени реформски процеси. 

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека биле мета на критики и постојани напади во екот на кризата, па дури и се чувствувал како најголем криминалец, бидејќи го лепеле на плакати низ Скопје, поради што побара извинување, бидејќи позитивни резултати докажале дека македонскиот регулатор е на ниво на регулаторите од ЕУ. 

„Особено бевме напаѓани за цените на нафтените деривати, па дури бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата. И тогаш кажував дека тоа се лажни вести“, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Во Годишниот извештај за 2022 година на Секретаријатот на енергетската заедница, заедно со РКЕ како најдобар регулатор се рангирани и телата во Црна Гора и Грузија со 80 проценти спроведени реформски процеси. Тие се прворангирани во конкуренција на регулаторите од: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина.

Забелешки

Но, во извештајот се нотираат и одредени забелешки - од РКЕ се бара да се ослободи од гломазните процедури за вработување кадри, како и забелешките за мешањето во работата од страна на Народниот правобранител.

Енергетска заедница како проблематични ги посочува сложените постапките за нови вработувања поради потребата за одобрување на годишниот план за вработување од страна на надлежните институции и барањето за спроведување на долготрајни постапки за избор. Дополнително во Извештајот е потенцирано како загрижувачко мешањето на Народниот правобранител во независната работа на Регулаторот во поглед на начинот и висината на одредувањето на тарифите. 

Колку ќе поскапи струјата?

Бислимоски на денешната прес-конференција најави дека за околу две недели ќе се знае новата цена на струјата. „Да видиме по која цена ЕСМ ќе понуди на ЕВН хоме. Во моментов таа цена е 48 евра за мегават час, која е далеку пониска отколку што е реалната цена на ЕСМ. Понатаму, треба да видиме колку ќе бидат трошоците за загуби на електрична енергија, односно цената која што ќе се понуди на тендерите кои што ги распишаа МЕПСО и ЕСМ“, вели тој.

Првиот човек на РЕК најавува дека блок тарифите ќе останат и наредната година, со оглед на тоа дека дале добри резултати. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема