Безбедноста на Германија не е приоритет за Трамп
28 ноември 2024Непредвидливоста на Доналд Трамп ги загрижува германските политичари. Дали повторно остро ќе ја критикува Германија, како во првиот мандат? Дали ќе се побуни против НАТО, особено неговите европски партнери, или дури и ќе се закануваат со напуштање на алијансата?
Сето ова е тешко да се процени и сето тоа предизвикува одредена доза на нелагодност во Берлин. Кога сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бeрбок му понуди на Трамп „партнерство и пријателство“ по неговата изборна победа, тоа беше и израз на желба за сигурност во тешки времиња.
НАТО ѝ е неопходен на Германија
Малку кој се сомнева дека германско-американските односи почиваат на цврсти темели - и од оваа и од другата страна на Атлантикот. Демократскиот претседател Џо Бајден секогаш нагласувал дека САД ќе ја бранат „секоја педа од територијата на НАТО“ во случај на напад.
Тоа беше смирувачка гаранција за европските членки на НАТО. Во случај на конфликт, Германија, со само 180.000 војници и несоодветно опремен Бундесвер, би била суштински зависна од заштитата на воениот сојуз.
Сепак, под Републиканецот Доналд Трамп, ќе почнат да дуваат различни ветришта отколку во времето на убедениот трансатлантичар Бајден. Не само што Европа игра само споредна улога во геополитичкото разбирање на светот на Трамп, далеку зад Кина и Индо-Пацификот, туку Трамп, исто така, ја гледа одбраната на Европа првенствено како европска задача, а не како американска.
Европа мора да вложува повеќе во сопствената безбедност
Во моментов, САД го плаќаат лавовскиот дел во НАТО, обезбедувајќи најголем дел од војниците и клучните способности во извидувањето и логистиката. Трамп, кој често го опишуваше членството во алијансата како прескапо за САД, може во голема мера да го намали тој ангажман.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус итно реагираше: „Ние Европејците мора да направиме повеќе за сопствената безбедност“. Мора да дојдеме до правична распределба на товарот“, изјави тој по изборната победа на Трамп - и ги покани колегите од Франција, Полска, Велика Британија и Италија на состанок на кој ќе се разговара за одбранбената способност на Европа.
Подобрувањето на одбранбената способност на Европа по изборот на Трамп изгледа поитно од кога било. А Германија би можела да игра водечка улога во тоа. Но, таа моментално се соочува со владина криза која најверојатно ќе доведе до предвремени избори на 23 февруари. Безбедносните експерти долго време бараат Европа да може да спроведува воени операции без САД.
Кога станува збор за Трамп, за него станува збор за многу за пари, за „зделки“. Тука сè може да биде адут во преговорите. Овој стил на политика веќе го одбележа неговиот прв мандат (2017-2021). Дури и тогаш, тој редовно се потсмеваше на, според него, премногу ниските германски трошоци за одбрана. Германија му должи на НАТО „огромни суми“, тврдеше Трамп - на што тогашната канцеларка Ангела Меркел реагираше иритирано.
Заштита само ако се одвојат пари?
Треба да се очекува дека Трамп повторно ќе го покрене прашањето за издвојувањата за одбраната. На тоа алудираше во предизборната кампања. Секој што нема да ја исполни „целта на НАТО од два процентa“ - односно, кој не инвестира најмалку два процентa од својот БДП во одбраната - нема да биде заштитен од САД, рече Трамп, придружен со аплауз од неговите поддржувачи.
Експертката за безбедност Улрике Франке од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, смета дека таквите изјави се опасни: „Тоа само по себе неизмерно го поткопува НАТО, бидејќи довербата во НАТО се заснова на верувањето дека другите сојузници ќе прискокнат на помош“, изјави Франке за ДВ.
Поранешниот главен стратег на НАТО, Штефани Бабст, исто така е загрижена од вториот мандат на Доналд Трамп: „Трамп не го гледа НАТО како сојуз на вредности, туку како здружение кое дава услуги." Кој плаќа, тој добива заштита - таков став е навистина отров за НАТО, смета Бабст и оценува дека рускиот претседател Владимир Путин на крајот има корист од раздорот во Алијансата.
Ќе се отвори дупка во германскиот буџет за одбрана?
Дали Германија, како наводен „задоцнет плаќач“, исто така би можела да не ги исполни ветувањата за заштита на новата американска администрација - и покрај американското нуклеарно оружје стационирано таму, кое служи како нуклеарно одвраќање?
Оваа година, за првпат по неколку децении, германската влада потроши два отсто од бруто домашниот производ за одбрана - со тоа исполнувајќи ја доброволно преземената обврска како членка на Алијансата. Но, тоа беше можно само благодарение на еднократниот, т.н посебен фонд (всушност ново задолжување) од сто милијарди евра за Бундесверот, кој владата го стави на располагање по рускиот напад на Украина.
Сепак, средствата од тој фонд ќе се потрошат во 2026 или 2027 година. Задачата на новата германска влада затоа ќе биде трајно да го зголеми буџетот за одбрана. Во спротивно, Германија би можела повторно да падне под два отсто од вложувањата и да се изложи на критики од нејзините сојузници. За време на неговиот последен мандат, Трамп дури се закани дека ќе повлече некои американски војници стационирани во Германија - како „санкција“ за, како што сметаше, недоволните издвојувања за одбраната.
Постои закана за прекин на американската поддршка за Украина
Друго прашање што ги загрижува Европејците е воената помош за Украина. Досега најголем донатор се САД, а потоа Германија. Изјавите на Трамп на оваа тема предизвикуваат стравувања дека тој нема да му пружа и натаму помош на Киев.
Експертката за безбедност од Берлин, Улрике Франке, се сомнева дека Европејците би можеле да го надоместат тој недостаток на американски средства. Парите, вели таа, се помалку проблем отколку набавката на оружје. „Според мене, навистина голем проблем е воената опрема. Ги испразнивме нашите арсенали во последните две и пол години. Она што не го направивме во доволна мера е да го изградиме нашето производство“, вели таа. Иако Германија значително го зголеми производството на оружје од почетокот на војната во Украина, тоа започна од ниско ниво, на пример во производството на муниција.
Каков „договор“ ќе му предложи Трамп на Путин?
Иритација во Германија предизвика гласната најава на Трамп дека ќе ја заврши војната во Украина „за 24 часа“. Можно е Трамп „да направи некаков договор со Путин - а Европејците не се доволно обединети и не се навистина во позиција да го отфрлат тој договор“, вели Франке за ДВ. За неа тоа е „хорор сценарио“.
Ако Трамп се обиде да се договори со Владимир Путин, Украина најверојатно нема да биде на преговарачка маса, а нема да биде ниту Европа - само што никој нема да сака да прифати да биде исклучен, оценува Томас Клајн-Брокхоф, директор на германската тинк-тенк организација Совет за надворешни односи. Затоа, предлага тој, големите европски земји треба да формираат контакт група со Украина за да ги истражат условите за прекин на огнот пред Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.